Наместо економска обнова во 100 чекори, ни треба економска слобода веднаш!

16.06.2017 08:55
Наместо економска обнова во 100 чекори, ни треба економска слобода веднаш!

Несомнено, пред околу 11 години, кога се инсталираа на власт од ВМРО-ДПМНЕ, беа полни со ентузијазам, енергија, па и решителност за економски реформи. За разлика од сега, до гуша во долгови, наследи полна државна каса како никогаш дотогаш, преку 130 милиони американски долари. Првите две години од владеењето беа одлични, особено во економијата, за што зборуваат бројни параметри, а посебно се издвојуваат неколку доста значајни.

Добрите работи на почеток на владење

Многу бргу по доаѓањето на власт, ВМРО-ДПМНЕ воведе реална конкуренција со третиот мобилен оператор во земјата со што ги намалија цените за над 50 проценти за само неколку месеци. Чист благодат од чиста економска мерка.

За само неколку месеци, го реформираа системот на даноците на доход, од прогресивен во пропорционален (рамен) данок, со одредена динамика на намалување и на придонесите за социјално осигурување, со цел поевтинување на работната сила и поттикнување на вработеноста. Исто така, чиста економска мерка, која доликува на десничарска опција. Но, за жал, кратко траеше бидејќи значително ја зголемија даночната основа и опфатот со т.н. „непризнаени трошоци“, покрај сите други парафискални давачки кои се воведоа со тек на време! Да не го спомнуваме при самиот крај на „мирното владење“ двојното и повеќекратното оданочување преку „дополнителните придонеси“, како и преку намалување на прагот на оданочување со ДДВ кај одделни даночни обврзници за персонален данок од доход.

Исто така, многу брзо се зафатија со проектот за фискализација, кој во самиот почеток даде многу позитивни ефекти, сè додека не започна селективната примена и контрола заради конјуктурни интереси. Впрочем, постигнаа добри резултати за намалувањето на неформалната економија и полнењето на буџетот.

Не може а да не се спомне и „регулаторната гилотина“, која исто така првите години даде и конкретни резултати, сè додека процесот беше позитивен. Подоцна, токму таму почна и влошувањето, преку дуплирање на многу постапки, процедури и процеси....

Но да не ги фалиме повеќе! Толку беше, сè до 2009 година, кога во име на справувањето со глобалната финансиска криза, влегоа во фискални авантури и популистички мерки. Тогаш почнаа да ја вкусуваат и корупцијата со поголеми бројки. Подоцна, од т.н. „бомби“ дознавме дека ние кои однадвор ги критикувавме, сме биле многу повнимателни од што самите тие биле меѓусебе. Нема потреба за подетална елаборација на кое дереџе дојдовме. Овој дел од „приказната“ се чини нужен да се изнесе за да не ги „урочиме“ овие новите со сите пофалби и очекувања кои ги создадовме. Секако, не смееме и да прејудицираме. Многу брзо времето ќе покаже.

Политичката емпирија, барем овие 25 години демократски плурализам, ни покажува дека за секоја нова влада, на почеток, па и во првите години од нејзиното владеење, има многу малку критичари, не поради тоа што министрите работат добро (впрочем ова и беше потврдено), туку поради личните очекувања и амбиции кои ги имаат политичките и економските „аналитичари“. Ако се потсетиме, во 2009 година, во проект на Фондацијата Институт отворено општество (тогаш сè уште не ги нарекуваа „соросоиди“) кога првпат беше организирана јавна стручна расправа и дебата за фискалните политики и буџетските трошоци од тригодишнината на владата на Груевски, одвај на прсти се броеја експертите кои придонесуваат за подигнување на јавната свест за недомаќинското или помодерно, непрудентното трошење на јавните пари. За разлика од тогаш, па сè до 2014 година, после бомбите, постепено и сè повеќе на сцена гледаме „независни“ експерти, аналитичари, па дури и консултанти кои почнаа да се промовираат и да им се додворуваат на новите гарнитури. Така што истиот политички опортунизам ќе се случи и сега, и да не помислуваат владетелите дека само заради стивнување на критичката маса навистина подобро владеат! Критериумите за добро владеење се познати - ефективноста и ефикасноста, транспарентноста, отчетноста, одговорноста и партиципацијата. Со овие критериуми постојано ќе оценуваме, барем во делот на трошењето на нашите пари. До стоте денови чисто консултативно и бесплатно, после тоа критички и конструктивно.

