1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 15:59
Отвореното ширење говор на омраза во име на Бога не престанува. Тоа го практикуваат и обичните граѓани, но и свештените лица на Македонската православна црква (МПЦ), како доминантна религија во државава, особено против луѓето со поинаква сексуална ориентација или родов идентитет.
Иако хомосексуалноста е одамна тргната од Меѓународната класификација на болести на Светската здравствена организација, поточно на 17 мај 1990 година, и се смета за нормална односно природна варијација на сексуалната ориентација, исто како и хетеросексуалноста и бисексуалноста, сепак многу од луѓето водејќи се од сопствената неинформираност и општествените предрасуди пишуваат и зборуваат со омраза кон ЛГБТ+ заедницата, а неретко повикуваат и на насилство кон оваа група, па дури и нивно убивање (спалување, тепање до смрт, бејзбол палки, гасни комори и слично).
Застарените религиски сфаќања, кои не кореспондираат со реалноста и цивилизацискиот напредок, се користат како најчесто оправдување (во Стариот завет пишува…) за нетолерантноста кон различните, во случајов лезбијките, геј мажите, бисексуалните, трансродовите, интерсексуалните и квир луѓе.
Па така, М.П., свештено лице од МПЦ, во еден коментар на наша објава на Фејсбук пишува: „Само морално осакатените – само умствено болните го прифаќаат ова лудило, ова понижување. Ова не им е во природата на стоката, но, затоа им е на умствено сакатите. Оваа болест не е нова – како чума била и во Стариот завет, во градовите Содом и Гомор. Тогаш болните умови беа причината поради што Господ спржи сѐ што беше живо – ги стопи и ги претвори во сапун. Таква е наградата за оваа болест на разумот“.
Фејсбук коментар на свештено лице од МПЦ
„Ако требаше да има на земјава само мажи, Бог ќе создадеше само мажи, па нека раѓаат. Или само жени. Но заради изопаченоста на човекот, сѐ што е ненормално стана нормално. Сте виделе ли вакво нешто кај животните? Еее, на кое ниво падна човештвото. Дојде време човекот да учи од животните. За жал“, пишува во друг коментар С.Б., уште едно свештено лице од МПЦ.
За волја на вистината, хомосексуалноста се сретнува и меѓу животните. Досега имаме известувано за истополови парови белоглави мршојадци, лавови, кралски пингвини, како и хомосексуално однесување меѓу горили и желки.
За да побараме официјален став од МПЦ во врска со хомосексуалноста, го контактиравме портпаролот на Црквата, владиката Тимотеј, но поради заминување на пат надвор од земјата, не беше во можност да одговори на нашите новинарски прашања. Меѓу другото, сакавме да го прашаме дали верниците, припадници на ЛГБТ+ заедницата се добредојдени во МПЦ и негов коментар за говорот на омраза против ЛГБТ+ луѓето што го шират на социјалните мрежи и во јавниот домен свештените лица од МПЦ. Ни беше кажано да му се јавиме после една недела, кога ќе се врати од пат.
Фејсбук коментар на свештено лице од МПЦ
„Ова се класични примери за ширење пораки кои омаловажуваат одредена група и промовираат нетолеранција и омраза кон лицата со различна сексуална ориентација, што по дефиниција е говор на омраза. Тие се последица на долгогодишна хомофобична пропаганда во јавноста, и пред сѐ, недоволна едукација за слободата на изразување и заштитата на правата на другите“, вели Елена Брмбеска од Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ во изјава за Queer.mk. „Опасноста од ваквиот говор е уште поголема земајќи предвид дека е споделен на социјална мрежа со голем број корисници и истиот може да резултира со насилство. Ваквиот говор на омраза е кривично дело и треба да биде казнет за да се спречи негово натамошно ширење“, додава таа.
Извор: https://www.queer.mk