1016 hPa
87 %
11 °C
Скопје - Пон, 07.10.2024 05:59
Имав пријател Швајцарец, по име Жак Лудак, живееше во Перу на 4.000 метри надморска височина. Кога, пред неколку години, отиде да го истражува тој дел од светот, таму подлегна на шармот на една чудна Индијанка која сосема го излуде со тоа што го одби. Тој, малку по малку, почна да слабее и веќе не ја напушташе колибата во која беше сместен. Еден доктор Перуанец, кој го следеше до таму, се грижеше за него, за овој да оздрави од прераната деменција за која се плашеше дека е неизлечива!
Една ноќ, епидемија на грип се истури врз малото индијанско племе кај кое престојуваше Жак Лудак. Сите, без исклучок, беа погодени од болеста, а од двесте домородци сто седумдесет и осум умреа за неколку дена. Набрзо преплашениот перуански лекар се врати во Лима... Мојот пријател беше исто така погоден од лошата болест и лежеше совладан од грозница.
Сите Индијанци кои изумреа имаа по едно или повеќе кучиња кои набрзо немаа друг начин да се прехранат освен да ги изедат своите господари. Ги распарчуваа нивните лешеви и едно од нив ја донесе во колибата на Лудак главата на Индијанката во која овој беше заљубен... Веднаш ја препозна и, без сомнение, почувствува интензивен шок, зашто веднаш оздраве и од грипот и од своето лудило, па силата му се врати. И тогаш, земајќи ја главата на жената од муцката на кучето, многу се забавуваше со тоа да ја фрли на другиот крај од просторијата и да му нареди на кучето да му ја донесе - и така трипати. Кучето ја носеше главата држејќи ја за носот, но, третиот пат, Жак Лудак ја фрли главата предалеку и таа се распрсна од ѕидот. На негова голема радост, мојот пријател констатираше дека мозокот кој се појави од неа бил само една заоблена маса која, поради сличниот облик, необично потсетуваше на задник.
Исус Христос хохштаплер
Извор: Andre Breton, Anthologie de l'humour noir
Слика: Франсис Пикабиа
Превод: Иван Шопов