Пивото на слободата

13.06.2017 01:51
Пивото на слободата

Во моментите кога исламските терористи и клерофашисти со комбе газеа минувачи на најголемиот лондонски мост, а потоа тргнаа со ловечки нож без размислување да напаѓаат и убиваат луѓе од паб во паб (седум убиени, 48 тешко повредени), камерите за надзор уловија еден јунак како забрзано се оддалечува од местото на нападот, додека во раката носи – пиво. Значи, прекрасен човек кој се евакуира со лесни чекори, патем внимателно носејќи кригла (односно, пинта) точено пиво, за да не се истури. Зашто, внимателно помислил квинтесенцијалниот Британец, можеби во тек е терористички напад, но, заеби – пивото го носам со себе и не го испуштам од рака! Имаше шеги на твитер во смисла дека пинта пиво во Лондон чини дуро 6 фунти, па добро е да се допие по секоја цена, но и дека во близина нема одвратен брадест тип склон кон покажување на својот бог кој ќе го расипе пијанчењето и налевањето во сабота навечер.

Еден друг Британец, и исто така очевидец на нападот (кој утредента се вратил во истиот паб зашто претходната ноќ не стигнал да остави бакшиш!), за БиБиСи ја даде следната изјава: „Нема да дозволиме овие луѓе да победат. Ако тоа што јас пијам џин-тоник со пријателите, флертувам со згодни мажи и се дружам со убави жени толку ги навредува овие луѓе, тогаш ќе продолжам уште повеќе да го правам тоа, а не помалку. Тоа е она што Лондон го прави толку голем.“ И тоа е гордоста и силата и големината на одбраната и заштитата на својот начин на живот кој ни треба на сите, со освета. А, кога станува збор за оној локален херој со пиво во раката, тоа е пример за познатото „Биди смирен и продолжи“ (Keep Calm and Carry On) од постерите на Инстаграм или од ѕидовите на собите во студентските домови. Додека нималку не е случајно што таа популарна мотивациска порака, впрочем се појави за време на бруталното нацистичко бомбардирање на Лондон во Втората светска војна. Тогаш Британците мирно пиеле чај или пејл ејл (Pale Ale) или темно пиво меѓу рушевините и шутот, заболувајќи единствено од куроболка. Зашто, така е, може да им ги искршат прозорците, но не можат да им го скршат духот. И, фашистите можат да им плукнат под прозорецот. И токму затоа злосторниците од разните Ал Каеди или Исламски држави, но и сите останати трезвени и прохибиционисти, православни или протестанти, будисти или јоги летачи, нема да победат никогаш. Злобните кретени терористи и (клеро)фашисти не можат да ја скршат слободата, како ни љубовта и страста за добро пиво.

Зашто, токму пивото ги создало цивилизацијата, културата и општеството какви што ги знаеме. А, уште од поодамна, пијаниот човек градуално го развил дури и генот што му овозможува алкохолот во желудникот побрзо и покомотно да го свари. Сите први алкохолни пијалоци се правеле од (пивски) квасец, генијалниот едноклеточен организам кој има фантастична особина да го голта шеќерот и да го разложува на газиран јаглерод диоксид и блажен етанол. Во муграта на цивилизацијата, во Сумер на фамозниот Блиски исток и во денешен Ирак, се правело првото вистинско пиво. Извесно е и дека тоа му претходело на лебот како редовна храна на трпезите на првата цивилизација. Хм, можеби затоа пивото толку им пречи на варварите?

Зашто, најстарите слики, песните и митовите од Месопотамија сведочат дека човечките битија и нивните богови уживале во пивото. Инаку, пиејќи го од сламка за да ги филтрираат остатоците од зачините и лебот (течноста на почетокот била густа како каша, а сламката ја измислиле Вавилонците за да може да се пие нефилтрираното пиво.) Сумерската поема „Инана и Богот на мудроста“ ги опишува овие две божества како пијат пиво, па споменатиот бог на мудроста (Енки) толку се напил што на луѓето најпосле им го подарил таканаречениот „мех“ или – законите на цивилизацијата. А, поемата „Химна Нинкаси“ ја слави истоимената божица на пивото и го нуди првиот познат рецепт за пиво, кој датира од 1800 година пред новата ера. Дури и во познатиот „Еп за Гилгамеш“, Енки станува цивилизиран кога проститутка од храмот, извесна Шамхат, ќе го научи да пие пиво. А, членовите 108-110 од законот на Хамураби исто така детално расправаат за економијата на пиењето пиво во кафеана или во сумерски паб: ако сопствениците на кафеаната ги измамиле муштериите ставајќи им помалку пиво, треба да се задават.

