Музејот на промашувањата

16.06.2017 08:03
Музејот на промашувањата

Во шведскиот град Хелсингборг неодамна беше отворен Музејот на промашувањата, што го осмислил кустосот и клинички психолог Самуел Вест. Ќе бидат изложени производи што биле толку иновативни што доживeале целосно фијаско – зелен кечап, кока-кола со вкус на кафе, тоалетна вода за мажи на производителот на мотори „Харли Дејвидсон“, социјалната игра под наслов „Јас се вратив, а ти си отпуштен“ на Трамп… „Ако постои нешто што можеме да направиме, е да извлечеме поука од тие промашувања“, вели авторот на проектот.

Неговата идеја е интересна, веројатно и ќе привлече посетители, ама сепак не е ниту сосема оригинална. Самуел Вест би требало да знае дека невремето (или, можеби, поточно: вемерето) што ја зафати македонската култура и кое траеше, речиси непрекинато, цела деценија ја претвори Македонија во еден голем, во споредба со шведскиот огромен музеј на грандиозни промашувања. Станува збор за „иновации“ – дела и производи – на анонимни или малку познати автори, утки (и делата и творците) од кои светот не престанува да се чуди, сите осмислени од во умот на еден клинички случај. Можеби во зародишот на идејата биле замислени да бидат уметнички дела – скулптури, споменици, архитектонски зданија, фасади, слики, мозаици и слично, но тие преку ноќ (времето во кое беа поставувани на јавната сцена) осамнаа како кич поштетен и од зелениот кечап и од кока-колата со вкус на кафе заедно.

Играта со авторот на проектот, кој е обожавател на Трамп, заврши – отпуштен е. Културата тешко ќе се врати. Експонатите изложени во центарот на Скопје уште долго ќе имаат разорни последици за сите што ќе стапнат во музејот Македонија.

Извор: Слободен печат
Слика: Александар Дојранлиев

ОкоБоли главаВицФото