Првата либерална џамија во Германија

20.06.2017 11:30
Првата либерална џамија во Германија

Во берлинската четврт Моабиту на третиот спрат од евагнелистичката црква Johanniskirche на 16 јуни ќе се отвори џамијата „Ibn-Rusch-Goethe“. Џамијата го добила името според исламскиот ученик, лекар и филозоф Ибн Рушду, познат како Авероес, и германскиот книжевник и мислител Јохан Волфганг фон Гете. Во оваа џамија мажите и жените заедно се молат и држат проповеди. Сејран Атес, авторка и активистка за правата на жените со турско-курдско потекло за Шпигел-онлајн изјави дека оваа џамија е отворена за сè, освен за едно: „Во џамијата не може да влезе никој што носи бурка или никаб.“ Прекриеноста на целото тело нема никаква врска со религијата. Тоа е политичка порака, вели таа.

Овој петок излегува и новата книга на Сејран Атес „Селам, госпоѓо имамко“. Сејран Атес, која и самата е муслиманка, се лути заради фундаменталистичките тенденции во исламот. Таа вели дека во Германија владее „турски државен ислам“. Повеќето имами имаат нарушен однос кон верската слобода, рамноправноста на половите и хомосексуалните личности. Тие го толкуваат исламот од минатото. Последица на тоа е што либералните муслимани во Германија се препуштени самите на себеси.

Имамката Сејран Атес

Сејран Атес неодамна завршила обука за имамка. „Долго сонував да се здружат либералните муслимани и да го живеат исламот кој исклучиво ја потврдува демократијата и рамноправната заедница на верниците“, напиша Атес во една новинарска статија. „Чекав луѓето, односно подобрите познавачи на Куранот од мене, да отворат соодветна џамија. Во еден момент се чинеше дека сè е како во книгата Чекајќи го Годо. Најпосле, одлучив да ја реализирам својата визија.“

„Со отворањето на џамијата за либералните муслимани Сејран Атес се изјасни како личност која го отелотворува модерниот ислам“, вели Фабиен Витрек, професор на Универзитетот во Минстер. Тој во изјава за Дојче Веле вели дека во прилог на тоа му оди нејзиното дистанцирање од конзервативните исламски здруженија.

Сејран Атес

Атес остро се однесува спрема големите муслимански здруженија во Германија. Според нејзиното мислење, исламот итно мора да биде модернизиран. Сè повеќе муслиманки и муслимани сакаат мирољубив ислам кој негува дијалог со другите религии, изјави Атес за неделникот Die Zeit. Меѓутоа, тој ислам во Европа речиси и да не го наоѓа своето место. „Постојат само етаблирани конзервативни заедници кои речиси и да не дозволуваат критики и сомнеж.“

Отворањето под заштита на полицијата

Гостите на отворањето веројатно ќе ги тријат очите, не само заради поголемата полициска заштита туку и заради тоа што молитвата ќе ја предводи политикологот од Швајцарската Елхам Маме и невролог од Олденбург, Мимун Азизи. Исто така, проповед ќе одржи и Сејран Атес. Заради својот либерален став спрема исламот, Сејран Атес често е изложена на критики, дури и закани. Дошла од Турција во Германија кога имала шест години. Самата ги финансирала студиите по право така што работела како советничка за жени од Турција.

Сејран Атес од 1997 година работи како адвокатка и се бори против насилството во семејството и присилното стапување во брак. Додека функцијата министер за внатрешни работи на Германија ја извршувал Волфганг Шојбле, била членка на Исламската конференција. По исламистичките терористички напади во Манчестер и Лондон, Атес им предложила на муслиманите повеќе да се ангажираат против екстремизмот во исламот. „Повеќето муслимани кои молчат најпосле мора да преземат одговорност и да преземат нешто против тоа. Се плашам дека денес секоја муслиманка и муслиман се изложени на прашањето: што преземаш ти за твојата религија да не се злоупотребува и да не се дискредитира? Тешко е да се одговори на тоа прашање и чувството на немоќ е големо. Во џамијата Ibn-Rushd-Goethe сакаат да се обидат да одговорат токму на ова прашање.“

16.06.2017

Извор: http://www.dw.com