Едноставно, далеку пред подлите монотеистички религии, после песокот од Блискиот исток, на пивото се гледало како на дар од боговите, како подарок кој служи за зголемување на човечката среќа и благосостојба. Напротив, тоа не било невистинито. Зашто, фосилните остатоци укажуваат и дека преминот на човекот кон земјоделството ги направил луѓето нездрави, пониски, недохранети и поболни од забоболка или кариес. Па, повторно, земјоделството ги донело големите градови, писмото, повеќе деца, храна и останати цивилизирани нешта. Тогаш, што точно ја спасило работата? Изгледа дека тоа било токму – пивото. Значи, баналниот процес на ферментација на пивото во кој квасецот ги јаде шеќерите, на човекот и неговата исхрана освен еуфорија и лудо однесување му ги подарил хранливите материи што му недостасувале: Б витамините, фолната киселина, ниацинот, тиаминот и рибофлавинот. Додека алкохолот бил отровен за многу опасни микроорганизми, па сè до модерниот водовод и канализацијата во 19 век, често било многу поздраво да се пијат алкохолни пијалоци отколку вода.

И, сега, од муграта на цивилизацијата до денес, луѓето бесрамно уживаат во пивото зашто факт е дека тоа ги прави задоволни и среќни. Алкохолот испушта серотонин и допамин во мозокот, а тоа се невротрансмитери кои опуштаат и ја намалуваат анксиозноста и нервозата. Меѓутоа, од инсектите до слоновите, сите животни – па и човечките – ги привлекуваат шеќерите и алкохолот. И нашите приматски предци кои се качувале по дрва, во потрага по калории, мирисале и со задоволство јаделе ферментирано гнило овошје, лесно развивајќи склоност кон алкохолот. Па, затоа кога денес ни нудат „занаетски“ или „крафт“ нефилтрирани и непастеризирани пива, не станува збор за некакви помодарски хипстерски шеги, туку за самата суштина на цивилизираниот живот.

И, така уште од времето кога приматот од „Одисеја“ на Кјубрик ги распарчуваше коските. Најстариот пример за намерно создаден алкохолен пијалок доаѓа од Кина од пред околу 9000 години, и тоа бил коктел од ферментиран ориз, мед и грозје. А, и Инките конзумирале алкохол во форма на пченкарно пиво помешано со јагоди и халуциногени тревки. Алкохолни пијалоци правеле и азиските номади со користење на ферментирано коњско млеко (4500 година пред новата ера), токму како и старите Египќани кои уште околу 3100 година пред новата ера први направиле индустриски пивари за работниците кои граделе пирамиди во Гиза. Секако, на работниците, откако постои светот и векот, требало да им се обезбеди пиво. Додуша, Грците и Римјаните повеќе сакале вино, но логиката на човечката треска за интоксикација останала иста. И, во текот на целата историја на цивилизацијата, конзумирањето алкохол им помагало на луѓето да бидат покреативни, да ги усовршуваат јазикот, уметноста и религијата, како и да станат послободни и помалку инхибирани, па на поранешните девојки во пијани пораки на полноќ да им испраќаат сè и сешто.

И, токму затоа анонимниот херој од Лондон, кој љубоморно ја чува својата кригла или пинта пиво додека бега од терористите е толку важен симбол на разумот, среќата и слободата. Со прекрасните зборови на мојот колега и социолог Александар Томашевиќ: „Сите херои не носат наметка, некои носат кригла со пиво“. Како што воопшто не е случајно што исламските терористи во име на некаков бог го напаѓаат она што не (сакаат да) го разбираат – концертните сали во Париз и Манчестер, приморското шеталиште во Ница, или пабовите во Лондон. Не ги интересираат зградите на парламентот, владата или НАТО, нивните неиспразнети мадиња ги нервира еден (секуларен) начин на живот на обичниот човек од Западот, како менталитетот на пивопијава. Ги нервира тоа што лежерно шетаме по улиците и разгледуваме излози, тоа што пиеме пиво и конзумираме дроги, што јадеме месо од кое и да сакаме животно, што мастурбираме и имаме секс и пред и покрај бракот, што одиме на концерти и фудбалски натпревари, што флертуваме, се заљубуваме и се сакаме, што живееме и покрај стравот од бог и смртта. И, затоа јунакот кој бега од терористите со пинта пиво во раката е толкав суперхерој. Зашто тој тврдоглаво одбива на злосторниците да им дозволи да влијаат токму на тој прекрасен начин на живот, за кој сме се избориле. Зашто, како што наводно порачал просветителот, научник и таткото-основач на САД, Бенџамин Френклин – „Во виното е мудроста, но во пивото е слободата“.

Извор: http://www.danas.rs

ОкоБоли главаВицФото