Конечно супержена

20.06.2017 10:43
Конечно супержена

По стотици милиони различни екранизации на Бетмени, Супермени, Спајдермени, по неброените адаптации на Марвеловите јунаци и антијунаци, Холивуд најпосле ни се смилува и ѝ даде шанса на Wonder Woman, хероината што вреди повеќе од сите заедно: и од Antman, Aquaman, Green Lantern, Чуварот на галаксијата и Deadpool. Да, WW вреди повеќе, но како што вели нејзиниот лик (Gal Gadot), судејќи според некои реакции, луѓето баш и не ја заслужуваат.

Филмот „Wonder Woman“ (2017) на режисерката Пати Џенкинс е интересна и успешна екранизација на познатата стрип јунакиња. Оваа Wonder Woman не е новата Императорка Фуриоза, но причината за тоа не се ниту суперхероината, ниту режисерката, туку фактот што Wonder Woman не му припаѓа на дистопискиот свет на Лудиот Макс, туку на универзумот на издавачката куќа „DC Comics“, кој не може да ја согледа и тематизира сопствената дистопичност, бидејќи, се разбира дека е дистописки светот во кој на стотици суперјунаци доаѓа една суперјунакиња. Филмот „Wonder Woman“ треба да го погледнете иако не можеме децидно да тврдиме дека се работи за феминистички филм, тој поставува феминистички прашања и употребува феминистички постапки за кои треба да се размсли и разговара.

Исто така, филмот е ѓаволски возбудлив и има одлични сцени на борби на Амазонките, претставувајќи целосна физичка надмоќ и бестрашност на главната суперхероина, што е добредојдена промена со оглед на тоа што сме навикнати да гледаме машки суперхерои во клинч со машки суперзлосторници, додека жените седат настрана и тивко свршуваат на машките хеланки од еластин, латекс и слично. Со години гледаме споредни женски ликови и не е мала работа во кино да видиме главен лик на Амазонка како јуриша на бојното поле, со рака ги сопира куршумите и го врти ласото на вистината. „Wonder Woman“ е мал чекор за Холивуд, но голем за човештвото. А колку што знам, феминистките се дел од човештвото, зарем не?

Што мислам кога велам дека режисерката Пати Џенкинс користи одредени феминистички постапки и поставува феминистички прашања? Прво, големиот историски наратив за Првата светска војна е сместен во личната женска приказна за загубата на саканата личност. Значи, историјата се редуцира на една епизода од животот на нашиот главен лик: во тешката тема за военото страдање влегуваме низ црно – бела фотографија, односно преку сеќавањето на Wonder Woman на инцидентот што од сигурноста на островот – град Темискира ја довел во светот на луѓето. Тој инцидент, всушност е маж, Стив Тревор (Chris Pine) кој ја внесува војната во исклучиво женскиот простор што постои надвор од времето и човечкото насилство. Иако, Амазонките се подготвуваат за војна со богот Арес, не ја посакуваат, дури и кралицата на Амазонките и мајката на Дијана, Хиполита, долго време одбива својата ќерка да ја подготви за борба, иако знае дека тоа е неизбежно.

Филмот делумно ги пацифицира Амазонките и не ги прикажува во нивното митолошко, старогрчко и насилничко руво: во Темискира нема убивање на машки деца, нема сакатење и поробување на мажите. Тетката на Дијана, Амазонката Антиопа (Robin Wright) не ја грабнува Терзеј, туку ја чека поинаква судбина. Улогата на Антиопа во овој филм е феминистички ревидирана. Предноста на новата адаптација на стрипот за Wonder Woman лежи и во тоа што наспроти мизогиноста на славната старогрчка историја и на стриповите на „DC Comics“ кои се ужасно мизогини: Џенкинс не режира филм само за Амазонките воини, туку за Амазонките кои не се само воини. Таа им дава поинаков контекст и приказна која не е инхерентно мизогина.

