Сушата и војните во Африка причина за големата хуманитарна катастрофа

14.06.2017 10:12
Сушата и војните во Африка причина за големата хуманитарна катастрофа

Во Баидоа, Сомалија, прво се исушија дрвјата. Потоа, козите почнаа да паѓаат, а водата од селските бунари почна да исчезнува, стана матна, а потоа и црвена, па зелена како тиња, но жителите продолжија да ја пијат. Таа вода беше сè што имаа.

На жешкото, рамно камено плато во близина на Баидоа, илјадници луѓе се сместени во оскудни кампови; многумина се држат за стомак, други вршат нужда на отворено, а некои веќе се мртви од епидемијата на колера.

„Дури некако и да најдете храна, нема вода“, вели една мајка, по име Сангабо Моалин, држејќи се за глава со левата рака тенка како гранка. Таа кажува дека телото ѝ гори.

Уште еден глад сè повеќе ја притиска Сомалија. И тоа не е единствената криза што Агенцијата за помош брза да ја нагласи. Прв пат постои можност четири жаришта на голема глад – во Сомалија, Јужен Судан, Нигерија и Јемен - да избијат одеднаш и да загрозат повеќе од 20 милиони животи. Организациите за помош велат дека ова би можело да ја предизвика најголемата хуманитарна катастрофа од од времето на Втората светска војна.

Лекцијата што ја научија од минатиот голем глад што завладеа во Сомалија пред шест години, беше дека гладот не е поврзан само со храната. Станува збор за водата. Недостигот на чиста вода и правилна хигиена уште еднаш доведе до избивање на смртоносните болести во камповите за раселени лица.

Затоа се работи на ископување на што поголем број тоалети, во камповите да се обезбедат големи количини чиста вода, повеќе сапуни, повеќе таблети за прочистување на водата и повеќе пластични канти. Гладот доаѓа додека сушата се шири низ Африка, а војните ги блокираат регионите во оскудица. Официјалните лица од Обединетите нации велат дека им е потребен голем прилив на пари. Не им недостигаат милиони, туку милијарди долари.

„Меѓународниот хуманитарен систем е на критична точка“, рече Доминик Мексорли, извршен директор на големата приватна групација за помош „Concern Worldwide“.

Во некои области на централна Сомалија еден канистер со 20 литри вода чини четири центи, а во последните недели цената постојано расте и сега изнесува 42 центи.

„Не постои такво нешто како бесплатна вода“, изјави Исак Нур Абди, номад што седи во тмурниот центар за лекување колера во Баидоа. Вакви сцени можат да се видат насекаде во регионот.

Бомбардирањето на Јемен од страна на Судиска Арабија и блокадата на трговијата ја уништува економијата на Јемен, предизвика непрекинато растење на цените на храната и стотици илјади деца ги турна на работ на неухранетост.

Во североисточна Нигерија, илјадници раселени луѓе се разболеа од нечистата вода и недоволна хигиена, додека беснее војната помеѓу исламските воени активисти и нигериската војска. Во јужен Судан бунтовниците и владините војници ја блокират помошта и храната и ги киднапираат камионите што ја носат храната, соопштуваат од хуманитарните организации.

Ен Томас, експерт за вода, санитетско-здравствени мерки и хигиена при УНИЦЕФ, вели дека за време на последната епидемија на глад во Сомалија, најсмртоносни подрачја биле камповите со раселени лица, во близина на урбаните области. Тие станаа легла на колерата. Најчесто болеста е предизвикана од нечистата вода, а се шири преку изложеност на контаминиран измет.

Овојпат биле предложени различни стратегии за соочување со гладот. Една од нив е едноставно да се разделат пари. Агенциите и приватните групи за помош на Обединетите нации во Сомоалија ги засилуваат напорите да поделат пари по пат на новиот систем на електронски картички и мобилни телефони.

Ова им овозможува на сиромашните луѓе да добијат месечен надомест и да купат производи како свеж зеленчук, млеко во прав, макарони, шеќер, сол и месо од камила.

Во центарот за лечење колера во Баидоа во кој се заведени повеќе од 30 случаи само за неколку дена, многу од луѓето не знаат што ја предизвикува колерата. Кога го прашале Абди од што се разболела мајка му, која за малку ќе умрела од колера, тој рекол дека причината е очигледна: „Беше многу жешко“, одговорил тој.

 

Извор: The New York Times

ОкоБоли главаВицФото