Мојата oдисеја низ преводот на Џојсовиот „Улис“

16.06.2017 10:52
Мојата oдисеја низ преводот на Џојсовиот „Улис“

 

„Улис“ има за цел да ја потресе умствената рамнотежа на читателот.
Џејмс Џојс

 

Преведувањето на Џојс е посебна професија

 

Преведувањето на Улис од Џејмс Џојс не е лесна задача на ниту еден јазик. Џојс е посебен свет и посебна професија.

За многумина текстот на Улис се чини дека е нечитлив и тежок за толкување, затоа што секоја епизода ја менува својата техника, перспектива, стил и јазик. Преведувачот, се разбира, се стреми да го направи најдоброто што може во дадениот миг без да објаснува, туку да преведува, да спроведува, на плеќи да ја понесе и пренесе намерата на писателот, намерата на јазикот на оригиналниот текст во второстепениот текст – преводот. Задачата, според еквивалентот на синтагмата „Aufgabe“ од Валтер Бенјамин, е истовремено и „задача, проблем“, но и „пораз, предавање, капитулација“ на преведувачот и таа е секогаш и веќе постојана, и затоа никогаш докрај завршена работа. Во спротивно, сè ќе се претвори во „met him pike hoses“ (Ulysses: 221) или „Мете пис коза“ (Сирени: 301) наместо метемпсихоза.

Може да се рече и дека преведувањето на Улис беше кошмар, ноќна мора од која ниту еден посветен преведувач на Џојсовото дело не сака да се разбуди. Се разбира, иронијата е во тоа што тој кошмар започна како мојот најголем сон.

Проблеми во преведувањето

Проблемите во преведувањето на Улис се јавуваат речиси на секој чекор. Најпрво, проблеми се јавуваат во растајнувањето на Џојсовите „соопштенија“: во хиберно-англиските дијалекти, социолекти, идиолекти и неологизми кои во себе кријат повеќе од едно единствено значење. Ваквите сложени системи кои честопати се многузначни, истовремено се особено алузивни. Второ, колквијалните изрази (употребениот сленг и жаргон) што се однесуваат на профаност и непристојност поседуваат повеќекратни значења во англискиот јазик. Трето, внатрешниот монолог на Моли и текот на свеста кај Стивен Дедалус и Леополд Блум се помалку или повеќе јасно диференцирани во оригиналниот текст поради структурата на англиската реченица и следствено на тоа, секое отстапување од правилата на англиската граматика е полесно воочливо, за разлика од македонската која дозволува физичко отсуство на подметот, односно истиот се препознава во употребената глаголска форма. Преводот ги следи во детаљ истите ситуации. Четврто, неопходно е широко познавање на книжевноста, особено на англо-саксонската книжевна традиција, но истовремено од особено значење е поседувањето спознанија од полето на христијанското богословие, како и од областите на филозофијата, метафизиката, езотеријата, естетиката, музиката, историјата, правото, економијата, природните науки итн. Петто, во Улис среќавате поетски, прозни и драмски текстови. Консултирањето дополнителна литература нуди појаснувања на одредени места од текстот. Пред сè, тука мислам на писмата на Џојс во кои самиот разјаснува одредени свои постапки како писател. Се разбира, мозаикот го правите сами. Целта не беше само да се преведе оригиналниот текст на разбирлив македонски јазик, туку истовремено и да се пренесат сите очудувања што оригиналот ги прави на своите страници, сите нијанси на врева и молк забележани во и меѓу редовите на Улис.

Први дел (С) Телемахијада
„Телемах“

Stately, plump Buch Mulligan came from the stairchead.

Стамено Бак Марија се појави на прагот пред библиотеката, носејќи дебеличка зелено-вкоричена книга изрезбана со златни букви „Ulysses James Joyce“. Датум на издавање 1937 година. Препечатена на улицата Литл Расел во годината кога се родил татко ми. Тоа беше во годината на милениумот. Бев прва година на студии. Ја читав цели три месеци. Беше зима. „Времето кочан, цибрина и јасник зимски“ (The Journey of the Magi). И денес, по речиси две децении, сè уште ме држи маѓепсана овој господар на шифрирани текстови. Бак Малиган, носејќи го на својот плашт одекот на последниот старозаветен текст што му се препишува на пророкот Малахија, нè воведува во свештеничка служба на дотогаш неоткриено создавање.

