Развенчување

20.06.2017 10:25
Развенчување

РАЗВЕНЧУВАЊЕ

Душата ја венчав со долги патишта и тоа го
нареков

вечност затворена во плима. Молња ми ја
открива ноќната насмевка
В зора личам на продавач на гласни труби
најдени во ноќта. Мајка ми мајчински ме вика
од ридот

Мојот дух не е пчела да ме вратиш од невремето
во градот
Јас сум презафатен од прекројување на
просторите
Телото е повредено-душата во љубовта
пофалена

и јас на мртвите им проштевам за лошите дела
Лику мој со боја на темјанушка каде пловиме
Што да се прави во ова време разјадено од
преголеми познанства
што сочинуваат синџир од годините во
прогонство меѓу ближните
Облаци. Векот трча по облека од театрите и
националните музеи
Навистина, јас имам право да одам гол
и за време дождот да држам говори за причините
на сите бродоломи
Знам дека никој не може подобро од мене да ја чуе
музиката од подвижни пустини
Во вртењето на Вселената се слушаат
биењето на срцето
и нашите бајки
Јас ја слејувам душата со ветровите
што ме носат во предели непознати за вашата душа

Самоубијците се убиваат со желба
да им се позлатат спомениците а тоа е тажно и
боли како раѓање
Да ги обноват сите чула но
Молчеливи со помош на свеќа ѝ се враќаат на
светлината
Уште малку воздивнување и јас би ја изгубил
слободата

Однесен од ветровите како јоргован во витлите
на езерото

Што ми можете вие невидливи богови
освен да ми здодевате со својот пород од воздишки
освен да ми ја крадете земјата од под нозе
Нарцисите нека одат по ѓаволите
И земјиштето што ги храни нарцисите нека
оди по ѓаволите
Немам никаква врска со оние што ме проколнаа
Поет-беспризорна вечност на просторите
Истовремено постојам насекаде расфрлан
како ветер

Не можам да постојам меѓу сè она што го опевам
Имам некаква врска со демоните
И уште две три неопеани места на мојава душа
со кои ќе скитам по светот
Зошто сум јас виновен
што е раѓањето на песната рамно на
возбудено море

Оној што ќе го издржи заморот
ќе ја сфати песната и ќе молчи

Низ камена дулбија гледам како ми се
приближува море

На крајот награден сум од допир со убавина
И што може да каже една моја солза пред морето
освен воодушевување од течностите
броење на брановите во себе како запци на чешел
Значи јас сум напуштен од вас како небото во
кое гледате
Значи јас сум прогонет
Значи јас прославувам
Чаша горчлив пијалак оставам на раскрсницата
Исчезнувања среќен пат и оставете ме сам
Станав подвижно засолниште на прогонети
убавини

Јас знам секоја ѕвезда да ја разглобам
на своите светлосни атоми минути
и пак со бакнеж да ја запечатам

Мојата огнена земја од стопени прстења и
камбани

на дланки би ја пренесол да биде брег на Океанот

над кој се вее
моето шалче од виножито.


ПРОМЕТЕЈСКА

Распнат си за да не умреш, дождот
И огнот плодност носат
Паганство на божественоста на Ерос,
Семе во огнот на ноќта, фрла
Ѕвезден подарок,
Мелем е на раните,
Сончева завеса
На крвожедната невиност
Кога се раѓаме и не знаеме
Кога умираме какви сме
Во темната страна на светлината
Освен луѓе на гозба
Откако те исклукаа сите стрвинари
Ни трага нема од боговите
Орелот самиот себе си го клука џигерот
Прометеју,
Не ти остана ни жарче од огнот
Што ти го испокрадоа ангелите подоцна
Песната твоја прометејска
стана тажаленка кавкаска.


ОРФЕЈ

За господарот на перото
небото не е пречка
за човекот и црвот можност е
Орфеј со лирата да слезе
во пеколот

Чекори
срце
чекори
Ни капка вода
не пиј од пеколот
Орфеју

Ноќ

Иди по мене. Идеш ли?
Идам. А ти?
Идам
Не свтрувај се!
Слушам
Задржи го гласот во срцето
Слушаш ли?
Слушам

Чекори
срце
чекори

Смртта
Не може да земе онолку
колку што може да даде љубовта
водопадот на лирата
на моите камења
корења и красти Орфеју
од мене
и од мојата земја
пеј ја во мене својата песна.

Слики: Денис Саражин

Радован Павловски (1937), еден од најзначајните македонски современи поети. Автор е на дваесетина поетски книги, a пишувал и есеи, патописи и песни за деца. Добитник е на повеќе македонски, југословенски и светски книжевни награди. Поважни збирки поезија: Суша, свадба и селидби (1961), Корабија (1964), Високо пладне (1966), Боемија на Природата (1969), Низ проѕирката на мечот (1971), Сонце за кое змијата не знае (1972), Зрна (поезија, 1975), Молњи (поезија, 1978), Синот на Сонцето (поезија, 1999), Океан во капка (2008). Автор е на книгите есеи Што може поезијата (1993), Демократска џунгла (политички есеи, 1994), како и на патописот Отклучување на патиштата (1986).

ОкоБоли главаВицФото