Преминот: како науката ги редефинира животот и смртта

14.06.2017 14:34
Преминот: како науката ги редефинира животот и смртта

Запрепастувачки се и инспиративни начините на кои лекарите денес спасуваат луѓе од прегратките на смртта.

Во март 2015 година, кога имал неполни две години, Гардел Мартин бил мртов повеќе од час и половина. Три дена подоцна излегол од болница жив и здрав. Неговата приказна е една од многуте кои научниците ги наведуваат за да го редефинираат поимот смрт.

На почетокот се чинеше дека само ја има најлошата главоболка во животот. Затоа Карла Перез – 22 годишна мајка на 3 годишната Џенесис и во петтиот месец од бременоста – отишла да прилегне во собата на својата мајка, надевајќи се дека главоболката ќе помине. Но, болката станувала посилна, а кога повратила на работ од креветот, на помладиот брат му рекла да викне брза помош.

Тоа било пред полноќ во неделата на 8 февруари 2015 година. Перез со автомобил на брза помош била префрлена од својот дом во Ватерло, во Небраска, во Методистичко гинеколошката клиника во Омаха. Во собата за итен прием почнала да ја губи свеста, а докторите ја интубирале за да му обезбедат кислород на фетусот. Ја испратиле на компјутерска томографија, каде било утврдено дека масивен излив на крв од мозокот создава страшен притисок во нејзината глава.

Потоа била префрлена во Методистичката болница за да ја прегледа тим за неврохирургија. Претрпела мозочен удар, но нејзиниот фетус, чудно, бил сосема добро, со силни и правилни отчукувања на срцето – како да не се случило ништо. Околу два часот утрото невролозите направиле уште еден томографски преглед, кој го потврдил она од кое се плашеле најмногу: мозокот на Перез бил толку отечен, што целото мозочно стебло го истуркало низ малиот отвор на дното од нејзиниот череп.

„Кога го виделе тоа“, вели Тифани Сомер-Шели, акушерка која се грижела за Перез во текот на нејзината бременост со Џенесис и за време на другите две бремености, „биле сигурни дека нема да заврши добро“.

Перез се нашла на нејасната граница помеѓу животот и смртта. Мозокот престанал да ѝ функционира и никогаш не би закрепнал – со други зборови: бил мртов – а телото можело да се одржува механички, во овој случај само заради една причина: за да се негува нејзиниот 22 недели стар фетус додека не биде доволно голем за да може да функционира самостојно. Таа гранична област станува сè „понаселена“ како што научниците откриваат дека нашата егзистенција не функционира како обичен прекинувач – „вклучено“ значи живот, „исклучено“ значи смрт – туку како оној со пригушувач, со различни нијанси помеѓу светлината и темнината. Во таа „сива“ зона животот не е нужно неповратен и е тешко да се дефинира, а некои го преминуваат тој јаз и се враќаат – понекогаш детално опишувајќи што виделе на другата страна.

Смртта „не се случува во момент, тоа е процес“, запишал лекарот Сем Парнија, кој се занимава со пациенти во критична состојба во својата книга „Бришење на смртта“. Тоа е удар за целото тело при што срцето престанува да чука, но органите не умираат веднаш. Впрочем, пишува тој, можат долго да останат неоштетени, што значи дека „за еден значителен период по настапувањето на смртта, всушност смртта е сосема реверзибилен процес“.

Како смртта, самата суштина на она „засекогаш“, може да биде реверзибилна? Каква е природата на свеста за време на преминувањето низ таа сива зона? Сè поголем број научници се борат со овие вознемирувачки прашања.

Линда Чембрлејн, коосновач на крионичката компанија Алкор со седиште во Аризона, го прегрнува контејнерот во кој се наоѓа телото на нејзиниот маж Фред, замрзнато со надеж дека еден ден ќе постои можност да биде одмрзнат и да оживее. Кога ќе дојде часот таа планира да му се придружи во крионичкиот лимб. Вели дека последните зборови на Фред гласеле: „Господе, се надевам дека ова функционира“.