„Wonder Woman“, всушност се состои од многу приказни и таа слоевитост го спасува филмот од вообичаената холивудска патетика. Се разбира, има сцени на сладникав љубовен сентимент, но самата приказна меѓу Дијана и шпионот Тревор не е затегната и неуверлива. Хемијата помеѓу актерите е одлична и тоа сигурно ѝ помогнало на режисерката. Нивната љубовна приказна е главната рамка на филмот, но се испреплетува со приказната за војната, за пријателството, родителството, со приказната за загубата без која ниту една љубов не е возможна. Кај машките суперјунаци, централната улога ја играат татковците кои ги учеле како да станат подобри луѓе или неповратно ги уништиле. Фигурата на таткото за машките суперјунаци е исклучително важна, затоа што загубата на таткото станува точка околу се гради главниот лик. Протагонистот е мотивиран од сопствениот татко и само повремено од жената во која суперјунакот е секогаш хамлетовски полувљубен. Wonder Woman нема татко и воопшто не се грижи што таткото е отсутен и нема идентитетска криза секојпат кога се разговара за нејзиното потекло: Мајката е сосема доволна, односно Амазонките се доволни да ја одгледаат и да ја направат самостојна жена со авантуристички дух и самодоверба. На суперхероината не ѝ е потребен таткото, за да го изгради својот карактер. Супержената Дијана поголем недостаток чувствува кога мајка ѝ ќе ѝ забрани да учи боречки вештини, односно кога кон неа се однесува премногу посесивно и заштитнички.

На суперхероината не ѝ е потребен ни љубовник. Ова е многу експлицитно кажано во филмот, бидејќи Дијана му објаснува на Стив Тревор дека знае сè за репродуктивниот секс и дека тој не е неопходен за женското уживање. На Дијана не ѝ неопходен сексот со американскиот пилот, па така романсата што ја следиме е свесен избор на главниот лик, што битно ја разликува од вообичаените женски ликови. Таа, Wonder Women може и без татко и без Тревор, може да преживее дури и без мајка. Таа е самостојна жена. Меѓутоа, токму таа нејзина автономија нè води кон проблематичното и парадоксално место, делот што нè потсетува дека филмот сепак не е феминистички, туку холивудски блокбастер настанат во многу конкретни финансиски услови што не дозволуваат радикален рез кој суперхероината би ја префрлил од приказната за Првата светска војна во отвoрена феминистичка битка од 21. век.

Имено, фотографијата со која започнува приказната и има сентиментална вредност за нашата протагонистка, божицата Дијана, е подарок од Брус Вејн т.е. од Бетмен лично. Фотографијата стигнува во оклопно возило, во куфер обезбедуван од вооружени телохранители. Без оглед на сета моќ што ја има Wonder Woman, ресурсите и врските се на страната на Бетмен: тој е посредник помеѓу Дијана и нејзиното сеќавање. Значи дека Холивуд мора да ја смести Wonder Woman во универзумот на „DC Comics“ во кој Бетмен заедно со Супермен, сепак се главните ѕверки, што пак ја ограничува приказната што ни ја раскажува првата жена режисерка на филм со суперхерои. Што ни кажува оваа ограничена режисерска слобода? Пред сè, се поставува прашањето дали воопшто може да се сними феминистички филм со капиталистички пари? „Wonder Woman“ е филм што мора да заработи пари, тој е екранизација чија цел е заработката, а не еманципацијата. Феминистичката порака е второстепена во однос на профитот на „Ворнер Брос“.

Сепак не можеме да ги отфрлиме како ирелевантни феминистичките моменти во филмот. Паметно и со голема доза хумор, режисерката во блокбастерот уфрла пораки што не се без тежина. Wonder Woman влегува во кабинетот каде што на жените не им е дозволено да влезат, знае јазици што мажите воопшто не ги препознаваат, нема проблем да се наметне во разговор и во борба, таа е непослушна, одбива да облече облека во која не може лесно да се движи, алудира дека секретарките се робови на мажите, дека сексот со мажите не е неопходен за жената, идеалистка е. Накратко, таа е феминистичка хероина. Втората работа е што холивудскиот феминизам има ограничен опсег, но тоа не значи дека „Wonder Woman“ е лош филм. Напротив, тој го прави неопходниот исчекор во исклучително проблематичната индустрија на забава, којашто иако е сосема насочена кон заработката, сепак пред парите ги става сопствените назадни и шовинистички предрасуди за тоа кој може да ги заработи тие пари.

Важно е што жанровскиот филм од кој очекуваат профит, холивудските продуценти ѝ го препуштиле на режисерката, а уште поважно е што во тој филм кој ветува заработка, во главната улога има жена. Вообичаено е мислењето дека за жанровската книжевност, за стриповите и нивните екранизации се интересираат само мажите, но зборуваме за содржини кои одамна продреа во мејнстримот и кои ги конзумираат апсолутно сите.

