Штедра светлина

13.06.2017 11:20
Штедра светлина

песната

Штедра светлина
Лудо пулсирање
Песната?
Колку восхит
Толку умирање.

 

тоа што ќе пропее

Тоа што ќе пропее
И тоа што ќе полуди
Тоа ќе да е мојот глас
Тоа ќе да сум јас?

 

клучар

Темнеам
Заспан
Студен
Сал мојот
Клучар
Темничар

Буден.

 

моите болки се

Моите болки се?
Не се.

Моето Сум е?
Не е.

А тоа што не е
Ах, тоа што не е
Некаде самува
И таговно
Пее.

 

кожата

Црниот
Кафез
На моето
Бело
Пиле.

 

кој целеше во птицата

Утринава
Си го држам срцето в раце
И
Прашувам:

Кој целеше во птицата
Та мене ме погоди?

 

еленот

Би сакал да бегам
Онака ко што бега
Еленот што го замислив.
Но што со ловците
И што со пците
Што со нив?

 

кредо

Ме маѓепсува
Тајното
Ме спасува
Сјајното.

 

комета

Ја препознавам:
Тоа е мојата
Усвитена
Глава.

 

еротикон

Јас:
Полна месечина
Таа:
Најдолга ноќ.

 

тишината

Тишината:
Првото што ме
Лекува.

Прашината:
Последното
Што ме
Очекува.

 

ме прекорија

Ме прекорија:
Зошто толку пепел
Зошто толку леден прав?
Зар не сум тоа, прашав
Без страв?

 

Извор: Вечната бесконечната, Зумпрес, Скопје, 1996.
Скулптури на сликите: Hsu Tung Han

Михаил Ренџов (1936, Штип), македонски поет, прозаист и преведувач. Објавил дваесетина книги, најмногу збирки поезија, поеми, но и раскази и книги за деца, меѓу кои: Иселеник на огинот, (поезија, 1965), Ноќно растење на зборот (поезија, 1967), Полноќ (поезија, 1979), Сонување патување (книга за деца, 1991), Вечната бесконечната (поезија, 1996), Јас оксиморон (поезија, 1998), Ангела сонува (поезија за деца, 1998), Псалми (поезија, 2000), Апокалипса (драмска поема, 2002), Раскази за Захариј (раскази, 2004), Предвесница (поема, 2009). Добитник е на наградите Браќа Миладиновци (1982, за збирката Нерези), Рациново признание (2004, за збирката раскази Раскази за Захариј), Григор Прличев (1993 за поемата Тој и 2009 за поемата Предвесница) и други.

ОкоБоли главаВицФото