„Нестор“

You, Cochrane!

„Ајде ти, Кокрене!“ (Нестор: 35). Во годината 2012 Даскалот Драги Михајловски рече „Ајде!“ и Нестор се стори. Ајде: да се декодираат Џојсовите размисли за тоа како да се напише еден сосем нов роман – кои се неговите филозофски и религиозни мотиви; како Џојс ги повлекува конците во своите откритија како писател – текот на свеста и внатрешните монолози на Дедалус, Блум и Моли, но пред сѐ, да се улови и пренесе Џојсовата луцидност. Одисејата никогаш не престанува. Итака ќе остане итаканатаму. Радоста и радувањето што ме поведоа во читањето на Џојс и Ulysses беше чувство што сакав да го пренесам на македонскиот читател во Улис.

„Протеј“

Ineluctable modality of the visible.

„Неизбежна условност на визуелното“ (Протеј: 54). Неизбежната задача на преведувачот: биди верна на оригиналот: потписи и печати на сите нешта што тука треба да ги прочитам: „затвори ги очите и гледај“, заповедува Џојс. Неговата заповед – за мене е послушание. Следи ги неговите чекори: „Крш, трас, крц, крц“ (Протеј: 55). Се препнував, се сепнував, се сопнував, паѓав. Се зашантував, се поревав, се нишав. Се нурнував. Се кревав. И пак „Горд óд“ (Протеј: 63). Оригиналот е баеги итар за да биде уловен во превод. Но „секогаш со љубов и во детаљ“ нè подучуваше даскалот Драги. Не биди будалеста како Моли со нејзиното „мете пис коза“. Можеби дури тогаш преводот ќе реши да живее по свое, да си има своја душа и свои Јовови страданија. „Слушај: четиризборен бранговор: ссшш, хрсс, рсссис, ууус“ (Протеј: 74).

Усните му ги уснат и ги уснат бесмесните усни на воздухот: уста на нејзината мутроба. Утробина, сеутробен гроб. Устата му обликува здив, неискажан: ихаааа: рев на катарзични планети, тркалезни, огнени, грмат надалекудалекудалекудалекудалекудалеку. (Протеј: 72)

Втори дел (М) Патувањата на Улис

„Калипса“

Mr Leopold Bloom ate with relish the inner organs of beasts and fowls.

„Господин Леополд Блум со особено уживање ги јадеше внатрешните органи на животните и живината“ (Калипса: 79). Уредниците решиле да ги поделат внатрешните органи на македонскиот превод во два тома. Во јуни 2013 година се отпечати првиот том (1 – 13-та епизода), а во декември вториот (вклучувајќи ги покомплексните епизоди 14 – 18). По однос на изворниот текст, го користев изданието со коригираниот текст од Ханс Валтер Габлер (1986), анотираните белешки на Дон Гифорд (1988) и на Сем Слот (2012). Исто така, обемните студии за Џојс од Ричард Елман (1982 и 1992) беа од голема помош. Македонската Библија, односно Гавриловиот превод, препевот на целосното творештво на Шекспир од Драги Михајловски, како и Хомеровата Одисеја во препев на Михаил Петрушевски беа неопходни алатки. Денот се отвори втаено. Калипса беше во еклипса.
 

„Летофаги“

By lorries along sir John Rogerson’s quay Mr Bloom walked soberly.

Со одмерен чекор одминав покрај Камениот мост со три темноцрвени примероци во тврд повез од првиот том на петти јуни 2013 година. Сите тие непреспани ноќи, патувајќи дење и ноќум, „со гласови во ушите да [ми] пеат, да [ми] велат како сето тоа е лудо“ (The Journey of the Magi) свршија. „Ова Раѓање агонија беше за [мене], тешка и горка, како Смрт“, моја смрт. Но, „сè на сè (може да се рече) добро се сврши“. „Стигна[в] до отворената задна врата на црквата Сите светии“ (Летофаги: 108).

„Ад“

Martin Cunningham.