Немарниот и непрецезен говор за жените, го читаат и жените што изгледа дека секојпат кога ќе налетаат на некоја мизогина глупост, треба на авторите да им прогледаат низ прсти, затоа што тие, сепак, пишуваат за мажите, за татковците и синовите и знаат да напишат само споредна безимена жена затоа што мажите сакаат да читаат само за таква жена – слаба и стереотипна.

Важно е да се увиди дека наспроти мноштво прилично мизогени стрипови и филмови, „Wonder Woman“ му пристапува многу поинаку на прашањето на родот. Дијана има сила и борбеност што Холивуд традиционално ги смета за машки карактеристики, а истовремено нема никакво сомнение дека се работи за жена, бидејќи паралелно борбената страна на нејзината личност, Wonder Woman ги негува длабоките чувства на праведност, сочувство и грижливост. Во одредени моменти на филмот таа е божица – мајка која се грижи за благосостојбата на целото човештво, а не само за луѓето што лично ги познава. Нејзиниот идеализам е имперсонален, нема робување на личните симпатии и анимозитети. Нејзината мотивација не се гради на љубовните амбиции. Wonder Woman е воинствена, но и голема авантуристка (како Моана на Дизни) која се открива себе на начинот на којшто се откриваат мажите: со патување и борба. Станува збор за женски лик, кој сообразно со карактерот на божицаата чиешто име го носи, ги субвертира вкоренетите родови улоги зашто нејзиното насилство не е помалку женско од нејзината грижливост.

Амазонките се како сирените, место на постојаната машка непријатност: истовремено ги привлекуваат и ги плашат. Во тој расцеп помеѓу спротивставените машки емоции се развива ликот на суперхероината која воопшто не зависи од тие мажи, затоа што таа е многу повеќе од чувствата што ги предизвикува. Wonder Woman не го носи случајно името на божицата Артемида. И во старогрчката митологија и во филмот на Пати Џенкинс, Дијана е строга божица, истовремена блага и немилосрдна, но пред сè божица што не зависи од мажите, божица на која мажите не ѝ се потребни. Заради тоа вреди да се позанимаваме со ликот на нејзиниот љубовник и партнер Тревор, кој можеби не ѝ е потребен на главната јунакиња, но е важен за нејзината приказна. Од една страна имаме апстрактен маж – непријател, богот на војната Арес, кој може да го порази само Дијана и тоа не со пасивен отпор, туку со уште поголема и побрутална сила од неговата. За да се реализира како одмазничка, Wonder Woman, во манирот на сите суперјунаци мора да почувствува некоја загуба. Иако, на почетокот на филмот, таа во битка губи драга личност, дури со пожртвуваниот чин на Тревор, таа станува доволно силна да го порази богот на војната. Парадокслано, токму машката жртва, односно смртта на мажот ја осилува Амазонката и ја чини ефикасен борец против неправдата и злото. Се разбира, не зборуваме за револуционерна борба за целосна слобода и еднаквост на сите луѓе, затоа што ако е така, Wonder Woman веројатно би го убила и богаташот Брус Вејн, но тогаш кој би ѝ ги набавил сликите од далечното минато?

И Тревор е атипичен маж, како што Wonder Woman е нетипична жена: неговата телешка вљубеност во Дијана е речиси моментална. Зборуваме за лик кој има скрупули, кој е храбар и грижлив, исто како што е и таа. Двата лика не се прикажани површно и маниристички. Wonder Woman нема слабости, но и покрај тоа е слоевит лик кој посилно од љубовта ја доживува неправдата и лагата. Ликот на Тревор е своевиден жртвен јарец кој ѝ е потребен на секоја Амазонка за да се реализира како жена. Не како слаба жена како што лошо ја опишуваат машките писатели, туку како силна жена, што е добро режирана од друга жена. Жена се станува, но точно каква зависи од содржините со кои го храниме постоењето на таа жена. Лично јас повеќе би сакала да бидам опкружена со жени кои стануваат жени со гледањето на филмот „Wonder Woman“, отколку со жени со стереотипни ставови дека сите екранизации на стрипови се нужно глупави и лоши. Нијансите се важни. Битен е контекстот.

Слики: Lucas Werneck

Извор:http://muf.com.hr