Петто издание на Викендот на гордоста во Скопје

21.06.2017 10:39
Петто издание на Викендот на гордоста во Скопје

Од 22 до 25 јуни на повеќе локации во Скопје ќе се одржи петтиот Викенд на гордоста.

Годинашниот викенд е во организација на Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, ЛГБТИ – Центар за поддршка при Хелсиншкиот комитет и ЛГБТ Јунајтед – Тетово. Целта на серијата настани во рамките на Викендот на гордоста е да креираат простор за ненормативни форми на социјални светови, односно релации, идентитетски позиции, и телесни стилови, кои во рамките на хетеронормативното, националистичко и неолиберално капиталистичко опкружување се означени како настрани, изопачени, изродени, ненормални, неуспешни, патолошки, чудни итн.

Носечка идеја зад годинашниот Викенд на гордоста се ТРАНС-ФОРМАЦИИТЕ. Со оваа носечка идеја, организаторите сакаат да ги отворат прашањата за различните општествени и културни норми со кои се врамува човековата телесност, особено преку оските на родот и на сексуалноста, како и да ги претстават и да експериментираат и со можностите за отпор и лизгање од нормативните решетки, токму преку самата телесност.

Во програмата на Викендот на гордоста учество земаат светски и регионално реномирани уметници и изведувачи. Викендот се отвора со изложба на светски реномираниот уметник Касилс (САД/КАН), во четврток, 22.06., во 20.30 ч. во Мала Станица - Национална галерија на Р.М. Во петок, 23.06. во Кино Култура со перформансот „Метарод“ ќе се претстави француското дуо ДОЛОРЕС К., составено од уметниците Хелен Би и Виктор Марзук. Во сабота во 17 часот во Мала Станица јавно предавање ќе одржи еден од најзначајните перформанс уметници и зналци во областа на визуелните и изведувачките уметности - Доминик Џонсон, од Квин Мери во Лондон. Вечерта во сабота во ноќниот клуб Епицентар ќе настапи во живо со клупски перформанс Аереа Негро, една од дивите на електронската музика, пејачка со исклучителен вокал, продуцентка, диџејка и композиторка. Фестивалот се затвора во недела, 25.06., со дрег кабаре на белградскиот колектив „Ефемерни исповеди“ во Кино Култура.

Деталната програма можете да ја погледнете на овој линк.

ОкоБоли главаВицФото