8 причини зошто Џереми Корбин ѝ го украде апсолутното мнозинство на Тереза Меј

14.06.2017 12:59
8 причини зошто Џереми Корбин ѝ го украде апсолутното мнозинство на Тереза Меј

Мора да го сакате. Политичкиот систем во кој нема победник. Речиси сите, на некој начин, се губитници. Никој не може утрово да знае кој ќе биде премиер. Сите тајно шепотат за нови избори во октомври. Стигнавме да се прашуваме дали Шин Фејн ќе ја напуштат политиката на бојкот. Прогресивците можат да го почувствуваат победничкото, неконтролирано задоволство. Мислам… мора да го сакате. Дури и кога го мразите, мора да го сакате.

Што беше причина за овој моќен удар врз величествено промашената самодоверба на Тереза Меј? Без посебен редослед – или поточно, сметам дека сите овие фактори имаат еднаква важност.

1. Програмата на Џереми Корбин

Стратешки магична работа околу програмата беше укинувањето на школарините, што истовремено беше брилијантен, едноставен и убедлив повик за поддршка од многу голема и кохерентна група гласачи, како и потврда на автентичното убедување – дека високото образование е јавно добро.

2. Кампањата на Џереми Корбин

Во ноември прочитав, како дел од објаснувањата за победата на Доналд Трамп, дека „фановите“ (stans) се многу поважни од поддржувачите. Морав да изгуглам што значи зборот „stan“: тоа е жесток ентузијаст, претерано убеден, личност која би му здосадила на цело кафуле. Ниту еден британски политичар нема такви „фанови“, освен Корбин. Да бидам искрена, го прочитав тоа и уште не ми се веруваше, но кога нашиот репортер од Велс, Стивен Морис, утрово изјави: „Групата луѓе кои дојдоа да му дадат поддршка во Колвин Беј беше толку голема, што никој можеше да поверува дека Колвин Беј има толку жители“, си помислив, „фанови“.

3. Гласот на младите

Не станува збор само за студентската школарина: се работи и за Брегзит; за пензиите кои, на некој начин, беа исклучени од токсичниот наратив на државните надоместоци; за кризата со домувањето; за комбинирањето на голем број теми во кои статусот кво беше гледан како корист за постарите; за радикалите, младите.

4. Регистрацијата за гласање помеѓу младите

Од Националната унија на студенти; од граѓанските технолошки претприемачи, кои креираа апликации и интернет страници со запрепастувачка иновативност; преку славни личности, претпазливи да не поддржат партија, но со доволно чувство да ја истакнат важноста на претставувањето. Нови еден милион 18 до 34-годишници се регистрирале да гласаат откако беа распишани изборите. Тектонска промена.

5. Излезноста помага

Сите прогресивни страни вложија голема надеж во луѓето кои традиционално не гласаат. Во неколкуте окрузи каде се прогласуваат победници, додека го пишувам овој текст, излезноста е поблиску до нивото од референдумот, отколку од изборите во 2015 година.

6. Зелената партија

Добија удар во бројот на гласови. Бројките во северо-источниот дел се прилично пониски. Ова е поради нивната морална одлука да се тргнат од трката за некои места во парламентот, влегувајќи во кампања со другите, формирајќи ненапаѓачки пакт низ изборните места за да спречат, по секоја цена, апсолутна победа на конзервативците. Цената, за нив како партија, беше прилично висока. Типично, погодени се во универзитетските градови, каде нивната поддршка беше висока поради концентрацијата на образовани луѓе кои размислуваат за работите. Во источен Њукасл изгубија седум проценти. Најмалку што можат да направат лабуристите и сите ние, е да признаеме дека ова беше резултат на нивна одлучна акција и не се работи само за несреќно губење интерес за животната средина.

7. Коалицијата на хаосот (или прогресивната алијанса, како што префериравме да ја нарекуваме)

Додека „Зелените“ беа единствената партија која официјално се приклучи, локалните активисти во голем број, од либералдемократите, лабуристите, Партијата за еднаквост на жените, Националната партија за здравствена акција, работеа заедно за да ги максимизираат нивните шанси.

8. Интернетот конечно направи нешто корисно

Конзервативците ги објавуваа своите рекламни банери на Фејсбук, по обичај, но овој пат прогресивното крило возврати: „Краудпак“ собираше пари за кандидатите и кампањите; се направија мрежи меѓу британските прогресивци и активистите на Берни Сандерс, кои внесоа нов активизам во реалниот свет; тактичкото гласање најде онлајн организираност кое се претвори во тактичка кампања.

***

Псефологистите (научниците кои се занимаваат со избори) и аналитичарите ќе ги поминат следните неколку дена зборувајќи за техникалиите и тактиката: Како Шкотската национална партија изгуби толку и кај кого отидоа гласовите? Зошто либералите не отскокнаа? Кога конзервативците ќе ѝ се спротивстават на Меј? Кој, од каде, ќе бара сојуз и каква доминација ќе бара? Но никогаш не заборавајте дека ова беше моќта на масата, луѓе во огромен број гласаа на начини на кои дури и обложувалниците им велеа дека никогаш нема да гласаат.

И само како завршна мисла: ова беше најлошата кампања на конзервативците во живата меморија. А тоа е така, дури и ако се сеќавате на Мајкл Хауард.

Извор: Радио МОФ / The Guardian