Завршница

10.06.2017 10:42
Завршница

Сите што малку ја познаваат шаховската игра, знаат дека паралелно со важноста на отворањето на партијата, еднаква по значење е и завршницата која треба да ја донесе победата над противникот. Се разбира, животот не е игра, ама често заличува на шах, па држи и евентуалната употреба на сличните термини. Едновремено, под победа овде не подразбирам буквализам, односно дека тоа го подразбира само завршниот удар, оној таканаречен мат потег. Зашто поразот, во одделни сегменти, започнува многу, многу порано. Некогаш веќе на самиот почеток, дури и само со еден погрешен потег. Во македонската актуелна политика неизбежниот пораз на „најпатриотската“ партија започна уште во 2008/9 година, со очигледните погрешни политики, првите знаци на корупцијата, на лажењето, на криминалот. И неспособноста, се разбира. 2015 година и јавното објавување на монструозните (прислушувани) разговори односно започнувањето на процесот „Вистината за Македонија“ ја означи галопирачката калварија на режимот. Сето друго што следуваше, вклучувајќи ги и предвремените парламентарни избори, за власта во голема мера беше автопораз, или дефинитивно политичко самоубиство започнато многу години порано. Односно, на последните избори требаше само да се изврши последниот завршен удар, оној таканаречен coup de grace, оној мат потег што дефинитивно ќе ја заврши партијата!

Но, велат, сега започнува фазата на пост-терминални операции кои пред окото на јавноста ќе ги изведат сите криминали, сите криминалци и ќе ја прострат вистината пред македонскиот граѓанин. Овие операции треба да ги откријат сите детали за катастрофалното бандитско цунами што ја зафати оваа земја и пред лицето на правдата да ги извади сите актери, мали и големи. И тоа се операции што претстојат во сите општествени области без исклучок. Како прв чекор веројатно може да се гледа (во секој поглед) историскиот настап на премиерот Заев пред македонската јавност токму среде штабквартирата (Тричковски) на груевистичката пропагандна машинерија наречена МРТВ или „јавен сервис“, преку чии фреквенции се ширеа главните црнобранови пропагандистички насоки, понатаму преџвакувани на еден или на друг начин од останатите (а)национални медиумски мегафони. И тоа беше битен пресвртен момент, од типот еден против сите – а тие сите (со чест на два-три исклучоци) беа главните медиумски режимски слуги – којшто откри битни моменти од македонската тековна стварност, во многу сегменти (финансии, инвестиции, здравство, образование, судство итн.). Тоа е и првиот чекор кон новата транспарентност на македонската политика, ветена на изборите и практикувана од вториот ден!

Од друга страна, Министерството за внатрешни работи со право приоритет очигледно му дава на пакетот истраги на крвавиот инцидент во Собранието на РМ, кој што инволвира различни структури – од високи полициски врвови, преку народни пратеници, странски разузнавачи, домашни силеџии и остала бандитска братија. И тоа очигледно ќе биде операција што ќе потрае, ама нејзиниот краен резултат ќе се очекува со нетрпение зашто од него (ќе) зависат многу нешта во државава. Ќе зависи пред сè (до)вербата на јавноста во тоа Министерство и неговите професионални но и демократски капацитети. Првичните јавно соопштени наоди ветуваат бескомпромисност во разврските, токму онака како што очекува јавноста!

Слични операции очигледно (ќе) се спроведуваат и во другите ресори, со различно темпо: образованието брзопотезно, со мат разреши две проблематични ситуации (екстерното и т.н. кембриџ програма); здравството (ќе) ја доигрува тешко позиционираната партија со налудничавата идеја на ексминистерот и неговиот газда да градат нов клинички центар на старата локација; финансии (ќе) се справуваат со дупките во буџетот; транспорт и врски го почна отворањето на партијата веднаш со штрајк на дел од фигурите … Ќе имаат жешко лето!

Културата очигледно ќе биде олабавена на самото отворање да се справува со најтешкиот проблем – „Скопје 2014“, за којшто постојат спротивставени гледишта што ќе мора бргу да се разрешат бидејќи над главата им висат и локалните избори, а овој шизоиден проект односно неговата конечна судбина се, мислам, еден од клучните изборни прашалници. Но, ова може на Министерството за култура да му отвори доволен простор да се зафати со позиционирањето на стратешките точки во самиот орган каде дреме една цела неука партиска пионска линија. А потоа, или дури истовремено, да премине и на теренот на институциите во заробената македонска култура каде на мегдан го чекаат едно чудо канчевистичко-груевистички пулени меѓу директорите, управните одбори, „стручните“ екипи … Невозможна мисија? Можеби така заличува, ама белите фигури во секој случај се некаква, па нека е и минимална предност, а познавањата – теориски, стратешки, практични – се темелот на секоја добра завршница! Ништо од тоа нема да оди лесно, се разбира, ниту пак некој тоа го очекува. А сепак, некои основни критериуми – стручност, професионалност, капацитетност, постигнати резултати итн. – се лесно применливи и во најтврдите партии. Шаховски, нормално. Или, има и друг пристап: не ги прави истите грешки што го правел твојот претходник! А овие ги направија илјадници, секакви, мали и големи, катастрофални и катаклизматични.

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Dan Cretu

ОкоБоли главаВицФото