На здравје вода затруена од несовесност и неорганизираност!

09.06.2017 02:00
На здравје вода затруена од несовесност и неорганизираност!

Македонија се смета за земја со генерално чисти природни извори, меѓутоа искуствата со водоснабдувањето укажуваат дека години наназад до жителите од некои средини се дистрибуира прилично неквалитетна вода, без потребната стандардизација. Некаде се забележува кафеавкаста или жолтеникава боја во чаша, а во други општини со часови/денови чекаат да потече што било од чешмата.

Несоодветен механизам за прочистувањен на водата, несовесно работење, неорганизираност, незаинтересираност на општинарите и претпријатијата… За рестрикциите или загадувањето има повеќе причини. Долга е листата. Истовремено, долга е листата и на реакции од локалните жители и активисти, кои бараат конечено да се реши овој проблем, да знаат што пијат и за што плаќаат месечни сметки.

Кралот на отровите и отровот меѓу кралевите ги труе жителите на Гевгелија

Арсенот е 20-тиот елемент по застапеност во Земјината кора. Првпат е документиран во 1250 година, а со текот на вековите најде најразлични примени во медицината, во сегменти од градежништвото, па и во уметноста. За импресионистите арсенот бил состојка на една посебно ценета боја – паришката зелена. Дијабетесот што се развил кај Пол Сезан, слепилото на Клод Моне и невролошките нарушувања кај Ван Гог се дел од приказните за широката „благотворна“ употреба и последиците од арсенот.

Неговата токсичност го направи омилен дворски отров, со симптоми слични на колерата, а подоцна често се користел и во политички цели. Се верува дека од арсен умреле Франческо Први Медичи и неговата жена, кралот Џорџ Трети, истражувачот на Африка Чарлс Френсис Хол, но и американската амбасадорка во Италија по Втората светска војна Клер Бут Лејс. Постојат и приврзаници на теоријата за слична смрт и на императорот Наполеон Бонапарта на островот Св. Елена.

И денеска е познат како отров меѓу кралевите и крал меѓу отровите. Арсенот е распространет по балканските почви, па со време е развиен т.н. балкански ендемизам на бубрежни болести. Арсенот е различно токсичен во храната, воздухот и водата. Секој хемичар, научник и доктор веднаш предупредува за неговото отровно влијание и долгорочните здравствени ефекти кај луѓето.

Оттука, не е чудно што е подгреана лутината на граѓаните на Гевгелија, кои со години пијат вода со недозволено високи концентрации на арсен. Со ваквата ситуација се роди иницијативата „Арсена“. Тие велат дека нивото на отровниот металоид го проверуваат квартално со анализи извршени во меѓународни лиценцирани лаборатории, по стандарди признаени од ЕУ.

„За жал, нашите последни анализи на примерок вода од градската водоводна мрежа укажаа дека освен Гевгелија со арсен во водата се трујат и жителите на селата Богородица и Моин. Во периодот од јануари до април годинава утврдените концентрации на арсен во водата се движат од 18 микрограми арсен на еден литар вода во водоводот во Гевгелија, до 17,7 μg/1L во Моин и 16,9 μg/1L во пограничното село Богородица. Тоа е 70 до 80% повеќе од дозволената граница според Светската здравствена организација. А, науката вели дека секоја хронична изложеност на арсен преку водата, или храната, подолго од шест месеци е ризично по здравјето на човекот, со можна појава на кожни манифестации-арсеникоза, која преминува во рак на кожа, или некој од видовите канцерогени заболувања.

После 4 години и осум месеци од забраната за употреба на водата од градскиот водовод во Гевгелија изречена од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ние да констатираме присуство на висока концентрација на отровниот металоид – арсенот во водата е доказ само на едно – дека јавното комунално претпријатие во Гевгелија не ја почитува забраната за употреба на водата од бунарите кај Моин со Решение на АХВ од септември 2012 година. Точно 4 години и осум месеци ‘Комуналец’ испорачува загадена вода спротивно на Законот за води и Правилникот за квалитет на вода на РМ, што е казниво според Кривичниот законик“, велат за Радио МОФ од „Арсена“.

