Бесилки со громобран

08.06.2017 23:11
Бесилки со громобран

* * *

Ја изучував хипохондријата и многу уживав во тоа! Според моето мислење, хипохондријата е посебен дар од секое случување во животот, што и да е тоа, да се извлече најголемата можна количина отров за сопствена употреба.

* * *

Тука каде што е, овој човек не го донесе силата на сопствениот ум, туку силата на ветерот.

* * *

Беше еден од оние кои секогаш сакаа да направат нешто подобро од она што се бара од нив. Таа особина кај слугата е одвратна.

* * *

Најмногу што еден просечен дух може да постигне е да развие талент за откривање на слабостите кај подобрите од себе.

* * *

Човекот сака друштво, макар тоа било и друштвото на една обична запалена свеќа.

* * *

Има луѓе кои не можат да донесат ниту една одлука пред ноќта да им додели совет. Тоа е добро, но човекот така ризикува да стане заробеник на самиот себе и на својата постела.

* * *

Тој човек имаше толку интелигенција што не беше добар речиси во ништо друго.

* * *

До сите свои откритија дојде на истиот начин на кој дивите свињи и ловечките кучиња ги откриваат изворите на солена и минерална вода.

* * *

Нема ништо поконтрадикторно од оваа ситуација: човек презема претерани мерки на претпазливост за да спречи некаква несреќа и го прави токму тоа што е потребно за да ја привлече несреќата. Од друга страна, кога не би размислувал за ништо, би останал безбеден. Таков е случајот кога некој ќе скрши скапоцена вазна, поместувајќи ја од местото на кое мирно стоела последните шест месеци, а сето тоа само поради страв дека вазната еден ден ќе се сруши.

* * *

Да живеат луѓето кои имаат коњски нерви!

* * *

Се изненади кога виде дека мачкината кожа е продупчена на две места - на местата кај што се очите.

* * *

Ако исцртате мета на портата од својата градина, можете да бидете сигурни дека некој ќе пука во неа.

* * *

А: Зошто не му помогнеш на својот тест?
Б: А зошто би му помогнал?
А: Затоа што е сиромашен.
Б: Да, но тој е голем работник, а јас не сум доволно богат за да направам мрзливец од него.

* * *

Долго размислував, филозофијата на крајот ќе се изеде самата. Метафизиката веќе одамна го направи тоа.

* * *

Им даде имиња на двете свои папучи.

* * *

Сè би дал да можам да дознаам за кого всушност се направени сите оние подвизи за кои јавно е речено дека се направени за татковината.

* * *

Ако знам нешто за генеалогијата на Госпоѓата Наука, сигурен сум дека Незнаењето било нејзина постара сестра. Па има ли нешто поиритантно од тоа некој да ја избере постарата сестра, кога му се нуди помладата? Од сите кои ја запознале дотичната постара сестра сум чул дека тоа е една симпатична дебелка девојка која има некаков свој шарм, а одлична сопруга е токму затоа што повеќе спие отколку што е будна.

* * *

Би било извонредно да се осмисли нов вид веронаука, или уште подобро, план за луѓето избрани за пратеници да можат да се претворат во некој вид дабари. Не знам кое животно би било посоодветно. Дабарот не каса освен ако не го нападнеш, вреден е, исклучително верен на партнерот, вешт занаетчија и има одлична кожа.

* * *

Бесилки со громобран.

* * *

Извор: Andre Breton, Anthologie de l'humour noir
Превод: Иван Шопов
Слики: Billy Shire

Георг Кристоф Лихтенберг (1742-1799), германски научник и сатиричар. Тој е првиот научник кој држел предавања посветени на експерименталната физика во Германија. Спаѓа меѓу најценетите германски сатиричари на 18-от век. Во своите дела, често ги исмевал научните теории на своите современици, што го вовлекло во многу контроверзи.

ОкоБоли главаВицФото