Популизмот и културните разлики

10.06.2017 02:58
Популизмот и културните разлики

Теориите на идеологиите и дискурсите, барем локалните, имаат проблем со објаснувањето на популизмот. Интерпретации има многу, но сите ја споделуваат интелектуалната ароганција која барем донекаде предизвикува непријатност кај нејзините автори. Имено, ако имаме намера популизмот да го објасниме како нешто што се случува во главите на луѓето и ако тој претставува нешто лошо, тогаш мораме да откриеме некаков ментален „дефект“, рурално потекло, или, кажано политички коректно, недостаток на образование и културна назадност кај масите, меѓу кои е навлезен популизмот (и кои стануваат екстремно десничарски, расистички итн.). Но, сето тоа, барем кај левичарските интерпретации на популизмот, предизвикува непријатност.

Непријатно е да им се зборува на луѓето дека се глупави и дека затоа кај нив да се јавува лажна свест. Прво, генерално, тоа не е во согласност со приврзаноста на левицата кон идеалот за еднаквост. Од друга страна, на практично ниво, непријатно е да им се зборува на луѓето дека се глупави, а истовремено од нив да се бара преку даноци да ги финансираат хуманистичките интелектуалци за да продолжат да се занимаваат со тоа како и зошто свеста на тие луѓе е лажна.

За почеток, да се обидеме да му пријдеме на популизмот „одоздола“, односно не затоа што тој во рамки на хуманистичкиот хабитус на интелектуалците изгледа како нешто вознемирувачко и застрашувачко, туку за да согледаме како тој навистина функционира и дали во него има нешто реално.

Популизмот повеќе е општествен однос отколку одредена содржина на мислата. Тој е општествен однос помеѓу популистичките лидери и нивните следбеници (што е некако очигледно и саморазбирливо), но и помеѓу масата „обични“ луѓе и оние кои од сведеноста на обичниот живот се дистанцираат со своите гестови и ставови. Бурдие тоа го нарекува создавање општествени разлики, односно одржување и (ако е можно) зголемување на социјалната дистанца помеѓу овие групи, која се изразува преку културниот вкус.

Културниот вкус на граѓаните нема своја позитивна супстанца, туку е од релациона природа. Граѓанската култура е спротивна на она што во даден момент е култура на масовната потрошувачка во даден момент: од народната и комерцијалната музика, брзата храна, играњето со паметни телефони за време на филм во кино, „дречливите“ бои на тренерките и дополнителната кич опрема на автомобилите. Односот на нивното активно и создаденото разликување и на тој начин создадената социјална дистанца постои пред нивните членови, односно буржоаската култура од една и руралната/приградска култура од друга страна. Заемното растојание е она што ги одредува двете култури, а не обратно. Со други зборови, не се работи за тоа дали граѓаните и „селаните“ живеат одвоено во својот свет, и дека само понекогаш стануваат свесни за дистанцата што ги раздвојува, туку дека секое изразување на културниот вкус е она што активно ја воспоставува таа дистанца (а, со самото тоа и културниот идентитет на двете страни).

Во студијата за репродукција на социјалните разлики и дистанцата во образовниот систем, Бурдие наведува дека културните разлики значат и различни култури на изразување и препознавање на тие разлики. Додека учениците од средната класа покажуваат морална огорченост и бес, пролетерските ученици пред постојаните понижувања главно се однесуваат со пасивен отпор (игнорирање на наредбите, со молчење кога ќе ги повикаат, со занимавање со други нешта за време на училишната настава, итн). Мислам дека овие согледувања можат да се прошират и на други општествени ситуации надвор од училиштата.

Дури и во медиумските коментари на возрасните граѓани од средната класа, основниот и преовладувачки начин за препознавање на културните разлики меѓу нив и културните Други е морална огорченост и згрозување. Од друга страна, провокативното уживање на Другите во масовната комерцијална култура, каде се негира културната разлика и супериорноста на буржоаската култура, токму со тоа што постојано ја предизвикува и дејствува спротивно од неа покажува дека е обременета со неа и дека не може да се оттргне од чувствто на културна инфериорност.

Токму овој однос, односно различните начини на препознавање и создавање културна, а со тоа и социјална дистанца помеѓу едните – цивилизираните и образованите (оние кои редовно ги пуштаат во Бергхајн) и другите – културно инфериорните, е реалноста на популизмот. Популизмот не функционира заради глупоста на масите, туку затоа што претставува облик на освета и надоместување за секојдневните понижувања кои ги трпат културно инфериорните.

Односот помеѓу популистичките лидери, големите мали луѓе, и нивните следбеници истовремено ги искористува и менува постоечките односи на културните разлики и дистанцата помеѓу граѓанското и руралното. Ги менува на тој начин што му дава смисла на зајакнувањето на таканаречениот white thrash, чиј пасивен отпор кој е спротивен на граѓанската култура лесно може да се претвори во активен, а потоа и да добие израз во реалната политичка моќ. Затоа, популизмот не е лажна свест, односно не се работи за тоа дека во мислите на масите има лоша содржина зашто се манипулирани преку медиумскиот дискурс, туку тој исто така поседува елемент на вистина, односно реални културни разлики и дистанца од општествената ситуација во која „цивилизацијата“ истовремено претставува начин на сегрегација.

Се разбира, таа вистина во популизмот е грда – но, подеднакво и на ист начин е грда како и реалноста на самата културна сегрегација. Популистичките лидери се одвратни сексисти, но нивните следбеници не го поддржуваат толку таквиот сексизам заради сопствената мизогинија, колку заради политичката коректност која е дел од буржоаските етикети. Пред сè, ги поддржуваат заради огорченоста. Тоа не значи дека опсценоста на популистичкиот дискурс е добра или оправдана, туку дека е дел од општествената реалност, а не е учинок на идеолошка индоктринација или изложеност на лош медиумски дискурс.

Слики: Pablo Compagnucci

Извор: http://proletter.me

ОкоБоли главаВицФото