Во Сиетл, биологот Марк Рот експериментира со доведување животни во хемиски предизвикана состојба на запрена анимација, така што меша раствори за да им го намали бројот на отчукувања на срцето и да го сведе метаболизмот на речиси хибернациско ниво. Целта му е луѓето кои доживуваат срцев удар „накратко да ги направи бесмртни“, додека не поминат низ здравствената криза која ги довела до работ на смртта.

Во Балтимор и Питсбург тимови од трауматолози предводени од Сем Тишерман спроведуваат клинички испитувања во кои на жртвите од убодни рани и рани од огнено оружје телесната температура им опаѓа за крварењето да се забави доволно долго, со цел хирурзите да можат да им ги затворат раните. Тие медицински тимови користат суперладење за да го постигнат она што сака да го постигне Рот со своите хемикалии – привремено да ги убие своите пациенти за да им го спаси животот.

Во Аризона експертите за крионика одржуваат повеќе од 130 починати клиенти во замрзната состојба, што е уште еден вид неизвесност. Се надеваат дека во далечната иднина – можеби за неколку векови, кога технологијата ќе напредува до точка да можат да бидат излечени од болестите од кои умреле – нивинте клиенти да бидат одмрзнати и оживеани.

Во Индија, неврологот Ричард Дејвидсон ги проучува будистичките монаси во состојбата наречена тукдам, во која исчезнуваат биолошките знаци на живот, но телото една недела или подолго изгледа свежо и недопрено. Негова цел е да провери дали кај монасите може да открие каква било мозочна активност, надевајќи се дека ќе дознае што се случува со свеста (ако нешто воопшто се случува) кога ќе престане циркулацијата.

А, во Њујорк, Парнија проповеда за продолженото оживување. Тој тврди дека реанимацијата функционира подолго отколку што мислат луѓето и дека во одредени околности – кога е намалена телесната температура, кога градите се притискаат со правилно темпо и јачина и кога кислородот се внесува полека за да се избегне оштетување на ткивото – некои пациенти можат да се вратат од мртвите, иако срцето престанало да чука со часови, често без долгорочни последици. Моментално истражува еден од најмистериозните аспекти на умирањето и оживувањето: зошто толку луѓе на кои престанува да им работи срцето сведочат за вонтелесно искуство или искуство на блиска смрт, и што можат да ни откријат нивните доживувања за природата на таа зона на неизвесност и за самата смрт.

„Ако ги послушав докторите сега својата ќерка ќе ја посетував на гробишта“, вели Нејла Винкфилд, на чија ќерка Џахи Мекмат ѝ била утврдена мозочна смрт во 2013 година, кога имала 13 години. Винкфилд упорно тврди дека нејзината ќерка не е мртва.

Кислородот игра парадоксална улога на границата помеѓу животот и смртта, тврди Рот од Истражувачкиот онколошки центар „Фред Хачинсон“ во Сиетл. „Откако бил откриен во почетокот на седумдесеттите години од 18 век, научниците сметаат дека кислородот е пресуден за животот“, вели тој. Меѓутоа, научниците во тој период не знаеле дека кислородот е круцијален за животот во двојна и необична смисла. „Да, ако на животно му го одземете кислородот, ќе го убиете“, вели Рот. „Но, ако дополнително ја намалите количината на кислород, животното ќе оживее, но ќе биде во состојба на суспензија“.

Докажал дека тоа функционира кај нематодите кои живеат во тлото. Тие можат да живеат од воздух кој има само 0,5 проценти кислород, но умираат кога кислородот се редуцира на 0,1 проценти. Меѓутоа, ако потоа брзо го намалите кислородот на пониско ниво – 0,001 процент или дури и пониско – тие црви влегуваат во состојба на суспензија, кога за преживување им е потребен далеку помалку кислород. На тој начин преживуваат за време на екстремни состојби како животните во зимска хибернација. Изгледа дека организмите во состојба на суспензија, лишени од кислород, се мртви, но не засекогаш – како плинските уреди на кои е запалено само сигналното светло.

