Петар Хаџи Бошков - ДЕЛА НА ХАРТИЈА

20.06.2017 15:02
ДЕЛА НА ХАРТИЈА

Музејот на современата уметност ја претставува ретроспективната изложба Дела на хартија на еден од најзначајните македонски скулптори Петар Хаџи Бошков (Скопје 1928 – 2015). Дела на хартија за прв пат го претставува творештвото на Хаџи Бошков видено низ призмата на цртежот и графиката, како значаен дел од создавањето на неговиот скулпторски опус, но и како автономен дел во формирањето на неговите уметнички и авторски дострели. Хаџи Бошков е исклучително плоден уметник кој во текот на педесет години од своето творештво има создадено околу 2000 графики и цртежи, со кои се претставува редовно на своите самостојни изложби, но и на многубројни меѓународни изложби, а добитник е и на редица домашни и интернационални награди за графика. Овој дел од неговото творештво, досега е поцелосно прикажан единствено во рамките на неговата прва ретроспективна изложба во Музејот на совремемната уметност во Скопје во 1989 година.
Изложбата Дела на хартија вклучува голема селекција од над 300 графики, цртежи, графички мапи, скици, студии и колажи, од кои неколку значајни циклуси и проекти на уметникот ќе бидат изложени за прв пат пред нашата јавност. Така, на пример, на изложбата ќе може да се види последниот голем циклус на извонредно сугестивните монотипии и цртежи насловени Психопејзажи, работени помеѓу 1998 и 2004 година, како и скиците и подготовките за проектот Крајот на векот за нереализираното учество на Биеналето во Венеција во 1999 година. Но освен нив ќе бидат поставени и повеќе неизложувани или за помладата публика непознати циклуси и поединечни дела. На изложбата е вклучен и помал избор на скулптури како референтни точки во релацијата со делата на хартија.

Ненасловено и недатирано, туш на хартија, 19x14cm

Насловот на изложбата Дела на хартија го означува начинот и техниките кои Хаџи Бошков ги применува во овој медиум, а кој покажува дека без оглед дали се работи за графичко дело или скица за разработка на некоја идеја, приодот на уметникот е како кон посебно и завршено уметничко дело. Универзалните теми на човекот или фигурата, земјата или пејзажот и космосот или просторот, кои Хаџи Бошков ликовно ги обработува во неговото импресивно скулпторско творештво главно со помош на ритамот на светлината и сенката, во делата на хартија имаат посебна снага и значење, не само поради мајсторството на уметникот во владеењето со цртежот и графичките техники, туку и поради спецификите на медиумот кои вклучуваат поголема наративност и симболичност во претставувањето.
Куратор на изложбата е Зоран Петровски. По повод изложбата ќе биде отпечатен и репрезентативен каталог со есеите на историчарите на уметноста Лилјана Неделковска и Лазо Плавевски кои пишуваат за делото на Хаџи Бошков Петар и неговото значење за модернизмот во македонската култура.
Генерален спонзор на Музејот на современата уметност и на печатењето на каталогот за изложбата е Еуролинк Осигурување.

Музеј на современата уметност, Скопје, 20. 06 – 20. 07. 2017; Свечено отворање: вторник 20. 06. 2017 во 19,30 часот; Изложбата ќе биде отворена до 01 август 2017.


Графика XV, 1971, сериграфија, 34x50cm


Зоран Петровски

За изложбата Дела на хартија од Петар Хаџи Бошков

 

Кога во една прилика, пред неполни две години во разговор со госпоѓа Лилјана Ѓузелова, сопругата на Петар Хаџи Бошков беше спомната идејата за претставување на неговото графичко творештво, во тој момент немав изградена претстава за обемот и комплексноста на тој предизвик. И покрај тоа што Хаџи Бошков е една од централните фигури во повоената македонска уметност, уметник во чијашто работна биографија влегуваат две ретроспективни, голем број самостојни и групни изложби проследени со значителна критичка и друга библиографска граѓа, за графиката и цртежот сметав дека се сепак само придружни дисциплини во однос на неговиот скулпторски magnum opus. И ако си дозволам да генерализирам, имам впечаток дека тоа мислење преовладува и во јавноста, вклучувајќи ја тука и стручната, или барем поголемиот дел од неа.
Ова е разбирливо пред сѐ поради фактот што единствениот преглед на овој дел од творештвото на Хаџи Бошков беше вклучен во неговата прва ретроспективна изложба во Музејот на современата уметност, но сега веќе во далечната 1989 година. Навистина, не толку одамна делото на Хаџи Бошков беше прикажано и на уште една ретроспективна изложба, организирана во Националната галерија на Македонија во 2009 година, но која беше посветена исклучиво на интерпретацијата на скулптурата, изоставувајќи ги во потполност графиката и цртежот.

Ненасловено (од серијата Скопје 1963), 1964 туш на хартија, 59x84cm

Евиденцијата на делата, кои госпоѓа Ѓузелова неколку месеци подоцна од ден на ден ни ги ставаше на увид отворајќи ги сандаците, папките и купиштата листови разместени меѓу скулптурите во неговиот пренаселен работен простор, покажа дека за “Тивкиот човек од ателјето“- како што беше сосема соодветно насловено едно интервју со уметникот - цртежот и графиката ни малку не биле само придружни или помошни скулпторски дисциплини. Напротив, близу 2.000 дела создавани во период од речиси педесет години со подеднаков континуитет, интензитет и огромна работна посветеност, сочинуваат еден извонредно богат и вреден опус, кој е неразделно поврзан со скулпторскиот, но е истовремено и автономен - како во поглед на мајсторството на Хаџи Бошков во владеењето со цртачките и графичките техники, така и во однос на нивните уметнички и авторски дострели.
Гледани низ оваа призма на интеракција на ликовните дисциплини, може да се забележи дека во развивањето и проширувањето на дел од скулпторските структури и концепти на Хаџи Бошков, клучно влијание има работата на некои поголеми графички циклуси. Така, на пример, неговата карактеристична прекршена линија со која ја развива темата на односот меѓу ритамот и светлината во бројните скулптури од средината на 1960-те до крајот на 1980-те години е зачната во т.н. њујоршки графички циклуси и потоа јасно формулирана во гестиката на темните пајажинести циклуси од 1968/69 година. Таков е примерот и со користењето на бојата во некои од керамичките циклуси и особено во архитектонско-релјефните објекти за инсталацијата Дијалог работена за неговото учество на Биеналето во Венеција во 1978 година.