Според активистите, ваквата неодговорност рамо до рамо со гевгелиски „Комуналец“ треба да ја сподели и Советот на општината кој како основач на јавното комунално претпријатие не потрошил ниту една точка на седница на Советот за мерки за здравствена заштита на граѓаните од небезбедната вода. Тежината на одговорноста, велат тие, е дотолку поголема што целиот мандат го потрошиле „во негирање на присуството на арсенот, негирање на резултатите од анализите на вода, негирање на референтноста на лабораториските институции“.

„Наспроти тоа, локалната власт годинава најави почеток на проект за ископ на нови бунари кај Вардар, во месноста Мрзенци. Иако не споменуваат ништо за арсенот, сметаме дека ова е одговор на заложбите на Граѓанската иницијатива за обезбедување на една од мерките за спас од арсенот што ги препорачува ЈЗУ Институт за јавно здравје на РМ, а тоа се – или обезбедување нови извори за водоснабдување на Гевгелија и корисниците од градскиот водовод, или набавка на деарсенификатор. Засега, Општината не даде известување со каков квалитет и концентрација на арсен се бунарските води кај Вардар, за кои сè уште не започнале ископувањата, но претпоставуваме дека се извршени примарни мерења за квалитетот на водата. Ако проектот носи само воден квантитет, а не и квалитет, тогаш ќе го актуелизираме барањето за набавка на деарсенификатор за бунарите кои ги користи водоводската мрежа во Гевгелија“, дополнуваат од „Арсена“.

Барањата на активистите од локалните и централните власти се во насока за обезбедување чиста вода за пиење за Гевгелија и шестте населени места приклучени на градскиот водоводен систем, заедно со уште три индустриски зони во градот. „Арсена“ не очекува признание од Општината дека „новиот проект за бунарите кај Вардар поддржан од Светска Банка и ИПА програмата за рурален развој се одговор на нивните заложби, но очекуваат истиот да биде завршен, а не празна приказна како најавените бунари во февруари 2014“.

„Гевгеличани заслужуваат чиста вода за пиење, а не нови предизборни лаги“, констатираат од „Арсена“.

Радио МОФ очекува одговор за прашања за водата и од Гевгелија. Општината досега најавуваше неколку проекти за справување со арсенот, бунари, нов проект за водоснабдување… Повеќе пати општинарите обвинуваа и дека се работи за политички монтиран случај од „Арсена“, за која рекоа земала пари од Сорос за да го руши угледот на Гевгелија. Градоначалникот Иван Франгов уверуваше и на добиени анализи од Белград кои покажале дека 90 проценти од арсенот во гевгелиската вода е петтовалентен и е 60 пати помалку штетен по здравјето на луѓето од тровалентниот, па тврдеше дека нема простор за реакции и паника.

Инаку, и реномираниот професор Трајче Стафилов од Институтот по хемија на неколку пати алармираше за арсенот во Гевгелија. Историски гледано, според Стафилов, присуството на арсенот во гевгелиско потекнува од вулканската ерупција што пред 5 милиони години настанала на месноста Алшар. Кога избила максимална арсенизација, под притисок се дистрибуирале минералите на арсен низ целиот Кожувски масив. Показателите се слични и преку границата, на грчко тло, но тоа не значи дека не треба да се реагира и да се спречи труење или развивање болести.

Сомнителна вода, сомнителни директори и сомнително претпријатие во Струга

Не е тајна дека стружани со години пијат сомнителна, неисправна вода, се појавуваат пропусти при водоснабдувањето. Се случува и насред сезона, за време на најголемите жештини, Струга да остане без вода за пиење. Тоа знае да трае со денови, недели.

Активисти неколку пати побараа некаква реакција од централната, или пак од локалната власт која е надлежна за проблемот. Беше укажувано на диви приклучоци кои питката вода ја користат за вадење насади. За местото Шум, пак, каде е главнaта станица со базени од струшкиот водовод, беше алармирано за изграден рибик на заштитен „командант“ концесионер, кој постојано си проширувал и доградувал. Со рушење на земјиштето, тврдеа активисти, доаѓа до големи проблеми – на моменти пијат каллива вода.

