1021 hPa
81 %
5 °C
Скопје - Чет, 14.11.2024 20:59
На 15 јуни (четврток) во Музејот на град Скопје во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Мостра“ на Владан Петрушевиќ.
Проектот во Музејот на град Скопје се реализира по повод Наградата „Борко Лазески“ која авторот ја доби во 2016 година.
Во договор со семејството на Борко Лазески (кое на Музејот на град Скопје му ги подари картоните од овој уметник употребени за реализација на големата „Фреска за НОБ“ реализирана во аулата на Старата железничка станица во Скопје во 1958.), Музејот на град Скопје прифати секоја година да организира самостојна изложба на студент од Факултетот за ликовни уметности од Скопје кој во претходната учебна година ја освоил наградата „Борко Лазески“ за инвентивни достигнувања во сликарскиот оддел. Овојпат тоа е младиот Владан Петрушевиќ.
Неговата изложба настојува да ја проблематизира постоечката состојба на сликата или сликарството кај нас и кон таа позиција јасно да го презентира сопствениот однос. Делата од овој проект поседуваат претстави кои се создадени во меѓупросторот на бруталниот израз и перформансот. Тие се некаков остаток од перформативниот потфат врз нив, а на самата изложба овие дела ќе бидат изложени и како класични слики и како елементи на случката на изложбата во која ќе се делат некои нивни делови како своевидни мостри на можните купувачи.
Во каталогот за изложбата Владан Петрушевиќ пишува:
„...дали може да се понуди нешто ново и свежо на сцената освен преповторувањето и ‘(ре)истражувањето’ кое умре заедно со последните изми? Постојат многу агли за набљудување на овој вид ‘зомби формализам’, но несомнено е дека сликата денес многу повеќе од кога било станува декорација, но убаво завиткана во една украсна фолија на хипокризијата во ‘уметничкиот свет’.
Дали во денешно време сликата е декорација? Дали односот на публиката кон самата форма на изразување преку сликарството како медиум го доведе во прашање ‘уметничкото’ во сликата?
Во обид да се разобличат дилемите во однос на горенаведените прашања, јас, како автор, самиот ги ставам моите дела во позиција на декорација преку подарување на таканаречени мостри. Со овозможување на публиката да си земе парчиња од самите слики, односно мостри, се создава поинаква перцепција кон сликите, односно се ставаат во позиција на апсолутна декоративност. Мострата дава можност публиката да може да ја однесе дома и да види дали, евентуално, одредена слика би се вклопила во целокупниот ентериер на просторијата. Исто така, се овозможува сликата да се третира како ‘стока’, па евентуалниот купувач би имал можност да го провери квалитетот на платното, издржливоста на боите итн...“
* * *
Владан Петрушевиќ е роден во Куманово, Македонија, во 1993 година. Дипломирал во 2016 година на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методија“ во Скопје, сликарска насока, во класата на Слободанка Стевческа. Учествувал на проектот Video Art and Time Based Art, организиран од ФЛУ, како и на завршните изложби на ФЛУ. Надвор од факултетот, учествувал на изложбата Young Artist, организирана од Агенцијата за млади и спорт, во Националната галерија на Македонија - Мала станица, Скопје, и Транспарентност, заедно со Надица Толевска, во Уметничката галерија во Куманово. Добитник е на наградата „Борко Лазески“.