Економската слобода како приоритет

Зошто апел за итната потреба за враќање на економската слобода во сите аспекти? Затоа што без економска слобода нема и човекова слобода. А, во сите извештаи на Фридом Хаус, во последните 3-4 години, каде се прикажуваат земјите според економската слобода, трендот за Македонија е влошувачки. Замислете кога државата ве дискриминира при делењето тендери, работа, концесии, субвенции и сè друго што по дефиниција е јавен ресурс. Дискриминацијата е негативна и како терминолошки концепт, но владата правеше позитивна дискриминација со преферирање и избор на „своите“ преку „наши и ваши“! За многу ситуации и примери, низ целата држава, граѓаните беа сведоци дека работите на тендер можеле да ги добиваат само „нивните“ додека „нашите“ можеа преку „подизведувачки“ статус да поработат за привилегираните само за да преживуваат. И тука немаше многу етничка дискриминација, барем не кај албанскиот партнер во владата. Имаше многу ситуации кога „албански давател на тендер“ распоредуваше тендери во Кочани, Велес или Кавадарци, а потоа подизведувачи беа Албанци!

Некои сугестии

Сите ја слушнавме изјавата од премиерот, г-дин Зоран Заев, дека се планира ребаланс на буџетот за наесен (некаде во септември)! Значи најмалку за четири месеци. Не ги знаеме причините, но и не се воопшто важни, кога точно се знае како и кој го донесе тековниот буџет. А за структурата, димензионирањето и начинот на распределба во буџетот за 2017 година, нема потреба да се коментира. На јавноста ѝ се познати стручните, па ако сакате и научните ставови. Дури и владините експерти во тоа време, па и носители на функции во тогашната техничка влада инсистираа за времен буџет или само технички буџет. Сега слушам од дел од експертите дека и не е легално да се направи ребаланс толку рано. Постојниот Закон за буџет, поточно член 36 став 6 укажува дека не може подоцна од 15 ноември да се донесе ребаланс, а започнувањето на тој процес, со право воопшто и не го регулира.

Едно со голема сигурност е неспорно, како практично така и теоретски - буџетските корисници по својата природа, априори преферираат систем на „стекнато право“ и обично тоа редовно го практикуваат. Бараат многу повеќе за да добијат барем најмалку како претходната година, без разлика на потфрлувањето или на негативните перформанси при реализацијата на задачите и програмата за работа. Замислете на буџетските корисници да им беа оставени уште 4 месеци време да трошат според буџетска мерка планирана една година пред тоа од техничка и „нивна“ влада.

Ако остане определбата за ребаланс на буџетот во септември, што ќе може да се рационализира, крати и штеди во последното тримесечје од фискалната година? Речиси ништо, освен нереализираните капитални инвестиции, односно токму таму каде најмалку треба. Како да го гледаме истиот „фискален“ филм од 2009 до денес. Зарем за тоа толку се мачевме? Ало, изборниот таксиметар „отчукува“ од 11 декември, а не од 1 јуни! Ако нешто е најитно, тоа е ребаланс на буџетот. По 3-4 месеци можен е и втор ребаланс! Зарем ништо не е научено од Ставрески, кој во текот на кризата правеше по два ребаланси годишно!

На оваа влада ѝ требаат неколку брзи одлуки барем во областа на фискалните политики.

Прво, длабоко, детално експертско скенирање на постојниот буџет и врз основа на наодите, што е можно побрзо, предлог на првиот ребаланс, по можност не подоцна од еден месец;

Второ, промена на системот на дизајнирање и фискален инжинеринг, прво фискалните политики, па потоа буџетот како инструмент, а не обратно;

Трето, примена на „златното фискално правило“ кое значи - ниту една дополнителна единица ново задолжување за тековни буџетски потреби, освен за продуктивни капитални инвестиции. Единствена отстапка од ова правило може да биде износот кој стасува за исплата на долг, а буџетот не е во кондиција тоа да го измири;

Четврто, враќање на примената на среднорочната фискална рамка, за најмалку 3 години (и така толку ѝ остана за владеење на оваа гарнитура)! Преку среднорочната фискална рамка, ќе може да се создава фискален простор за имплементација на своите политики и програми како и корекција или симнување на конјуктуралните политики од претходната влада;

Петто, најбрзо што е можно, примена на т.н систем на „договори за јавни услуги“ (види примерок на Public Service Agreement), каде сите буџетски корисници ќе се изјаснуваат и согласуваат со спецификацијата на резултатите преку конкретни мерни параметри (KPI-Key Performance Indicators). Сите буџетски корисници кои ќе потфрлат во овие резултати не треба да чекаат да бидат разрешени туку самите треба да си заминат. Евентуалните противзаконски стекнати корист или имот, треба да се конфискуваат. Сето ова треба да се напише во договорите и одлуките при именувањата.

И за крај, кога ќе ја консолидираме судската власт, ќе треба да ги „јуридизираме“ јавните финансии во контролната функција, наместо досегашниот систем на „интерна финансиска јавна контрола“ што се покажа нефункционален при ваков капацитет на јавната управа и администрацијата.

Извор: respublica.edu.mk
Фотографии: Skrekkøgle