Смртта на весниците започна пред една деценија

16.06.2017 10:43
Смртта на весниците започна пред една деценија

Некаде во април 2008 година, две години по доаѓањето на власт на Груевски, со помош на седумте пратеници на НСДП, несакајќи а можеби намерно, со нечија умисла, станав сведок дека ДПМНЕ многу сериозно ги стегнува клештите околу медиумите, особено кон печатените. На еден т.н. работен појадок, организиран од една нова австриска компанија во земјава во ресторанот „Воденица“, мене и на мојот колега од економската рубрика на Утрински ни беше соопштено дека сме останале без работа. Најнапред, тоа беше по малку грд настап на човек кој не го познавав а потоа дознав од колегата дека е член на една од трите најголеми рекламни агенции од Македонија, кој имал – ми беше дообјаснето – вмровска качулка, да искористам модерен термин, само од оние невидливите.

Истиот тип потоа објасни дека ДПМНЕ ги презеле сите рекламни агенции кои вредат и дека мојот неделник „Глобус“, кој постоеше одвај една година и кој брзо стана пример на модерно, европско издаваштво, е со кус здив, уште повеќе што по првата година издавачот имаше полна уста пофалби за нас. На колегата од Утрински му беше „пророкувана“ слична судбина. Се работеше за еден дневен весник кој беше основан во април 1999 година а излезе од печат некаде во ова време пред 18 години, кој беше исто така неповторлив со својот современ третман на новинарството, од дизајнот до содржината. По игра на случајот издавачот Трифун Костовски го продаде весникот на германски ВАЦ, тој пак како компанија, после искористувањето на некој западен фонд за „дебалканизација“ го остави на својот наследник – МПМ на Срѓан Керим. Поконкретно, човекот од светот на маркетингот ни објасни дека тие (како партија, како власт) ја пресекле „линијата на снабдување“ на медиумите со порачки (реклами – огласи) и така отсега фирмите ќе даваат пари само кон оние медиуми за кои ќе им биде кажано. Навистина, за Утрински остана уште една дилема, тогаш нерасчистена - дали ќе опстои или ќе се редуцира драстично. Пренесената вест до матичните редакции не наиде на големо верување од колегите, но се случи она што сега е познато и заокружено како план. МПМ го откачи Глобус во 2009 година, тој продолжи како самостоен проект уште кусо време, а на 3 мај 2011 година, под крајно сомнителни околности, МПМ престана да го печати. На Денот на слобода на новинарството и точно еден месец пред изборите во јуни 2011 година.

Ми падна во очи дека реакцијата на колегите не беше особено изразена. Дел од нив беа и самите под невиден притисок во тие предизборни денови (групацијата на издавачот Велија Рамковски), поголем дел веќе се чувствуваа удобно под чадорот на власта. Пророштвото кон Утрински дојде веднаш по поразот на опозицијата на 6 јуни 2011 година, кога по убиството на Мартин Нешоски, потоа по апсењето на Љубе Бошкоски, дојде штрајкот во Утрински… Првиот од многуте. „Гатачот“ од ресторанот „Воденица“ точно ја погоди судбината на Утрински – беше толчен, валкан и мрцварен и на крајот згасна заедно со Вест. Остана Дневник ама не издржа, гледаме, долго. Стигна до првиот парастос на другите дневни весници, на нивните шест недели од упокојувањетето.

Со тоа господинот Срѓан Керим го затвори својот круг на поданик без мерка и уништувач на слободната медиумска сфера. Само што тој рано ја најави таа своја улога, во часот кога му заврши мандатот на претседавач на Генералното собрание на ОН, а кога не доби поддршка да стане претседател на Републиката (2009) истовремено од двете најголеми партии. Јасно, планот за гушење на медиумите и нивно претворање во партиски роботи е дадено од Мијалков и другата камарила, а во неа соучесници, покрај Керим, беа и многу колеги кои денес се продаваат како „ветерани на отпорот“?!

Но, како и да е, и тие мораа да заминат од сцената бидејќи ја немаат „дарежливата рака на тате“. Првиот приватен весник во независна Македонија – „Дневник“, последен политички дневник на режимот кој си замина, од 14 јуни нема да се печати. Оваа одлука на вработените им ја соопштил Александар Динев, сопственикот на новата фирма „Медиа принт“ која го издаваше „Дневник“ одвај шест недели. За првиот парастос на Утрински и Вест. Освен „Дневник“, се укинуваат и порталите „Вест“, „Утрински весник“ и „Телеграф“. Со оваа одлука на менаџментот околу стотина луѓе од компанијата „МПМ“ остануваат без работа.

