Бункеризам

15.06.2017 00:07
Бункеризам

Познатото и многу повторувано признание на еден од клучните вмровски лудаци – „ние сме лудаци“ – од ден во ден добива на тежина, значење и многустрана реинтерпретација. Иако, како што вели Џабир, „допрва ќе го откриваме сиот гнилеж на системот“ и којзнае уште што сè нè чека. Последното беше фамозниот бункер на шатлестото фирерче и неговата манијакална опсесија со себеси, со личното значење а со тоа и потребата од некаква посебна безбедност, како да некој навистина до толку би си ги валкал рацете со неговата анемична крв! Којзнае што сè, на пример, крие и „Јасен“ или како се вика она место што си го спремаа за после пучот, или некои други дувла што допрва ќе се отвораат пред запрепастената македонска јавност. Иако, всушност, веќе ништо не треба да нè изненадува зашто и фамозното признание на Ставревски е одамна надминато: овие да ти биле лудаци на квадрат! Вакви ноторни расiпикуќи, мафијаши, бандити, џепароши… од една страна, и самобендисани полутани, неинтелигенти, простаци и провинцијалци, кич луѓе… од друга страна, немало и ќе нема во македонскава современа историја. И секогаш кога мислевме дека видовме и слушнавме сè, тие умееjа да нè изненадат!

А сепак, кога човек ќе погледне наназад, јасно е дека груевистичкиот бункер одамна започна да се гради, и тоа на многу поголема локација – на територијата на цела Македонија. Целата држава требаше да биде претворена во еден голем бункер ни на небо ни на земја, од којшто никој не може да излезе, а богами ни да влезе. Односно, неговата пропулзивност беше некако функционално поткрепена кон надвор – во правец на иселувањето, особено на младите, за да има повеќе lebensraum за лудаците! Но во обратната насока македонскиот бункер се покажа посебно ефикасен. Зашто, потсетете се годиниве кој дојде да ги посети лудациве? Мислам на оние сериозни политичари, претставници на слободоумниот свет кои своеволно би дошле во официјална и пријателска посета, а не беа нивни орбанолики двојници и пајташи, или пак на оние кои мораа службено да нè посетат за да ни кажат што и како треба да правиме. Речиси никој. А каде отидоа нашиве гуланфери, освен во возвратни посети на пајташите? Никаде.

Ви текнува, барем на повозрасните, како се чудевме на сликите од Албанија во времето на Енвер Хоџа и оние бетонски бункери посеани низ земјата? И од кого се плашеа и од кого се бранеа? А нашиве лудаци? Нашиве лудаци докажаа дека бункер-системот не мора да се темели на бетонски буквализми, туку може да се ефектуира на пософистициран начин – преку политиката како инклузивен поим подразбирајќи ги тука и културата, науката, образованието итн. Па дури и спортот, ако сакате, зашто и тој беше пикнат во партиски бункер, од којшто само повремено излегуваа оние малку меѓународни квалификациски учества кои бргу и неславно завршуваа!

Оттука, бункеризмот како специфичен тип на наше домашно политичко уредување се покажа како делотворен во секој поглед, замандалувајќи ги хоризонтите (не само) на младите генерации и насочувајќи го нивниот интерес тесно локално, провинциски, малограѓански. Или, сетете се на „говорот“ – само како на неодамнешен пример, иако ги има неброено – на шефот на криминалната банда вечерта во Собранието, пред гласањето за новата коалициска влада. Сетете се на неговата слика за нивните „успеси“ и „резултати“ искажани (и со ништо поткрепени) само низ голи цифри кои никому ама баш ништо не значат. И тоа беше круната на тој бункеризам што цела деценија оперираше со такви неспоредливи со никого и со ништо флоскули кои божем требаше да нè импресионираат и поттикнат на воодушевување и ракоплескање. Кому и што значат голите бројки за вмровските „успешни“ политики кога немате со кого и со што да ги споредите, кога нема споредбени податоци, кога немате ефекти и конкретни резултати? А и не можете да ги имате, зашто бункер-системот не го дозволува тоа, зашто тогаш ќе ја откриете заднината на големата измама и големиот измамник лично и персонално! Или, ако сакате, со кого ќе се споредуваа, и како воопшто, нашите провинциски научни „достигнувања“ на една Ачковска, Жежов и компанија, или „Зета Македонија“, па „дешифрирањето“ на каменот од Розета итн.? Или можеби нашите „успеси“ во културата, меѓу последните она ненадминато и урнебесно bmw-ско глупирање на Биеналето во Венеција, или најновово – повторно на „стручњакот“ Коробар и повторно со пари на Министерството за култура – среде Македонската амбасада во Париз со некаква „изложба“ на Калеши и Тања Балаќ, или оние наши екскурзии божем во „културните центри“ во Софија и Њујорк (а оној со глумецон, во Истанбул, ниту проработе!), итн.? Македонскиот бункер во културата во којшто така самобендисано се натпреварувавме самите со себеси даваше видливи „резултати“ – македонската култура и уметност станаа terra incognita за европската и светската творечка сцена! Или, ако сакате, кој, впрочем, ќе влезе во македонската амбасада во Париз за да гледа изложба? И за тоа ли постојат македонските амбасади, да глумат галерии (пред некоја година нашата амбасада во Виена, сега оваа во Париз) или пак за да нашиве „културни“ идиоти си ги прошетаат задниците до таму и назад? Има ли, да простите, некој нормален таму?

Но, се разбира, малкумина остануваат нормални во бункер, каде и да се, дома или во Париз, сеедно. Тоа, впрочем, е и дел од бункерската стратегија. Зашто, со нормален народ не се владее така лесно.

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Роби Дви Антоно

ОкоБоли главаВицФото