Руска уметност од 11 временски зони

12.06.2017 11:50
Руска уметност од 11 временски зони

Илгизар Хасанов, „Црвено“

Според старата традиција од советско време, ниту една изложба на национална уметност во Москва не поминува и не е целосна ако нема барем по едно дело од секоја област во Русија. Сосема е неважно што оваа географска рамнотежа неретко резултира со кич.

Затоа, Центарот за современа уметност „Гаража“ се судри со голема дилема, кога одлучи да направи изложба на репрезентативната современа уметност во денешна Русија, дали да направи традиционален географски каталог или за земјата што покрива 11 временски зони сега важат некои други мерила?

„Земјата е толку голема што понекогаш навистина не ја разбираме“, вели Дарија Котова, портпаролката на „Гаража“ – музејот што е замисла на колекционерката Даша Зукова, сопругата на милијардерот Роман Абрамович.

Шестмина кустоси темелно пребараа 40-тина градови во Русија, од Калининград до Владивосток, истражувајќи ги делата на повеќе од стотина уметници, заокружувајќи го изборот на вкупно 68 автори, во седум категории.

„Откривме критериуми, категории, контексти и димензии коишто не можевме ни да си ги замислиме пред да тргнеме на патувањата“, објаснува Татјана Волкова, една од кустосите.

Резултат на тие истражувања е Триеналето на руска уметност, кое беше отворено во март годинава и кое предизвика спротивставени впечатоци и го истакна фактот дека е многу тешко, уметноста на оваа голема и комплексна земја, да се сведе на неколку дела. Наспроти обидите да се пронајдат неоткриени таленти во далечните предели на периферијата на земјата, критичарите откриле дека голем процент од изложените дела потекнуваат од Москва и од Санкт Петербург. Исто така, тие тврдат дека многу поприкладно би било да има една тема на изложбата, отколку постоечките седум теми.

„Би сакала да видам повеќе нови работи, но можеби сепак ги нема. Триеналето овозможува разбирање на современата уметност во Русија и ги претставува и националните ѕвезди и непознати уметници вредни за внимание и поддршка“, пишува Олга Кабанова, ликовна критичарка од весникот „Ведомости“.

„Our Magic Hall“, Уго Рондиноне

На интернет страницата на Триеналето можат да се видат вкупно двесте портфолија на различни автори.

Музејот „Гаража“ од 2015 година се наоѓа во простор кој собира повеќе од илјада посетители, а кој во советскиот период бил кафеана во паркот „Горки“. Музејот го обнови светски познатиот архитект Рем Колхас. Основачите успеале да распламтат еден вид лудило меѓу московските тајкуни да градат приватни музеи. Во моментот ги има вкупно десет, дел од нив се веќе отворени, а други се во процес на изградба.

Кустосите на Триеналето на некои неочекувани места ископаа неочекувани уметнички дела. На пример, во Чеченија, од кадешто доаѓаат многу впечатливи дела. Едно од нив е многу кратко видео на 33-годишниот Заурбек Цугаев, под наслов „Hands – iPhone“. Во него е прикажана постара жена која го допира ајфонот обидувајќи се да разбере како работи. Вдеото произведува силен контраст помеѓу остарените раце и рамната површина на телефонот.

Инсталација на уметничката група „33+1“

Друго дело од Чеченија се состои од црно-бели метални броеви од куќите од улиците во Грозни. 25-годишниот уметник Аслан Гајсумов кажува дека трагал по артефакти од стариот Грозни, а педесетината изгребани метални плочки се единственото нешто што можело да се пронајде во една уличка, која како многу други била срамнета со земја за време на војната со Русија.

Особено интересна е категоријата на Триеналето „Уметност во акција“, што ја претставува политичката уметност, бидејќи за внатрешната политика на Русија се знае малку надвор од државата. Повеќето од делата во оваа категорија се изработени од уметнички колективи и се фокусираат на лошата ситуација на жените во Русија.

Така, уметниците од Креативното здружение „Наденка“ од Омск, градот што се наоѓа на југот на Сибир, на секојдневните предмети како што се држачи за тенџериња или на женски гаќи ги везеле сите важни датуми или податоци поврзани со жените. Така, на пример, на едни гаќи пишува: „1920, 1936,1955 мое право на абортус“, укажувајќи на годините кога на сила стапиле законите за абортус. Од последиците на домашно насилство во Русија годишно умираат повеќе од 14.000 жени, но за разлика од 140 други земји, во Русија сè уште нема закони против семејно насилство.

Алексеј Иорш гледа во своето дело „Уметнички активизам во стрип“

Илгизар Хасанов, 58-годишен уметник од Казан, ја претстави трилогијата „Жена, Маж, Црвено“ која упатува на родовите проблеми.

Впечатливо е и делото „Црвено“ кое е инспирирано од разликите на родовите улоги во некогашниот Советски сојуз. Делото е сочинето од десет обични предмети, сите обоени во комунистички црвената боја – важна за двата пола додека растат. Од едната страна се поставени предмети како чешел и фустан, а другата страна машки икони како што се боксерски ракавици и автомобили играчки.

Хасанов вели дека го погодила носталгијата по Советскиот сојуз и сакал да истражи зошто луѓето повторно сакаат да станат дел од Советскиот сојуз.

„Патот на предметите“ на 33-годишната авторка Таус Макачева се состои од три музејски кукли, моделирани за презентација на музејските предмети од нејзиниот роден Дагестан. Куклите продолжуваат да си живеат сопствен живот.

Шивачката кооператива „Швеми“ го изведува перформансот „12-часовен работен ден“, протест против лошите услови за работа во Русија и во светот

„Советскиот сојуз добро ги третирал уметниците, им обезбедувал станови, ателјеа и годишни одмори. Им се помагало при дистрибуцијата на нивните дела. Ниту една уметничка сцена во кој било од руските градови денес не ужива таква поддршка“, вели Макачева.

Но сите овие сцени постојат наспроти сè - и покрај реалноста, и покрај тоа што се без поддршка, наспроти сè. Тоа е уметност „наспроти“ и тоа ја прави неверојатно реална и неверојатно убава“, додава Макачева.

Кореографката Саша Пирогова (31) го создала видеото „Редица“, кореографија која се базира на познатиот роман на Владимир Сорокин.

Романот во детали се фокусира на речиси биолошкиот живот на бескрајните редици во кои се чекало за сè во некогашниот Советскиот Сојуз.
Пирогова е меѓу уметниците кои ја претставуваат Русија на годинашното Биенале во Венеција.

Ова е прво триенале на руската уметност, но што е Русија? Таа е место втемеленo во повеќе култури - тaа е нерамна, но ова изложба има силна енергија и елементи на радикалност.

„Златен автопортрет“, Анатолиј Осмоловски

 

Извор: The New York Times