Мачнина. Отпрвин беше како одење во темен, подземен простор: невиделина. Потоа почнувате да гледате појасно штом очите ќе ви се навикнат на Џојсовиот мрак. Препнувањата и препирањата се сè уште тука. Се препирате со него. Него, лично, иако не е веќе жив. Тој е мошне свечен во своите зборови. Ве обзема и мачи дури се спуштате во неговите загадочни мисли. На моменти го проколнував денот кога го сретнав Џојс. Но, никогаш не престанав да го гонам. Да го следам. И играта продолжуваше. Кој е М’Интош? Блум е дел од Дванаесетте. Апостоли.


„Еол“

IN THE HEART OF THE HIBERNIAN METROPOLIS
ВО СРЦЕТО НА МАКЕДОНСКАТА МЕТРОПОЛА

Пред оригиналниот текст, десно и лево паралелно тропаа и ѕвонеа двојни значења, хомонимно и хомофонично, а македонскиот превод внимаваше да не скршнува на други колосеци. Постапете онака како што постапува учителот, зашто „оригиналот го содржи законот на преводот“, велеше Бенјамин. „ОМНИУМ ЗБИРШТИУМ” (Еол: 176). „Сè зборува на свој сопствен начин“ пишува Џојс. Правописно. „Збрчканите прстиња премногу ги возбудуваат брливите дртли. Ен се тртка, Фло се фрцка – но што се тие виновни?“ (Еол: 194).

„Лајстригонците“

Pineapple rock, lemon platt, butter scotch.

„Бонбони од ананас, стапчиња од лимон, карамели. Шеќеролепливо девојче тиска полни лажици крем“ (Лајстригонците: 195). Остани верна на оригиналот, но пушти го преводот да дише. „Преведувачот има задача во својот јазик да го ослободи оној чист јазик кој е прогонет во друг јазик, да го ослободи јазикот од поетското дело преку чинот на неговото пресоздавање“ (Бенјамин: 203).

„Сцила и Харибда“

Urbane, to comfort them, the quaker librarian purred.

„Учтиво, за да им угоди, квекерскиот библиотекар одвраќаше како маче што преде“ (Сцила и Харибда: 234): потребна ти е свежа перцепција. Коинциденција и интуиција. Меѓу Сцила и Харибда ги позајмував очите на еден човек чии мисли се обликуваат како мислите на Џим. Постојат пасуси кои свесно даваат предност на машката перцепција на нештата. Како што „татковството, во смисла на свесно раѓање, непознато му е на мажот. Тоа е мистична состојба, апостолско пренесување, од еден единствен создател до еден единствен создаден“ (Сцила и Харибда: 268).


„Заскитани спили“

The superior, the very reverend.

Старешината, пречесниот свештеник (Заскитани спили: 284) мојот татко ја прочита сцената во која Блум влегува в црква. Онаа малодушност што Џојс ја исмејуваше, обајцата почнавме да ја забележуваме во ново светло во нашата непосредна средина. Да, зашто како што пее Свинберн во „Градината на Просперина“: „дури и најуморната река се влева некаде безбедно в море“. Pro domo sua – секогаш врати се кон себеси: „Секој живот е сочинет од многу денови, ден по ден. Чекориме низ самите себеси, среќаваме разбојници, духови, џинови, старци, млади луѓе, жени, вдовици, браќа по љубов, но секогаш се среќаваме себеси“ (Сцила и Харибда: 277). „Госпоѓица Дан исчука на машината за пишување. 16 јуни 1904.“ (Заскитани спили: 297). И настапи вечер, и настапи утро – четврти ден. И би Блумовден! Најславниот ден во литературата.

„Сирени“

Bronze by gold heard the hoofirons, steelyringing. Imperthnthn thnthnthn.

„Бронза покрај злато чуја челично ѕвекотење на топот на потковици. Бесмиснентхнтхн тхнтхнтхн“ (Сирени: 327). Гњури и гори во „Сирени“. „Здува. Модра блумпупка е на. Трепери, трепери: Јадолорес“ (ibid). Обид да се разбуди „ехото на оригиналот“ и да се воспостави истата хармонија за која говореше Бенјамин: не како репродукција, „туку како хармонија, како надополнување на јазикот со кој се соопштува таа хармонија, како intentio на самиот тој јазик“ (201). „Нека мојот епприпффтаф. Се пфрпише. Готово.“ (Сирени: 329).

„Киклопи“

I was just passing the time of day.

