Билјана Петровска Исијанин е добитник на наградата „Ладислав Баришиќ“ за 2017

09.06.2017 00:31
Билјана Петровска Исијанин е добитник на наградата „Ладислав Баришиќ“ за 2017

Здружението на ликовни критичари AICA Македонија по четврти пат ја доделува наградата „Ладислав Баришиќ“ за предлог истражувачки проект од областа на ликовната критика.

Годинешниот добитник на наградата е Билјана Петровска Исијанин со предлог истражувачки проект насловен „Такси“.

Tричленото жири во состав Нада Пешева, Јованка Попова и Мира Гаќина (историчарки на уметноста) по разгледувањето на предлозите одлучи дека предметниот проект на Билјана Исијанин заслужува да биде издвоен и награден со годишната награда за уметничка критика, „Ладислав Баришиќ“.

Спротивстувавувајќи им се на институционалните поимања за улогата на ликовната критика и дефинирањето на чинот на дејствување на уметникот, Билјана Петровска Исијанин предлага истражување кое има за цел да го испита односот преку опозиционирање на препознатливите општествено прифатени институционални уметнички активности наспроти стандарди кои се противат на унифицирањето на уметноста.

Комисијата, разгледувајќи го предлог-концептот, заклучи дека истражувачкиот проект нуди можност за нови социо-културолошки поимања на уметноста денес и улогата на ликовниот критичар кој поседува потенцијал да влијае на перцепцијата за уметничкото дело кое наместо ексклузивно треба да е инклузивно и партиципативно во однос на секојдневието.

Комисијата е на мислење е дека предлог-концептот на Исијанин ги исполнува целите на објавениот повик за доделување на наградата Ладислав Баришиќ и дека нуди иновативен приод во теориското истражување на поимањето на уметноста во Македонија.

 

Билјана Петровска Исијанин (1965) живее и работи во Битола како независен куратор и ликовен критичар. Дипломирала 1989 година на катедртата за Историја на уметноста со археологија при Универзитетот Свети Кирил и Методиј, магистрирала 2013 година на студии на културата при Универзитет Евро-Балкан. Основач е и уметнички директор на меѓународниот фестивал на видео и фотографија СТАВ во Битола, како и основач и раководител на центарот за современи јавни уметности „Елементи“ Битола. Во 2005 и 2006 била куратор на програмските активности на галеријата МАГАЗА во Битола. Има организирано и работено на бројни кураторски проекти од областа на современите уметности и уметнички практики. Исто така таа има издадено две книги: Субверзивни дејствувања од Ulay do Banksy, 2015 и Монографија за 20 години дејствување на Елементи-документи 1992-2012, како и стручни текстови и ликовна критика во меѓунардни публикации.

Наградата „Ладислав Баришиќ“ за Предлог истражувачки проект од областа на ликовната критика има за цел да понуди можност за промислување на третманот и позициите на ликовната критика денес и на критичкото пишување за појавите и тенденциите во современите визуелни уметности и теоријата на уметноста кај нас. 
 
Недостатокот од пишана критика и потребата од афирмација на критичко делување во контекст на современата уметност, е основниот поттик за овој конкурс. Конкурсот е отворен за проекти кои ликовната критика ќе ја препознаат како практична дисциплина која теориски ја интерпретира тековната уметничка продукција и иницира нејзина артикулација во контекст на современите уметнички продукции.
 
Оттука, наградата го носи името на Ладислав Баришиќ (1941-1991), ликовен критичар и историчар на уметност, кој во рамките на ликовната публицистика беше активен во периодот од 1972 до 1986. Тој е автор на текстови во кои критичарскиот став кон одреден културен настан се одликуваше првенствено со отпор кон априорното мислење својствено за догмите на времето во кое создавал.