„Докуникулци“ - работилница за креативен документарен филм

16.06.2017 08:52
„Докуникулци“ - работилница за креативен документарен филм

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ годинава почнува нова авантура (проект/активност/слој од кромидот) со поддршка на Националната фондација за демократија од Вашингтон, а која ќе се одвива низ повеќе сегменти, вклучувајќи го Патувачкото кино во јули, фестивалот во Скопје во август и дополнителни сесии наесен. Станува збор за работилница за креативен документарен филм наменета за 12 учесници на возраст од 15 до 18 години.


Како да се пријавиш?

Сними се себеси во вид на видео-порака, со телефон, веб-камера или на кој било друг начин, и преку видеото, кое не треба да трае повеќе од пет минути, одговори на следниве прашања:

1. Освен преку соништата, на кој друг начин бегаш од секојдневието?
2. Кога би можел да бидеш кое било животно или растение, што би избрал/а да бидеш и зошто? 
3. Кое е твоето прво сеќавање?
4. Кога би сретнал/а магаре што знае да зборува, што би била првата реченица која би ти ја кажало и зошто?
5. Кој документарен филм ти оставил најголем впечаток и зошто?
6. Која е приказната што сакаш да ја раскажеш и зошто е различна од останатите?
7. Што би издвоил/а за себе како важно, специфично, откачено?

Видеото испрати ни го на dokunikulci@makedox.mk преку wetransfer. Уште подбро, доколку си во можност, прикачи го на VIMEO или YouTube, заштитено со лозинка, а нам испрати ни ги линкот и лозинката.
Повикот е отворен од 11 до 28 јуни 2017 година, a резултатите ќе бидат објавени до 4 јули 2017 година.
Работилницата ќе биде распоредена во четири сесии и ќе се случува во следниве термини:

 -Патувачко кино* и „Д Фестивал“ (12-25 јули - 5 дена)
- Филмски фестивал „МакеДокс“ (19-25 август - 6 дена)
- Две есенски сесии по договор (5-7 дена)

На работилницата, своите знаења и вештини во документаристиката ќе ги споделат членови на креативниот тим на „МакеДокс“, како и наши пријатели од други земји– докажани докупрофесионалци.
Учеството е бесплатно. Трошоците за сместување, превоз и храна се покриени, но имај на ум дека сместувањето - особено за време на патувачкото кино – не е во хотел со пет ѕведзички, туку, понекогаш дури и под отворено небо, со милиони ѕвезди, заедно со тимот на „МакеДокс“.
Сакаме млади луѓе кои имаат храброст да се изразат креативно и слободно, кои ќе бидат спремни да се впуштат во една незаборавна авантура. Дванаесеттемина величествени ќе бидат поделени во 3-4 помали групи со по еден ментор; на крајот на работилницата, секоја група треба да има готов креативен документарен филм. (Во овој момент, не бери гајле за опрема.)

ВАЖНО: Доколку си малолетен/на, заедно со пријавите, треба да доставиш и согласност од одговорен возрасен, со која се одобрува твоето учество на работилницата.