Рот се обидува да предизвика таква состојба вбризгувајќи им на експерименталните животни „агенси за редукција на елементи“ како јодот, кој значително ја намалува нивната потреба за кислород. Наскоро ќе се обиде да го направи истото и со луѓе. Целта му е да ја минимизира штетата која може да настане заради третманот по срцев удар. Идејата е дека јодот, ако го забавува метаболизмот на кислородот, би можел да помогне да се избегнат руптури кои некогаш ги следат третманите како што е балон ангиопластиката. Оштетеното срце кое работи на пониско ниво, би можело да зема мали количини кислород кој доаѓа преку поправениот крвен сад, наместо да биде преплавено со него.

Според Рот, животот и смртта се вртат околу движењето: во биологијата важи правилото – колку нешто помалку се движи, толку живее подолго. Семките и спорите можат да живеат стотици илјади години – со други зборови, речиси се бесмртни. Рот мечтае за денот кога, благодарение на некој агенс како јодот и техниката која наскоро ќе почне да се проучува на првите клинички тестови во Австралија, луѓето ќе можат да станат „накратко бесмртни“ тогаш кога ќе им биде најпотребно, кога срцето им е сериозно загрозено.

Таквиот пристап не би ѝ помогнал на Перез, чие срце не ни престанало да чука. Еден ден по поразителниот томографски преглед, акушерката Тифани Сомер-Шели се обидела на нејзините исплашени родители Верта и Модесто Хименез да им објасни дека нивната прекрасна ќерка – млада жена со блескави очи која ја обожавала својата ќеркичка, имала многу пријатели и сакала да танцува – е во состојба на мозочна смрт.

Постоела јазична бариера. Мајчин јазик на семејството Хименез е шпанскиот, така што преведувачот морал да им преведува сè што зборувал докторот. Но, вистинската пречка не бил јазикот, туку самиот поим мозочна смрт. Терминот потекнува од крајот на шеесеттите години на минатиот век, кога се совпаднале две медицински достигнувања: високотехнолошките машини за одржување во живот, кои ја поматиле границата помеѓу животот и смртта, и трансплантацијата на органи, која го направила ургентно јасното дефинирање на таа граница. Смртта веќе не можела да се дефинира на традиционалниот начин – како престанување на дишењето и работата на срцето – зашто машините наречени вентилатори бескрајно долго можеле да го обезбедуваат и едното и другото. Дали пациентот на вентилатор е мртов или жив? Ако го отстраните вентилаторот, кога е етички оправдано да ги преземете неговите органи и да му ги пресадите на некој друг? Ако пресаденото срце почне да чука во новите гради, дали донорот воопшто бил мртов?

За да се решат овие мачни прашања, на Харвард 1968 година била формирана комисија која ја дефинирала смртта на два начини: традиционално, според кардиопулмоналните, и на нов начин, според невролошките критериуми. Невролошките критериуми, кои сега се користат за одредување на „мозочната смрт“, подразбираат три основни мерила: кома или недостаток од секаква реакција, апнеа или неспособност да се дише без вентилатор и отсуство на рефлекси на мозочното стебло, кое се утврдува со тестови како што се испирањето на ушите со ледена вода за да се види дали се движат очите, бодење со игла под ноктите за да се види дали на лицето се појавуваат гримаси, или иритација на грлото и бронхиите за да се предизвика кашлица.

Делува како сè да е јасно, па сепак ѝ се противи на нашата интуиција. „Пациентите на кои им е дијагностицирана мозочна смрт не изгледаат како да се мртви“, во 2004 напишал Џејмс Бернат, невролог на Медицинскиот факултет Дартмаут во Њу Хемпшир, во American Journal of Bioethics. „Спротивно е на искуството кога за мртов ќе прогласите пациент кој има отчукувања на срцето, циркулација и кому му функционираат висцералните органи.“ Неговата статија, која требало да го разјасни и дефинира поимот мозочна смрт, се појавила кога се појавиле и ударните наслови за двајца контроверзни пациенти: Џахи Мехмат, тинејџерка од Калифорнија чии родители не ја прифатиле дијагнозата откако девојчето претрпело катастофална загуба на кислород за време на операција на крајниците, и Марлиси Муњоз, трудница на која ѝ била дијагностицирана мозочна смрт и чиј случај многу се разликува од случајот на Перез. Семејството Муњоз не сакало да се презема што било за да се одржи во живот нејзиното тело, но болничкиот персонал ги надгласал зашто болницата, според тексашките закони, била задолжена да го одржи фетусот во живот. (На крајот, судијата пресудил против болницата.)

