Се скина лентата…

20.06.2017 14:44
Се скина лентата…

Се уриваат кулисите од снимањето на единаесетогодишната блуткава, лимонада-серија, со налудничаво сценарио за планот за 100-годишно владеење на „најмакедонската“ партија, за менување на националниот идентитет и за билдање на нов, по троа краден и за алчното, без срам и исаф – грабање на поранешните голтари, ојлевци-дојлевци и натрапници без име и семселе, чија единствена нација, идеологија и религија беше и е – пленот од арамилакот, а единствена емоција која можеа да ја почувствуваат е оргазмичното, илјадапати повторено, пребројување на ќарот, со валканите, некогаш и крвави раце…

Се срчоса фамата за недопирливоста на цела деценија – безотчетните „газди“ (читај: коркачи кои бегаа и од помислата на соочување со јавноста која вулгарно ја лажеа, или, скраја да е – да излезат на фер мегдан со политички противник или на нережирано интервју со новинар со рбет и мозок), фијаско доживеа хоророт, во кој главни ѕвезди беа роднините и кумовите од Фамилијата, а граѓан(к)ите, со чест на исклучоците, беа главно, во улога на жртви или на неми статисти во илјадниците епизоди…

„Добро, крадат, бајаги крадат, ама, и градат, бе!“, беше идиотската мантра на бранителите на злосторничката организација што ја запусти Македонија, кои онака седнати на гајби пред гранапчињата (со пиво и „мортадела“, па само со пиво, па на крајот со шишето ракија, од домашни резерви, „на голо“…) со години го вртеа истиот муабет: за светскиот заговор против Македонија и православието, за освојувањата на Цанде Бабачко, кој немало шанси да имал љубовник, оти е наш, а ако, прости му Боже, имал – е, тогаш, на Грците да им го оставиме, или, за широкиот дијапазон на светски геостратешки лупинзи: од плановите на НАТО и ЕУ во кои Македонија е неизбежна, до есенцијалната важност на славјанскиот фактор, поради која браќата Руси нема да ги изневерат ни оние кои со цевките дошле преку Дунав, ни новите, антички Македонци, вљубеници во Ердоган…

Ама, се скина лентата… Секојдневно се уриваат кулисите и зад нив, еруптивно избива соголената лага. Белки, за кус период, кај оние кои не успеаја да избегаат од татковината, ќе дојде до осознавање на реалноста за дното кое го допре Македонија. Додека заблудените поддржувачи на Фамилијата, лека-полека се освестуваат колку и како ги (из)дриблале, а едно чудо ликови меѓу „победниците“, се препукуваат кој е позаслужен и каква награда, концесиичка или орден треба да примат, обичните смртници главно, ѕебнат од страв. Прво, пу, пу да не се врати доскорешното, а второ, дали „новиве“ ќе ги остварат ветувањата? И како, со празни раце, џебови, буџети? Навистина, како понатаму?

Ај, прво, сериозно: доколку не се одлепат/паднат самите, фушерајските, стиропорни фасади ќе мора да се излупат од зградите, особено ако навистина се толку опасни во поглед на можни пожари. Ај, потоа, на шега: восокот од фигурите од Музејот (според предлогот на Ј. Петровски) можеби може да се искористи за бесплатна депилација на скопјанките и на метросексуалците, ѓоа-спомениците од морничавиот панаѓур „Скопје 2014“ сигурно може и поефтино да се дислоцираат и пренаменат (Криволак душа дал за нова туристичка дестинација, замислете: ролеркостери од Прометеј со гаќите – на врвот, до Нуркачката – на дното, со висинска разлика од 200 метри, или, со 100 км/час меѓу жални врби во бетонски коцки и смрзнати палми завиткани во ќебиња, меѓу заринкани кораби и Шмизли и ергела коњи, или, тунели на стравот ем ужасот, во кои пред очи одеднаш ви излетуваат Ќосето со ножот, „Албиното“, родео јавачот што пука во земја, заб’равам му името…), а во визбите на објектите покрај Вардар може да се одгледуваат риби или барем, печурки… Деновиве, прочитав на Мрежата дека добива поддршка една стара идеја која ја туркавме пред неколку години – Воинот сосе коњот, да им го подариме на јужните соседи, а тие, подарокот, во име на заедничката, светска историја, да го постават во Пела (или ајде, на Халкидики, за евентуален аџилак на дел од досегашните властодршци, онака патем). Плус, гратис – Филип и фонтаната со Олимпија…

Само, не е времево ни за црн хумор… Допрва ќе боли до коска соочувањето со блиското минато. Судот ќе си донесе пресуда дали е во право СЈО и дали е виновен првоосомничениот во случајот „Траекторија“, Никола Груевски, за злоупотреба на службената положба и местење на тендерот за изведувач на автопатиштата Миладиновци – Штип (требаше да биде отворен на 1 мај) и Кичево – Охрид, (до февруари 2018), кои ги гради кинеска фирма, со кредит од кинеска банка од 500 милиони евра. И, дали со ексминистерот Јанакиески и вицепремиерот Пешевски го оштетиле буџетот за сума од 155 милиони евра! Благодарам на прашањето, по „Скопје 2014“, на сè свикнавме…, и затоа, се надевам, дека судот ќе ја расчисти и дилемата од „бомбите“ – да не е многу „5 отсто на целото…“. Или, над 5 милиони евра за километар пат! (Плус, поради доцнењето, само за курсни разлики Македонија ќе треба на банката да ѝ плати – плус 17 милиони евра).

Но, ако е вистина дека повеќемесечниот застој на изградбата на двата автопата е „резултат на грешки во проектирањето, ненавремено решавање на имотно-правни односи на првиот и изместување на трасата на вториот автопат“, и дека поради проблемите и грешките, според првичните проценки, штетата се проценува на дополнителни, околу 100 милиони евра, аман бе, се работи за навреда на интелигенцијата на сите жители на државава, од чиј џеб ќе се покрие лудилото!

Или, можеби тоа и требаше да очекуваме, зашто, според медиумите, Груевски во една прилика изјави дека просечниот Македонец е позаинтересиран за локални, отколку за автопатишта… Си знае човекот до кое дереџе го дотерало неговото владеење – да нема ни за автомобил, ни за бензин, ни за пат во странство, па, чуму му се автопатишта?

Слики: Александар Дојранлиев

Извор: http://civilmedia.mk