Во згаснувањето на Дневник не недостасуваат некои општи законитости во земјава, врзана за политичките практики и за пазарот кој беше поделен зад многу влијанија – редуцираниот пазар, обидите со бесплатни или речиси бесплатни изданија, кои го доунишптија пазарот, форсирањето на електронските медиуми од страна на политичките и економски тајкуни …

„За нас кои паметиме подолго ’Дневник’, во некои други ’тешки’ времиња, беше сепак причина да се чувствуваме како нормални граѓани кои денот го почнуваа со купување на весник кој ќе можат да го читаат, од кој ќе дознаваат, ќе знаат каде се наоѓаат и на каде се движат. Многу, многу беше вложено во тој ’Дневник’. Сето знаење за новинарството, сиот интелектуален капацитет кој дотогаш беше расфрлан на разни страни, но и можноста да ги видиме на дело СИТЕ КОНЦЕПТИ за тоа каква Македонија сакаме, па вклучително и оние концепти кои сторија СÈ ’Дневник’ да го НЕМА!“ – напиша на својот ФБ профил аналитичарот Ѓунер Исмаил.

„Иронијатa во ова, продолжува тој, е што НИВНИТЕ концепти се реализираа дури денес, од страна на, очигледно е, нивните идеолошко-криминални потомци и да не заборавиме, оние кои, можеби, некогаш и биле новинари, а годиниве на окупација беа само слуги на окупаторот. Такви и ќе ги запаметиме и секогаш како такви ќе ги третираме.
Фашизмот не смее да ни се повтори“ – заклучува тој.

„Згаснувањето на весниците „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“ е само логичен исход на систематски организираната акција за окупација и преземање на еден поголем број медиуми како прв чекор на масивната операција „заробено општество“ која започна во 2007 година. Уште еден значаен процес на таа операција беше девастирањето на медиумскиот слободен пазар кој заврши тогаш кога владата на Груевски беше најголемиот рекламер во медиумите (со народни, наши пари). Сега, кога на најбогатата политичка партија во Европа ѝ се затворија неисцрпните извори на народни пари, а од „своите“ не сака да одделува (ќе им требаат за адвокати), дојде времето да згаснат медиумите кои беа составен дел од медиумската демократска пролет во Република Македонија“ – коментира колегата Зоран Бојаровски. – „Треба да бидеме реални и да кажеме дека дел од вината за оваа ситуација им останува и на неколкумина главни уредници и директори, прислужници на власта, кои зедоа на душа стотина врвни новинрски и медиумски професионалци.“

„Дневник нема да умре утре. Дневник умре пред изборите во 2011“ – заклучува граѓанскиот активист Жарко Трајаноски. Тој потсетува на Гебелсовските наслови, „портокаловите“ текстови и оцрнувачките кампањи што сведочат за „преродбата“ на „Дневник“ во огледалце на „пастирот“, во гласник на „Министерството на вистината“ и во билтен на „Големиот братучед“.

Еден од основачите на Дневник, Бранко Героски, вели дека овој весник почна да пропаѓа од оној момент кога новиот мнозински сопственик ВАЦ ги прекрши сопствените принципи и за водечки менаџер на компанијата постави човек со скромни познавања на новинскиот бизнис, но со огромни политички амбиции. „Од оној момент кога Срѓан Керим ја презеде контролата врз уредништвата во трите дневни весници, уредниците и водечките новинари во редакциите (чест на исклучоците, се разбира), станаа дел од пропагандната машинерија на режимот и заборавија на својата света обврска секогаш да се на страна на вистината и секогаш да го почитуваат неговото височество читателот“ – заклучува тој.

Весниците, тоа е тешко да им се објасни и на странците, бидејќи кај нас не доаѓаат секогаш врвни аналитичари, туку и почетници или лица на ниво на локални бакали, не се само огледало на општеството, бидејќи такви има многу. Печатениот медиум, со својот мирис на тазе боја е духот на демократијата, онаа која смета дека ако денес нема влада, за среќа трафиките се полни со актуелни изданија. Тоа напросто не може да се замени со никакво електронско издание или со Фејсбук пораки.

Извор: Глобус, 16.06.2017
Слики: Jacob Kuch