Здружението „Каприкорн 2000“ сега вели дека во Струга е актуелна продажбата на досегашните канцеларии на водоводното претпријатие „Проаква“, со што се создаваат поголеми долгови за кирија. Моментално, велат, може да се санираат некои стари долгови, минорни, меѓутоа на подолг рок ќе се направи поголема штета.

„Во овој случај шпекулативно, бидејќи немаме документи со сигурност да се тврди, се случи продажба и на оној дел од канцелариите кој што го имаа претпријатието на атрактивно место, за ниски цени. Трагедијатата да е уште поголема, сега треба да се под кирија во самиот објект, каде што беше претпријатието. Значи да плаќаат кирија за истите канцеларии. Но, од тие средства не се вложува во подобрување на квалитетот на водоводната мрежа, туку се покриваат некои стари долгови“, велат од „Каприкорн 2000“ за Радио МОФ.

Според Здружението, продолжуваат проблемите со притисокот со вода. И со големите сметки за струја за наплата…

„Квалитетот на водата е катастрофален. Жалосно е, бидејќи Струга имаше најдобар квалитет на водата на времето, најдобри извори. Не е од езеро, не е од Дрим. Планинска вода, имаме извори, но квалитетот е доста лош. Со тоа што, кај што се изворите се прават дополнителни ископи за приватни објекти и со тоа со се заматува водата и се влошува квалитетот“, потенцираат од Здружението.

Долги години извештаите од полицијата укажуваат дека МЈП „Проаква“ има проблеми и со директорите. Пред две години беше назначен директорот Аќиф Ајро, по кој имаше, и сè уште е објавена потерница од Интерпол. Ајро призна дека е „лицето од потерницата“, но не виде „опасна ситуација“.

Рестроспективно, настрана од Аќиф Ајро, во последните 7-8 години беа регистрирани повеќе контроверзии и недоумици врзани за водоводното претрпијатие. И тоа на грбот и здравјето на граѓаните, кои очекуваат квалитетна питка вода кога плаќаат месечни сметка за ваква услуга. Наместо тоа, локалното население по полициските билтени можеше да прочита сомневања дека раководителите на „Проаква“ со години ја злоупотребувале положбата, правеле разни финансиски малверзации.

Меѓу другото, поднесена кривична под сомнение дека некогашниот директор Бранислав Трпчески на 23-ца вработени, прогласени како вишок им исплатил 60 плати, како и по 8 илјади денари еднократна помош од сметка на претпријатието. Ваит Ајро заработи пријава и за злоупотребување на положба кога отуѓил неколку возила – од купувачите не биле уплатени парични средства на сметка на претпријатието. Дополнително, постојат сомневања дека го оштетил струшкото претпријатие за 523.500 денари, кога во 2012 и 2013 со казнено-поправниот дом од Струга склучил договор и привремено ангажирал осум затвореници за „Проаква“. За секој затвореник наплатил дневница од 500 денари, а тие најчесто не се појавувале на работно место.

Директорот Верим Каба, пак, полицијата го сомничеше дека со своето однесување и со неизвршување на должноста директно придонел за загадување на водата од струшкиот водовод, чија употреба надлежните ја забранија сред туристичката сезона.

Населението слушаше и за финансиски загуби, за доцнење на платите на работниците и најави за судски блокади на „Проаква“, кои многу често беа повод за партиски препукувања во Струга, а паралелно и во Охрид. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се обвинуваа на традиционална тема „Кој во свое време на владеење повеќе го заглавил Проаква“.

Градоначалникот Зијадин Села, сега пратеник во Собранието, за случувањата поврзани со претпријатието, па и за квалитетот на водата често обвинуваше и тврдеше дека е опструиран од ДУИ и од претходната централна власт воопшто.

Неготино е град со рестрикции за вода… и со нова јавна фонтана од 60.000 евра

На плоштадот во Неготино, градот познат по квалитетната ракија, но и по деценискиот проблем со рестрикции на вода, неодамна започна изградбата на фонтана која граѓаните ќе ги чини 60.000 евра. Фотографии од разурнатата стара фонтана, на чие место ќе се гради новата, предизвикаа лавина коментари на социјалните мрежи.