Два дена по мозочниот удар на Перез семејството Хименез, заедно со таткото на нероденото дете, се појавило во преполната конференциска сала на Методистичката болница, сè уште под влијание на трагичниот пресврт на нејзината бременост. Се сретнале со 26 члена од болничкиот персонал, вклучувајќи невролози, специјалисти за палијативна нега, сестри, свештеници, советници за етички прашања и социјални работници. Родителите внимателно слушале додека преведувачот им објаснувал дека тестовите покажале дека мозокот на нивната ќерка веќе не функционира. Слушнале дека медицинскиот тим им нуди „соматска поддршка“ за нивната ќерка додека фетусот не наполни барем 24 недели, кога ќе има педесет проценти шанси да преживее надвор од матката. Со малку среќа, им рекле докторите, можеби ќе успеат и подолго да го зачуваат телото на Перез, со секоја недела зголемувајќи ги шансите на бебето за преживување.

Модесто Хименез можеби размислувал за разговорот кој го водел претходната ноќ со акушерката Тифани Сомер-Шели – единствената од болницата која ја познавала Перез додека била жива, како личност што дишела, се смеела, сакала – кога ја тргнал настрана и ја прашал: „Дали мојата ќерка некогаш ќе се разбуди?“

„Не“, му одговорила. „Веројатно вашата ќерка никогаш нема да се разбуди“. Тоа била една од најтешките реченици што некогаш морала да ги изговори.

„Како медицински работник, знаев дека мозочната смрт значи смрт“, вели. „Клинички гледано, таа била мртва во тој момент.“ Но, набљудувајќи ја својата пациентка како лежи на интензивна нега, на Сомер-Шели ѝ било тешко да поверува во тоа речиси колку и на нејзиното семејство. Перез изгледала како некој што е штотуку опериран: кожата ѝ била топла, градите и се подигнувале и спуштале, а во нејзиниот стомак сè уште се поместувал очигледно здравиот фетус.

Во преполната конференциска сала Хименез тажно климнале со главите, покажувајќи му на медицинскиот тим дека разбрале дека нивната ќерка е мозочно мртва и дека никогаш нема да се разбуди. Но, додале дека, за секој случај, ќе се молат за чудо.

Мозокот има поголема потреба за енергија од другите органи, така што тој прв престанува да функционира – и трпи неповратна штета – кога ќе престане да работи срцето и кога крвта ќе престане да циркулира. Различни области од мозокот имаат поинакви нивоа на чувствителност, а една од најкревките е хипокампусот.

Ако чудото се дефинира како враќање од мртвите, тогаш чудата во медицината понекогаш и се случуваат.

Семејството Мартин верува дека биле сведоци на чудо откако нивниот најмлад син Гардел умрел кога минатата зима влетал во ледена бура. Тој со мајката, таткото и шесте постари браќа и сестри живее на големиот селски имот во централна Пенсилванија, кој децата сакаат да го истражуваат. Еден топол мартовски ден во 2015 година двајцата браќа го земале Гардел, кој сè уште немал две години, за да си играат. Детенцето изгубило контрола и паднало во реката на стотина метри од куќата. Браќата забележале дека го нема и се избезумиле зашто не можеле да го најдат. Кога спасителите стигнале до Гардел – кого од водата го извлекол соседот – срцето на детето не чукало најмалку 35 минути. Техничарите од итната помош започнале компресија на градниот кош, но не успеале да го активираат срцето. Продолжиле со оживувањето додека брзале кон 16 километри оддалечената болница во Евангелистичката заедница. Детето немало пулс, а телесната температура му била 25 степени, повеќе од 11 степени под нормалното ниво. Оттаму со хеликоптер го префрлиле во Медицинскиот центар Гајзингер, оддалечен 29 километри од Денвил. Срцето сè уште не чукало.

