1033 hPa
61 %
7 °C
Скопје - Пет, 13.12.2024 11:59
По повеќемесечн договарање, преговарање и расправии околу својот наследник, новиот претседател на Србија најпосле „пресече“. И, со тоа навистина испиша нова страница во историјата на српската демократија, и тоа демократија со недостатоци, каква што ја окарактеризира The Economist во анализата за минатата година. Неполна година откако стана првата јавно декларирана ЛГБТ личност меѓу министрите во српската влада, Ана Брнабиќ се најде на нејзино чело, со што Србија го доби првиот женски претседател на влада и првиот аутиран ЛГБТ премиер, во друштво со Исланд, Ирска, Белгија и Луксембург, единствените држави кои досега имаа ЛГБТ премиери/ки.
Навистина звучи импресивно (барем еднаш) да се биде во ова друштво. Но, би била заблуда ако заради тоа Србија автоматски се вброи меѓу прваците во почитувањето на човековите права, конкретно правата на ЛГБТ личностите.
Иако се забележани подобрувања во одредени полиња, домашните експерти и невладините организации оценуваат дека состојбата со човековите права во Србија е влошена, почнувајќи од суспензијата на човековите права и политизацијата на правосудството до сè повидливите недостатоци на изборните процедури и гушењето на медиумските слободи.
Кога станува збор за положбата на ЛГБТ личностите, институциите и натаму не се во голема мера сензибилизирани за работа со сексуалните малцинства, системска поддршка едвај постои, а виновниците за нападите на ЛГБТ популацијата лесно поминуваат со неразумно благи казни. Значи, станува збор за состојба која не е ни проближно добра ниту достоинствена.
Не ни се непознати „надворешно-политичкиот маркетинг“ ни „доброто момче“ претседател на Србија пред западните државници, кои сè почесто ги затвораат очите за гафовите како што се заканите со хаос, креирањето атмосфера на страв и линч преку таблоидите блиски до режимот, па и можни мешања во обидите за државни удари во соседните држави.
Дали поставувањето на аутираната лезбејка за премиерка е „шлаг на тортата“ на маркетингот на оваа власт? Кога во иднина кој било ќе го постави прашањето за положбата на ЛГБТ заедницата во Србија, Ана Брнабиќ сигурно ќе биде асот во ракавот, индикативен пример дека состојбата воопшто не е лоша. Зашто, ако божем навистина е тешко, како тогаш една лезбејка може да биде ни повеќе ни помалку – премиерка?
Ова не е новитет во сферата на политичкиот маркетинг и дипломатското (ре)брендирање. Феноменот pinkwashing, со кој одреден производ, заедница или компанија се промовираат на начин кој укажува дека таа е пријателски поставена кон ЛГБТ заедницата веќе се употребува во светот, а најчесто се поврзува со Израел, односно со брендирањето на оваа држава како прогресивна, стабилна демократија во која ЛГБТ личностите ги уживаат сите човекови и граѓански права, со што вниманието се насочува од лошата положба на Палестинците кон спорните територии на Западниот брег и во рамки на Израел.
Ребрендирањето на Израел почна пред десетина години, со најеминентни маркетиншки експерти и многу вложени средства и многу активисти и експерти оценија дека оваа држава вешто ги користи ЛГБТ правата како „ПиАр алатка“.
Дали новоизбраната премиерка на Србија ќе послужи како „алатка“ во претставувањето на Србија како прогресивна држава во која сите граѓани целосно ги уживаат човечките права? Сосема извесно, познавајќи ги потезите на актуелниот политички естаблишмент.
Секако, не треба докрај да се биде фаталист. Од поставувањето на Ана Брнабиќ можат да произлезат и добри нешта. Иако, тежиштето на моќта во актуелната политичка констелација се поместува кон претседателот, премиерското место и понатаму останува, барем декларативно, најважно, што во медиумска смисла е особено значајно. Граѓаните на Србија ќе имаат можност секојдневно на малите екрани да гледаат ЛГБТ премиерка.
Во деловите од Србија каде ЛГБТ правата и понатаму се маргинални, луѓето ќе можат да видат јавно декларирана ЛГБТ личност на толку значајна позиција и можеби ќе сфатат дека ЛГБТ заедницата не е платеничка армада која пристигнала во Србија за да го уништи домашното семејство и неговите вредности, туку дека таа е тука отсекогаш, дека постои и надвор од активизмот за време на Парадата на гордоста, дека придонесува и може да ги достигне највисоките државни функции. Тоа е мошне значајно и, без разлика дали станува збор за pinkwahsing или не, може да одигра важна улога во намалувањето на социјалната дистанца спрема ЛГБТ популацијата.
Извор: http://pescanik.net