Како што веќе пишуваше Радио МОФ, според дел од граѓаните ова е крајно непотребна инвестиција. За градоначалникот Ванчо Апостолов, пак, овој објект нема врска со водоснабдувањето и ќе го разубави плоштадот, според него доста празен. Од СДСМ Неготино рекоа дека оваа инвестиција доаѓа во услови кога општината има сериозни долгови, а отсуствуваат и поголеми инвестиции. За нив е несфатливо зошто се гради нова фонтана при веќе постоечката, која порано функционирала нормално.

„Водомила“

„Длабоко во 21 век, во центарот на Македонија, негрижата на властите предизвикува апсурдна ситуација, каква што веројатно нема ниту во земјите од третиот свет: жителите на Богомила се принудени да ги пијат сопствените фекалии. Водата од селскиот водовод со години е бактериолошки неисправна, а богомилчани ја плаќаат како да е чиста. Но, група млади активисти од селото не се помируваат со ова и ја предводат борбата за чиста вода“.

Вака гласи најавата за трејлерот на петтата епизода „Водомила“ од документарниот серијал „Видеоскоп“. Дечките од „Кадар“ евидентираат апсурден проблем со нечиста вода од Богомила, село-симбол за чист македонски живопис заграден од Јакупица, Даутица и на југ со планината Бабуна, лежејќи на бреговите од реката Бабуна.

Центрите за јавно здравје со алармантни испитувања за водите низ земјава

Минатото лето со брзина на светлината се проширија вестите за фекалните бактерии пронајдени во резервоарите за вода на Попова Шапка. Испитувањата на Центарот за јавно здравје покажаа неисправна вода со присуство на ешерихија коли. По однос на физичко-хемиските параметри резултатите беа одлични. За небезбедната вода споменат човечки фактор, односно (не)одржување на резервоарите.

Ако некој лани летото побараше прибежиште во убавините на НП „Пелистер“, ќе требаше да си понесе вода за пиење. Во екот на туристичката сезона вода за пиење немаше, бидејќи не беше бактериолошки исправна, согласно анализите на Центарот за јавно здравје од Битола. На чешмите на Голема Ливада, Бегова Чешма и други локации истакнати висеа написи „Водата не е за пиење“. Анализите покажаа 9 проценти хемиска и 77 проценти бактериолошка неисправност. Ова не беше прв пат.

Меѓу другите, како неиправна веќе се покажа и водата за пиење од Чифлик и Облешево, со препораки жителите да користат флаширана вода. Слично беше и во битолското село Канино…

Извештаите на велешкиот Центар за јавно здравје открија и педесетина велешки села, со над 10.000 жители кои пијат вода од локални водоводи, без потребното хлорирање. Најкритична состојба беше евидентирана во Горно и Долно Јаболчиште, Мелница, Иванковци, Војница, Теово и Виничани.

Институтот за јавно здравје често се повикува на извештај од 2014 година, кога е проценето дека околу 37% од населението, или околу 770.000 луѓе, во Република Македонија живеат во 1.420 рурални населени места. Околу 27% од руралното население се конектирани на градските водоводни системи, менаџирани од 56 комунални претпријатија. Околу 62% oд руралните жители се снабдувааат со вода од мали водоводи во селските населби кои користат сопствено извориште, околу 4% oд руралното население зависи од локалните водоснабдителни објекти (бунари, пумпи, селски чешми, кладенци).

Заеднички проблеми кои влијаат на квалитетот на водата за пиење во малите водоснабдителни системи се недостиг на заштитни зони и огради, застаренaта и оштетена водоводна мрежа, нередовното хлорирање на водата за пиење и несоодветното пречистување на водата.

„450.891 жители се снабдуваат со вода за пиење од водоводи во селските населби кои користат сопствено извориште и самите стопанисуваат со објектите. Во тие села се извршени вкупно 756 санитарно-хигиенски увиди и земени се вкупно 5.252 примероци вода за пиење, од кои 1.416 биле неисправни или 26,96% од вкупниот број анализирани примероци во однос на физичко-хемиски параметри, а најмногу заради отсуство на резидуален хлор и зголемена матност и електроспроводливост. Микробиолошката анализа покажала дека неисправни се 1 270 примероци, или 24,6% од вкупниот број“, се вели во извештајот.

Извор: Радио МОФ