„Не даваше никакви знаци на живот“, се сеќава Ричард Ламберт, директор на службата за педијатриска седација и член на тимот за ургентна педијатрија кој го дочекал хеликоптерот. „Изгледаше како дете кое... Па, беше безживотно, потемнето. Усните му беа модри...“ Гласот на Ламберт слабее додека се присетува на тој ужасен момент. Знаел дека децата кои се дават во ледена вода понекогаш закрепнуваат, но никогаш не слушнал дека некое закрепнало кое било мртво колку Гардел. Она што е уште полошо, детето имало шокантно ниска ПХ вредност на крвта, што е знак за претстојното откажување на органите.

Еден лекар од Болницата за деца „Џенет Вајс“ од медицинскиот центар Гајзингер, на Ламберт и неговиот колега Френк Мафи, директорот на одделението за ургентна педијатрија во таа установа, им сугерирал дека можеби треба да се откажат од оживувањето. Но, тие сакале да продолжат. Биле задоволени сите критериуми за „враќање од мртвите“. Водата била студена, детето било мало, реанимацијата започнала само неколку минути по давењето и не била прекината. Ајде да продолжиме уште малку, му рекле на тимот.

И, продолжиле. Уште 10 минути, 20 минути, 25. До тој момент Гардел немал пулс и не дишел повеќе од час и половина. Според зборовите на Ламберт, бил „обесен, телото му било студено без ниеден знак на живот“. Но, членовите на тимот продолжиле да пумпаат, да притискаат и да го контролираат. Оние што правеле компресија на градниот кош се менувале на секои две минути – напорно е тоа да се прави правилно, дури и на толку мали гради. Другите ставале катетери во неговата феморална и вратна вена, желудникот и бешиката, постепено внесувајќи во неговиот систем топла течност за да му ја зголемат телесната температура. Изгледало дека не постигнуваат ништо.

Наместо да ја прекинат реанимацијата, Ламберт и Мафи одлучиле да го префрлат Гардел на хирургија и да применат кардиопулмонален бајпас – најагресивниот облик на активно загревање, последен обид да се реанимира неговото срце. Откако темелно ги измиле рацете, уште еднаш го провериле пулсот.

Неверојатно, се појавиле отчукувања на срцето – прво слаби, но стабилни, без абнормалности во ритамот, кои понекогаш се јавуваат после подолг застој на работата на срцето. Само три и пол денови подоцна Гардел со своето развеселено семејство ја напуштил болницата, помалку несигурен на нозете, но совршено здрав.

Ешли Барнет била студентка кога доживеала тешка сообраќајна несреќа на еден осамен автопат во Тексас. Карлицата ѝ била скршена, слезенката пукнала и крварела обилно. Како што вели, се нашла на раскрсница на два света: светот на хаосот и болката во кој болничарите се обидувале да ја извлечат од скршениот автомобил и другиот, исполнет со бела светлина, без болка и страв. Неколку години подоцна заболела од рак, но, благодарение на искуството со блиската смрт била сигурна дека ќе преживее. Има три деца и работи како советник за луѓе што преживеале трауматски искуства.

Гардел е премногу млад за да ни раскаже што се случувало во 101 минута додека бил мртов. Но, понекогаш луѓето кои се оживеани благодарение на упорната и квалитетна реанимација раскажуваат сосема јасни и морничави приказни. Преживеаните можеме да ги третираме како луѓе кои „преминале на другата страна“ и се вратиле со приказни кои ни овозможуваат увид во тоа како изгледа умирањето. Нивните „приказни од сивата зона“ станаа предмет на научни анализи. Најнова е студијата наречена AWARE (AWAreness during Resusciation – будност за време на реанимација), која ја предводел тимот на Сем Парнија. Парнија, директор на програмата за истражување на реанимацијата на Универзитетот „Стоуни Брук“, и неговите колеги од 2008 година проучиле 2 060 случаи на срцеви застои во 15 американски, британски и австриски болници. Меѓу нив имало 330 преживеани, од кои биле интервјуирани 140. Педесет и пет од тие 140 пациенти изјавиле дека за време на процесот на оживување биле во еден вид свесна состојба.