Само што ја распослав наративната линија прекината со 33 пародични пасуси во прекрасниот Инишфојл, го сретнав
Телото што седеше [...] му припаѓаше на едно плеќесто силноградо цврсторако искренооко црвенокосо баеги бенкичаво брадосано широкоусто нослесто долгоглаво длабокогрлено коленаразголено железнорако косматоного руменолико жилаво вооружено јуначиште. (Киклопи: 376)

Киклопски конгломерат од разновидни лингвистички и синтаксички варијации, комплексни сложенки, сленг и правен жаргон, идиоматски фрази, хиперболи, пародии на ирската митологија, панорамски поглед на историско-политичките прилики во Ирска, преглед на личните религиозни погледи на Џојс по однос на Црковните отци и Римо-католичката црква.

Тука е и „елитата на угледни личности“ en massee: госпоѓица Шишарка Четинар од Долината на боровите, леди Борка Брестсенк, госпоѓа Барбара Брезар, госпоѓа Врвсек Јасен, госпоѓа Оскоруша Зелен, госпоѓица Кротка Јасика... (Киклопи: 413). И на крајот, како пророкот Илија кој се вознесува на небесата (4 Цар 2:11-12), така и Блум заминува кон брегот на Сендимаунт: „под агол од четириесет и пет степени над Донаховата крчма на улица Литл Грин небаре како истрел од лопата да летнал“ (Киклопи: 435).

„Невсикáја“

The summer evening had begun to fold the world in its mysterious embrace.

„Летната квечерина почна да го обвиткува светот во својата таинствена прегратка“ (Невсикáја: 436). „Куку“ – потсети се на онаа прекрасна мелодија од 13 век – средновековната англиска рота, „Sumer Is Icumen In“: „Lhude sing cuccu! Sing cuccu!“ Постојано настојувајќи да не го затскријам оригиналот со непревод, настојував да го следам мојот сопствен пат во согласност со законот на верност во лингвистичкиот развиток на оригиналот.

„Говедата на Сонцето“

Deshil Holles Eamus. Send us bright one, Horhorn, quickening and wombfruit.

„Дари ни о пресветол, о севишен Хорнхорн, зачеток и на утробата плод“ (Говедата на Сонцето: 7). Ембрионалниот развиток на вториот том започна со „музеолошката“ коегзистенција на сите јазични стилови присутни во рамките на културното милје на англо-саксонскиот свет. Буквален англиски превод на латински текстови со референци кон трактатите на римскиот историчар Салуст. „За неа уште тогаш, а и подоцна повеќе ништо не можеше да биде тегобно“ (Говедата на Сонцето: 9). „Омниполентното“ добродетелство на Џојс како писател: нагласената игра со англиската синтакса. Дваесет и пет парчиња на пародии на англо-саксонската книжевна традиција: на нејзината ритмичка алитеративна проза; на средновековните фантастични патописи од 15-от век; пародија на прозниот стил на Сер Томас Малори и на латинизираниот прозен стил карактеристичен за Џон Милтон; на нежниот патос на Чарлс Ламб, потоа на Даниел Дефо, Џонатан Свифт, Оливер Голдсмит, Едмунд Берк, Ричард Б. Шеридан, Семјуел Џонсон, таткото на готскиот роман – Хорас Волпол, Чарлс Дикенс, Џон Раскин, Џон Карлајл; згуснати алузии кон Петокнижието, Псалмите, Песна на песните и библиските параболи запишани кај светите апостоли Лука и Матеј. Фрагменти од дијалекти и сленг што Џојс ги опишува како „стравотна мешаница од доселенички англиски, црнечко-англиски, кокни, ирски, њујоршки сленг и искршени бесмислици“ (Letters I: 139). Избор од 335 белешки. Постојан премин од еден јазичен регистер во друг.

„Кирка“

The Mabbot street entrance of nighttown.

Чудесна драматична пиеса. Полноќ. Сенишни светла. Земјата на соништата во Улис каде слоевите на реалноста постојано се менуваат. Наговестувањето и предвестието на Финегановото бдеење. Хумор. Во Улис сретнувате сè што дотогаш сте знаеле за книжевноста: проза, поезија, драма. Предизвикот е колосален како вулканска планина. Овде имаме роман кој ги надминува границите на сè она што по дефиниција е роман, или стратешки наративен процес. Разбирањето на Џојсовата стратегија бара промислена стратегија.