Ненасловено (6), 1971, линорез, 41x41cm

Надвор од овие реалации, на изложбата се застапени и неколку циклуси на цртежи и графики кои се сосема независни од скулпторскиот опус, како што се серијата Бесилки од 1968/69. и повторувањето на истата тема во една помала група од 1975 година, а кои сугерираат реакција на одредени политички и општествени прилики во Југославија и Македонија во овие периоди. Тука е и големиот циклус на необичните цртежи и монотипии насловени Психопејзажи, кои ќе бидат за прв пат јавно прикажани и кои Хаџи Бошков се чини опсесивно ги работи меѓу 1997 и 2004 година. Изложбата завршува со скиците и подготовките на уметникот за нереализираниот проект Крајот на векот за Биеналето во Венеција во 1999 година и во кој Хаџи Бошков се чини како да го затвора кругот на своето творештво низ еден сопствен ретроспективен поглед, истовремено проектирајќи ја возбудливата, но и крвава историја на ХХ век под кровот на еден војнички шлем.

Ненасловено (Автопортрет), 1995, туш и молив на хартија, 27x21cm

Со оглед на тоа што изложбата рекапитулира завршен опус, првата и основна одредница во конципирањето на изложбата е низ една репрезентативна селекција да се опфатат сите метаморфози низ кои поминува ова плодно и стилски хетерогено дело, поаѓајќи од крајот на 1950-те и завршувајќи до средината на 2000-те години. Следењето на таа хронологија е речиси сосема доследно спроведено во илустративниот дел од оваа публикација и во извесна мерка и на изложбата, кадешто се издвоени и поедини тематски групирања. Во двата случаи, намерата е заедно со хронолошката нишка во селекцијата на материјалот да се проткае и да се покаже и логичната ликовна нишка која ги раѓа, води и обединува оние идеи и естетски принципи кои го прават единствено делото на Петар Хаџи Бошков. Но во исто време, единството на ова дело, како што тоа го забележува и критиката, изградено е на спротивности, неочекувани премини или паралелни текови на различни ликовни проблеми, теми, форми и изрази. Цезурата може да се каже е еден од основните естетски принципи во делото на Хаџи Бошков. Тоа е неговото постојано лавирање меѓу фигуративното и апстрактното, геометриското и органското, вешто контролираната спонтаност на гестот и разиграната архитектоника на просторот, како и неговото славење и издигнување на животниот ритам со светлината и сенката и веднаш потоа понирањето на светлината во темнината и во длабочините на затскриените состојби на духот, егзистенцијалниот немир и запрашаноста за човечката природа.

Ненасловено, 1964, туш на хартија, 59x84cm

Навраќајќи се на силното влијание што врз него како млад уметник го оставила посетата на изложбата на еден од најголемите скулптори на ХХ век, Хенри Мур, која се одржала во Загреб, Белград и Љубљана во 1955 година, Петар Хаџи Бошков зборува и за едно повисоко, речиси демијуршко чувство на мисија кое го обземало во тој момент: “Едноставно како некој да беше рекол: ти ќе бидеш оној кој ќе ни послужи да кажеме дека и кај нас постои модерно изразување и слобода на творештвото.“ (Небојша Јаконов. Тивкиот човек од ателјето. Интервју, Пулс, 1993.)

Ненасловено, 1970, монолитографија, 74x57cm

Доследната посветеност на неговата мисија во сопствената културна средина да го втисне печатот на “модерното изразување“, кое тој го поистоветува со “слободата на творештвото“ е втората битна одредница со која оваа изложба има за цел не само да покаже еден значаен дел од творештвото на Хаџи Бошков, туку и да го реафирмира и да даде можност да се ревалоризираат идеите и концептите на тоа творештво во овој, денешен историски и општествен контекст во кој обидите за поништување на модернистичкото наследство со популистички диригирана идеологија во многу нешта потсетува на времето на почетоците на Хаџи Бошков и на сето она врз кое што е изградено неговото дело и делото на неколку генерации македонски уметници.

Насловот на изложбата го означува не само медиумот во кој е остварено ова обемно творештво, туку и пристапот на уметникот како кон самостојни и дефинирани уметнички дела, без оглед дали се работи за цртеж на цртачка или на некоја веќе искористена хартија, пробен отисок или завршена графика, скица или подготовка за скулпторски дела или видео проекции. Во прилог на ова е и евидентно малото внимание кое Хаџи Бошков го полага на чистота на овие дисциплини, за сметка на неговата постојано изразена љубопитност и желба да истражува, пронаоѓа или комбинира различни форми и техники на изразување. Оттаму, изложбата Дела на хартија го претставува просторот во кој се зачнуваат, разработуваат, експандираат и изразуваат уметничките визии и човечките преокупации на Петар Хаџи Бошков.

Ненасловено (2), 1970, линорез, 41x41cm

Графики и цртежи во текстот: Петар Хаџи Бошков

ОкоБоли главаВицФото