Иако, повеќето од нив не можеле да се сетат на деталите, некои споменувале сензации слични на оние што ги наоѓаме во бестселерите како „Рајот е вистински“: забрзување или забавување на времето (27 луѓе), спокој (22), одвојување од телото (13), радост (9), гледање силна светлина или златен блесок (7). Некои (не е наведена точна бројка) изјавиле дека се сеќаваат на непријатни сензации: страв, давење или влечење во длабока вода. Еден пациент изјавил дека „видел како некои луѓе ги погребуваат исправени во ковчези“. Парнија и неговите коавтори во медицинското списание „Оживување“ објавиле дека оваа студија обезбедува „подетално разбирање на сложеното ментално искуство кое веројатно го следи процесот на умирање по запирање на циркулацијата“. Напишале дека следниот чекор е проучување на прашањето дали (и на кој начин) тие епизоди – кои повеќето истражувачи ги нарекуваат искуства на блиска смрт (ИБС), додека Парнија повеќе го сака изразот „искуства на реална смрт“ – влијаат на преживеаните по закрепнувањето, позитивно или негативно, во смисла на когнитивните проблеми и посттрауматскиот стрес. Тимот што работел на студијата AWARE не ја истражувал вообичаената последица од искуството со блиската смрт: чувство дека сопствениот живот повторно има смисла и цел. Преживеаните често зборуваат за тоа чувство – особено оние кои за своето искуство напишале книги. Мери Нил, ортопедски хирург од Вајоминг, за тој ефект зборувала пред голема публика, на панел-дискусијата на Њујоршката академија на науките, одржана 2003 година под назив „Новиот концепт на смртноста“. Нил, авторка на книгата „До рајот и назад“, го опишала своето давење за време на возењето со кајак во Чиле 14 години претходно. Раскажала дека почувствувала како нејзиниот дух се одвојува од телото и се воздигнува над реката, додека коските се кршеле во нејзините нозе. Се сеќава дека одела „по неверојатно убава патека кон некоја величествена засводена градба“ за која знаела дека „од неа нема враќање“ – и не можела да дочека да стигне таму. Опишува дека размислувала дека целото искуство е чудно, прашувајќи се колку долго била под вода (подоцна дознала дека тоа траело најмалку 30 минути) и се тешела дека нејзиниот маж и децата ќе се снајдат и без неа. Потоа, почувствувала како го вадат нејзиното тело од чамецот и можела да види како членовите од тимот на итната помош ја оживуваат. Слушнала како еден од нив ја повикува: „Врати се, врати се!“ – и тоа, како што се изразила, „многу ја изнервирало“.

На панелот учествувал и Кевин Нелсон, невролог од Универзитетот Кентаки. Тој изразил скепса – не во однос на нејзиното сеќавање, за кое признал дека е интензивно и реално, туку во однос на толкувањето на сеќавањето. „Тоа не се искуства на некој што се вратил од мртвите“, рекол тој на конференцијата, спротивставувајќи му се на гледиштето на Парнија за тој настан. „За време на тие искуства мозокот и тоа како е жив и активен.“ Рекол дека она низ што поминала Нил би можело да е феноменот наречен РЕМ интрузија, кога мозочната активност карактеристична за сонувањето на некој начин се вклучува за време на други состојби, на пример за време на ненадеен недостаток на кислород. Според него, искуствата со блиската смрт и вонтелесните искуства не се резултат на умирање, туку хипоксии – губење на свест, а не живот.

Други студии укажуваат на некои други физиолошки објаснувања на искуствата со блиска смрт. На Универзитетот Мичиген тимот кој го предводи Џимо Борџигин ги мерел мозочните бранови кај девет глувци по запирање на работата на срцето. Кај сите, откако срцето престанувало да работи, високофреквентните гама бранови (оние кои се поврзуваат со медитацијата) станале посилни – впрочем, покохерентни и поорганизирани отколку во обична будна состојба. Истражувачите запишале дека искуството со блиска смрт можеби е токму тоа – состојба на „зголемена свесна обработка“, која се случува за време на лимб, односно периодот пред настапување на конечната смрт.

