Урбаната мафија продолжува да дивее во Лагадин

20.06.2017 11:50
Урбаната мафија продолжува да дивее во Лагадин

Инвеститорот Толевски ја воскресна изградбата на хотелот во Лагадин со кој се прекршуваат 13 закони, еден подзаконски акт и Уставот на РМ. Овојпат незаконскиот хотел се гради без никакво одобрение за градба. Имено, на истакнатата табла кај објектот стои број на решение поништено од страна на Општина Охрид уште на 15 март 2017 г.

„Согласно податоците кои ги имате доставено до Инспекцискиот советградбата на објектот е повторно отпочната без никакво одобрение за градба“, гласеше одговорот на Инспекцискиот совет на РМ по претставката која Охрид ЅОЅ ја поднесе на 15 јуни 2017 г.

Охрид ЅОЅ ги испрати истите информации и до Општина Охрид и до Секторот урбанизам од кои се бара итно прекинување на сите активности, издавање одобрение за отстранување на бесправниот објект и најстрого санкционирање на лицата кои го прекршиле законот со обидот од 14 јуни 2017 г. повторно да почнат со градежни работи.

Градењето без одобрение за градба повлекува повеќе санкции меѓу кои и одземање лиценца на изведувачот, како и илјадници евра во глоби. Дополнително бесправните објекти не смее да се поврзат за техничка инфраструктура (водовод, канализација итн.) што значи дека тој хотел дури и да се изгради не би бил употреблив.

Сопствениците на имоти во Лагадин основаа здружение на граѓани за да може да се вклучат во процесот на носење одлуки на локално ниво откако истото право им беше незаконски одземено со укинувањето на Месна заедница Лагадин. „Ве известуваме дека ќе ги искористиме сите правни механизми на располагање и дека ќе се обратиме до сите инстанци во земјава, и доколку има потреба, надвор од неа“, стои во претставките што сопствениците на имоти во Лагадин ги пратија до Инспекцискиот совет на РМ и Општината Охрид.

„Се чувствувам изневерено од сопствената држава, ова што се случува е хорор. Нестварен сон“, се само дел од зборовите на Мила Ивановска, прва сосетка на нелегалниот хотел во Лагадин.

Судењето за спорот со соседите е трипати одложувано, а инвеститорот не смета дека треба да плати отштета за повредата на владение, како и за физичките штети предизикани врз куќата.Против незаконското работење на општина Охрид поднесена е и кривична пријава.

Се сомневаме дека целта на инвеститорот Толевски е најбрзо што може да изгради дивоградба што потоа ќе ја легализира. Многу сценарија се во игра и затоа Охрид ЅОЅ бара најитно издавање одобрение за отстранување на бесправната градба од страна на Општина Охрид бидејќи објектот е Б категорија и е во надлежност на општинските власти.

Самоволието и урбаната мафија во Охрид мора да ги снема ако сакаме град од кој нема да си одат младите и ако сакаме иднина во својата сопствена земја. Сите мора заедно да се избориме за да им ставиме крај на неправдата и безредието затоа што денес му се случуваат на некој друг, но утре може да ни се случат нам.

Со почит,
Активисти на Граѓанска иницијатива Охрид ЅОЅ

ОкоБоли главаВицФото