1017 hPa
94 %
10 °C
Скопје - Пет, 06.12.2024 13:59
Познатиот албански и европски куратор Еди Мука гостуваше во Скопје на дебатата „Инвестирање во уметноста/ културата или можности за демаскирање“, заедно со министерот за култура Роберт Алаѓозовски и со Ивана Васева, кураторка Ивана Драгшиќ, уметник и социолог и модераторот Милан Живковиќ, во организација на Факултет за работи што не се учат. Тој во Скопје доаѓа вторпат и откако го видел центарот на градот вели дека „Скопје 2014“ е сериозен атак за македонското општество.
„Кога на интернет го видов Скопје 2014 и кога читав за него, моето чувство беше дека се работи за некој вид мегаломанија чијашто цел е да се изгради цела низа од јавни згради и споменици кои ќе те направат да се чувствуваш мал. Но, кога дојдов овде сфатив дека, се разбира, и тоа е дел од работата, но тоа не е целата поента. Според мене, поентата е што овде се работи за напад врз сетилата, ова го гледам како директен и реален напад кој е навреда, тој е навредлив. Скопје 2014 го гледам како рана нанесена на општеството, тоа е вистинска физичка рана, таа нема само психолошки последици. Овој проект продолжува да биде проблематичен, бидејќи тие работи продолжуваат да стојат во јавниот простор и општеството треба сериозно да размисли како да се реши тој проблем.
Сите екс комунистички земји имаа фаза кога мораа да решат како ќе се однесуваат со спомениците од комунистичкиот период. И во Албанија имаше таква фаза со спомениците кои претставуваат одредена идеологија. И овие споменици од Скопје 2014 исто така претставуваа одредена идеологија, но се работи за сосема различна точка на гледање. И она што дополнително зачудува е дека овде се работи за различни видови објекти во јавниот простор. Комунистичките споменици беа дел од поголема комплексна идеологија, тие имаа цел да ве направат да се чувствувате мал пред историјата. „Скопје 2014“ е повеќе од тоа. Ова е реален атак врз естетските чувства, врз чувството да се биде граѓанин на овој град. Мислам дека во Москва се обидоа да ги соберат сите споменици и таму изградија еден парк каде што ги ставија на едно место. Но, овде тоа веќе го имате. Она што го почувствував кога дојдов овде е како да се работи за некој циркус или како некој патувачки театар на комедии како да се распослал насекаде, а актерите дури не се ни појавиле. Така што не гледам смисла во тоа да се преместат сите објекти во некој тематски парк, бидејќи ова е веќе тоа. Големо прашање е што да се прави со нив, се надевам дека за тоа ќе имате дебати и ќе се изнајде решение, бидејќи се работи за толку гломазен и чудовишен проект што човек не може да има готов одговор“, вели Мука.
Тој во своето воведно предавање „Нов почеток“ рече: „Верувам дека вие сега сте во фаза на нов почеток. Имате шанса да преиспитате и да почнете од почеток онака како што сакате да се развиваат работите во Скопје и во Македонија. Верувам дека има големи потенцијали и добри шанси и одлично е да имаш позиција на нов почеток. Истовремено, мислам дека таа позиција е и проблематична бидејќи нашиот регион и нашите земји изгледа дека се во константна позиција на започнување од почеток“, рече Мука на предавањето во Кино Култура.
Кога пред десет години учестувал во меѓународен проект бил прашан каде се гледа себе си за 10 години, го создал својот манифест според кој се раководи кога работи на проекти.
„За мене, а верувам и за многумина од нас што живееме во земји со толку многу предизвици, неможноста да ја предвидиме нашата иднина, да се проектираме себеси е заедничка карактеристика. Си помислив: што да им кажам, па јас не знам ни утре каде ќе бидам, почнав да барам разни цитати, но на крајот решив да кажам како навистина се чувствувам, од тоа излезе текстот „Прирачник: Немонтирани мисли како да се работи во културата во Албанија“.
Меѓу другото во овој прирачник Еди Мука советува:
„Обидете се да го сакате тоа што го работите и да мислите дека тоа е важно; имајте интегритет и штитете го, бидете подготвени луѓето со кои работите да ве разочараат. И покрај сите препреки, до крај стојте зад она што сте го направиле; бидете подготвени дека ќе имате непријатели, бидете подготвени да работите со бирократијата, државните институции и службеници од локалната и државната влада; научете како да напишете апликација за проект. Секогаш имаје план Б, никогаш не се уморувајте додека не ја завршите работата; кога ќе ја завршите работата, одморете се и почнете пак. Бидете сигурни дека вашите непријатели ќе останат непријатели. Пред да започнете нов проект – размислувајте, прашајте се себеси: дали вреди и што може да се направи подобро од претходно, одете на интернционално ниво, подобрувајте ги вашите вештини, барајте спонзори, по можност големи спонзори. Обидете се следниот проект да го направите подобро, потрудете се на луѓето не само да им се допадне проектот, туку следниот пат да направите нешто заедно и секогаш борете се со власта“, се дел од препораките на Мука.
Тој смета дека е најважно за младите уметници и културните работници да дојдат до приватни спонзорства, да се борат да се пробијат интернационално, без притоа да го потценуваат локалното. Да се борат со властите, да ги повикаат на одговорност и направат промени.
„Ова е базирано но на мојата лична пракса и работата со институциите во Тирана. Биеналето во Тирана беше голем чекор за развојот на тамошната уметничка сцена, а особено сум горд на резиденцијалната програма наменета за уметници од Балканот. И покрај малите финансии на почетокот и неможноста уметници од Албанија да излегуваат надвор, успеавме да ги отвориме границите и светот да дојде кај нас, но и да се поврземе и допреме до локалната публика. Иако има огромно политичко влијание врз приватниот сектор и е тешко да се стигне до поддршка, тоа не е невозможно. Повторно сé се сведува на личните контакти и пријателства. Мислам дека е многу поважно прашањето како се финансира културата, а не колку се финансира“, рече тој.
Еди Мука е на позицијата куратор за привремени проекти во „Public Art Agency“ во Шведска од март, 2014 година. Претходно, од 2009 - 2014 год., бил куратор во Рода Стен Констхал во Гетебург и заедно со Стина Едблом, ја делел позицијата на уметнички директор на Гетебург Интернационалното биенале за современа уметност 2013. Мука е еден од основачите и директори на Тирана Интернационалното современо уметничко биенале, како и директор и куратор на ТИКА – Тирана Институтот за современа уметност, независна платформа за истражување и продукција на современа уметност.
Во 1999 година Мука ја курирал групната изложба „Албанија денес – времето на ироничен оптимизам“ - првиот албански павилјон на Венециско биенале; во 2005 година повторно бил комесар на албанското претставување на биеналето.
Слики: Свирачиња