По директен судар Триша Баркер, тогаш студентка, пристигнала во болница во Остин, Тексас, обилно крварејќи и со скршен рбет. Вели дека за време на операцијата почувствувала како се одвојува од своето тело, движејќи се низ болничкиот ходник, го видела својот очув, сиот во болка, како купува чоколадо од автомат. Заради тој детал, чоколадото купено за да се ублажи стресот, за што очувот никогаш не зборувал, Баркер верува дека навистина се движела низ болницата. Денес е професорка по креативно пишување и вели дека сè уште ја водат духовите што ја следеле на другата страна.

Дополнителни прашања за сивата зона отвора реткиот феномен наречен тукдам, кога умира монах, но една недела или подолго нема никакви видливи знаци за пропаѓање на телото. Дали таквата личност е свесна или не, мртва или не? Тие прашања одамна го преокупираат Ричард Дејвидсон од Универзитетот Висконскин, кој со години се занимава со невролошко проучување на медитативната состојба – особено откако летото 2015 година во манастирот Дир Парк во Висконскин видел монах во состојба на тукдам.

„Ако само случајно влезев во собата, ќе помислев дека е во длабока медитација“, вели Дејвидсон со глас во кој и преку телефон се слуша стравопочит. „Кожата му изгледаше сосема свежо, како да е жив, без никакви траги на распаѓање.“ Чувството дека мртвиот човек на некој начин е присутен, дури и кога се набљудува одблиску, го инспирирало Дејвидсон да го проучува тукдамот. Земал основна медицинска опрема, како што се ЕЕГ апарати и стетоскопи, за две теренски станици во Индија и обучил тамошен тим од 12 тибетски лекари на терен да ги тестираат монасите – почнувајќи во моментот додека сè уште се живи – за да утврдат дали по смртта кај нив постои каква било мозочна активност.

„Можно е многу млади монаси, кои целиот живот практикуваат медитација, пред смртта да влезат во медитативна состојба и потоа на некаков начин да ја одржуваат“, вели Дејвидсон. „Нашиот конвенционален разум не е во состојба да објасни што се случува и како.“ Неговото истражување, иако засновано на западната медицина, има за цел да го разбере тој феномен на поинаков начин, со повеќе нијанси кои би можеле да објаснат не само што им се случува на монасите во тукдам туку и на секој друг што ќе ја премине линијата која го дели животот од смртта.

Процесот на распаѓање обично почнува набрзо по смртта, Кога мозокот ќе престане да функционира, тој веќе не е во состојба да одржува рамнотежа на другите системи. Затоа, за фетусот во телото на Карла Перез да продолжи да се развива и откако нејзиниот мозок престанал да работи, морал да помогне тим од повеќе од стотина лекари, сестри и други здравствени работници. Постојано го следеле крвниот притисок, функцијата на бубрезите и електролитите на Перез и според тие наоди го дозирале внесот на храна и кислород во нејзиниот организам, како и интравенозните инфузии.

Но, иако ги одржувале функциите наместо тоа да го прави нејзиниот мозок, на членовите од тимот сепак им било тешко да прифатат дека е мртва. Сите, до последен, ја третирале како личност во длабока кома, ѝ се обраќале со нејзиното име, ја поздравувале кога влегувале и излегувале од нејзината соба.

Ваквото однесување спрема Перез во одредена мера било израз на почитување кон неа и семејството, учтивост која покажувала дека не ја третираат само како инкубатор. Но, на одреден начин, тоа однесување ја надминувало учтивоста и ги покажувало вистинските чувства на луѓето кон неа.