 

Трети дел (П) Враќањето дома

„Евмај“

 

Preparatory to anything else.

„Пред што било друго“ (Евмај: 301) преведувачот треба да биде чесен пред себе пред да започне со една ваква одисеја. Локаница од локатив. Местото каде што Блум му се доближува на Стивен. „Иако на работите не секогаш гледаа со исти очи, сепак постоеше извесна аналогија, небаре и на обајцата мислите им патуваа, така да се рече, надоврзани едни на други како вагони.“ (Евмај: 356)

„Итака“

What parallel courses did Bloom and Stephen follow returning?

По кои паралелни патишта тргнаа оригиналниот текст и преводот на Улис?

Тргнувајќи заедно со нормален чекор тие ја следеа намерата на авторот. Преведувачот го следеше одекот на зборовите и на консекутивните реченици; таа настојуваше да го открие значењето на зборовите, особено она значење скриено во идиомските фрази, деконструирајќи ги слоевите на повеќеобликуваните значења, постојано длабејќи длабоко. Ништо никогаш не е како што се чини. Секогаш приближувајќи му се, „час еден до друг, час раздвоени“ (Итака: 368). Никогаш до крај оддалечени.

Дали преведувачот го послуша Џојсовиот знак?

Да, влегувајќи кроце, таа проба да се фати во костец со неговите претпазливо обликувани мисли, со неговите будно набљудувани и внимателно управувани синтаксисчки грешки, со неговите навидум бесмислени фрази, неговите загатки, неговите „цревни гасови“, неговите „проѕеви“, неговите итрини и препредености, неговата пасија, неговата посветеност, неговата истрајност.

„Пенелопа“

Yes because he never did a thing like that before

„Да зашто [таа] никогаш порано немаше сторено такво нешто“ (Пенелопа: 477). „Ќе ѝ го оставам последниот збор на Моли Блум“ му напиша Џојс на Френк Баџен на 10 декември 1920 година (Selected Letters: 274). „Последниот збор (човечки, премногу и потполно човечки) оставен ѝ е на Пенелопа. Ова е неопходната лозинка за Блумовиот премин кон вечноста“ ќе му напише повторно на 28 февруари 1921 г. (Selected Letters: 278). Да зашто Џојс е овде мошне јасен:

Пенелопа е clou [клучот, ѕвездата] на книгата. Првата реченица содржи 2500 зборови. Епизодата е составена од осум реченици. Започнува и завршува со женскиот збор да. Се врти како огромна земјина топка бавно и уверено, се врти забрзано се врти околу четирите кардинални точки: женските гради [because], задникот [bottom], матката [womb] и вагината [yes]. (Писмо од Џојс до Ф. Баџен, 16 август 1921 г.)

Во „Пенелопа“ „грдото пајче“ се преобразува во лебед. „Грдото пајче“ е претпоследната епизода „Итака“, Џојсовата омилена епизода, напишана во вид на математичка катихеза со намера читателот да може да осознае сè, но и да осознае сè на најсмел и на најбезобѕирен и најстуден начин, преку што „Блум и Стивен се преобразуваат во небесни тела, талкачи како ѕвездите што ги набљудуваат“, појаснува Џојс (Selected Letters: 278).

и срцето ми чукаше како лудо
и да реков да
сакам
Да
(Пенелопа: 533)

 

* * *


Користена литература

Budgen, F. (1972). James Joyce and the making of ‘Ulysses’ and other writings. London, Oxford, Melbourne: Oxford University Press.
Ellmann, R. (1992). Selected Letters of James Joyce. London: Faber and Faber.
Gilbert, S. (Ed.). (1957). Letters of James Joyce. Vol. I. London: Faber & Faber.
Joyce, J. (1986). Ulysses: The Corrected Text. Ed. Hans Walter Gabler with Wolfhard Steppe and Claus Melchior. New York: Vintage Books.
Бенјамин. В. (2010). Задачата на преведувачот. Во Валтер Бенјамин, Илуминации. (Катерина Јосифоска, Прев). Скопје: Или-Или.
Џојс, Џ. (2013). Улис. Том I и II. (Марија Гиревска, Прев.). Скопје: КСЦ, Макавеј, Битола: Микена.