Тод Ловгрен, еден од водачите на тимот, знае како им е на нејзините родители – и тој ја изгубил ќерка си, најстарата од неговите пет деца, која сега би имала 12 години. „Би се навредил ако видам дека некој не ја третира Карла како личност“, вели. „Видов млада жена со лакирани нокти, со фризура која ѝ ја направила мајка ѝ, со топли раце и прсти... Дали нејзиниот мозок функционира или не, за мене таа е човечко битите.“

Повеќе како родител отколку како лекар, Ловгрен, објаснува дека понекогаш му се чинело дека она што Перез ја прави Перез сè уште е присутно во тоа тело – иако за време на второто скенирање знаел дека не функционира само нејзиниот мозок туку и дека големи делови од него биле изумрени и одвоени. (И покрај тоа, тој не извршил тестирање според последниот од трите критериуми за мозочна смрт – апнеи – стравувајќи дека исклучувањето на Перез од вентилаторот, дури и само на неколку минути, би можело да го загрози фетусот.)

Десет дена по мозочниот удар на Перез, на 18 февруари, станало јасно дека нејзината крв не засирува нормално – најава дека мртво мозочно ткиво стигнало во крвотокот и уште еден знак за Ловгрен дека „таа никогаш не би закрепнала“. Во тој момент фетусот бил стар 24 недели, па тимот на Перез од главната болница се вратил во Методистичката гинеколошка клиника во породилиштето. Накратко успеале да го отстранат проблемот со засирувањето на крвта. Но, биле подготвени да извршат царски рез кога ќе стане јасно дека дошол моментот за тоа, дека во Перез веќе нема ни привид од живот кој медицинскиот персонал го обезбедувал со својата вештина и инструментите.

Род Грамсон (во средината) го добил срцето на Скот, синот на Деана и Рич Скот. Скот загинал во сообраќајна несреќа кога имал 17 години. Неговите органи и ткива се пресадени кај 76 луѓе.

За Сем Парнија, смртта е потенцијално реверзибилен процес. Клетките во нашите тела обично не умираат кога ќе умреме ние, вели; некои клетки и органи можат да продолжат да живеат со часови, можеби дури и со денови. Понекогаш моментот на прогласување смрт е лична проценка, вели. Напоменува дека, кога тој бил на обука, оживувањето го прекинувале само пет до десет минути зашто се претпоставувало дека потоа настапува непоправлива штета на мозокот.

Но, научниците кои се занимаваат со реанимација откриле начини мозокот и другите органи да ги одржат во живот и кога ќе застане срцето. Тие знаат дека намалувањето на телесната температура помага – што на Гардел Мартин му се случило по природен пат и тоа исто така целно се спроведува во некои ургентни центри, каде пред оживувањето рутински ги ладат пациентите. Исто така, знаат дека упорноста се исплатува, особено во болниците во кои се користат машини за одредување на компресијата на градниот кош или кои еден ден би можеле да користат медикаменти како јодот.

Парнија ја споредува науката за реанимација со воздухопловството. Изгледало дека човекот никогаш нема да лета, па сепак, 1903 година браќата Рајт полетале. Неверојатно е тоа што, вели тој, од првиот лет долг вкупно 12 секунди, до слетувањето на Месечината поминале само 66 години. Смета дека таков напредок може да се случи на полето на реанимацијата. Парнија верува дека науката за враќање од мртвите е во развој.

Сепак, лекарите веќе се во состојба да ги грабнат луѓето од прегратките на смртта на запрепастувачки, инспиративни начини. Таков случај се случи во Небраска, еден ден пред Велигден, на 4 април 2015 година, кога во Методистичката гинеколошка клиника, претпладнето, со царски рез се роди детето Анхел Перез. Анхел денес е жив благодарение на тоа што лекарите биле во состојба телото на неговата мозочно мртва мајка да го одржат во функција 54 дена, доволно долго за тој да се роди како мало но сосема здраво бебе од 1,3 килограми, толку обично што е чудо. Се покажало дека тоа дете е чудото за кое се молеле неговите баба и дедо.

Берта Хименез секојдневно разговара со сликата на својата ќерка Карла Перез, која била прогласена за мозочно мртва во 2015 година, додека била бремена. Благодарение на докторите нејзиното тело функционирало уште 54 дена, доволно долго за да се развие нејзиното бебе Анхел. Анхел и неговата тригодишна сестра Џенесис ја одгледуваат родителите на Карла.

Фотографии: Лин Џонсон

Извор: National Geographic 

ОкоБоли главаВицФото