Тхе енд

21.06.2017 11:22
Тхе енд

Не знам колку и дали навистина има смисла човек повторно да се навраќа на состојбите во македонската култура, на целосно девастираните (физички и професионално) институции, на неукоста и простотилакот на екс министерката Канческа Милевска, а сето тоа апропо нејзиното (да се надеваме – последно!) појавување во медиумите каде што таа, наводно, по којзнае кој пат ќе ни ги објаснела „успесите“ – нејзини и на нејзината партија – во „унапредувањето“ на македонската култура во изминатава деценија. И повторно, само тотално неук и необразован, но и, извинете, прост до зла бога, одново, после сè, ќе седне пред камери и ќе тртља за некакви успеси, бенефити, резултати во културата, за некакви специфики, за дејности итн. Ќе спомнува и посветеност, проекти, мерки и стимулации, без притоа и да го знае значењето на тие зборови! И тоа дури и после оние очебијни фотографии токму за „резултатите“ на Канческа во, на пример, Музејот на Македонија, или за износот на сметките за електрична енергија во љубимиот ѝ Музеј на македонскиот хорор и слични будалаштини. Но, таа и таква глупост на дотичната е сведоштво и за глупоста, незнаењето и необразованоста на нејзината партија, од најгоре до најдолу, кога ја пуштаат и понатаму да ги резили по медиумите. И, се разбира, на нејзината (не)културна администрација – сите оние кои така верно, навистина кучешки верно ја служеа и мавтаа со опавчињата на секоја нејзина насмевка! Или таа, и тие, навистина мислат дека целата македонска јавност се оние нивните неписмени сендвич-патриоти? Таквата „смелост“ како овие „најпатриотскиве“ раководни структури во денешно време ја имаат навистина само оние „привилегираните“ со најнизок IQ, оние чиј што ум е tabula rasa, рамна плоча, која „памети“ – ако воопшто памети – само од денот на нивното устоличување до денот на нивното разрешување. И толку. Тоа за нив е почеток и крај, тоа за нив е репер и стандард за постигнувања во културата! Во тие мозочиња нема пред и после, нема минато и иднина, не постои континуитет на културната и творечката мисла... сето друго е црна дупка!

На страна фактот што јавноста одамна е иритирана од таквите нови шанси што овие не само приглупи туку и криминогени суштества, после сè, одново и одново ги добиваат да нè тормозат со нивните бабини деветини, со нивните простачки флоскули научени напамет, а со кои ги импресионираа(т) нивните полуписмени водачи. Но, зарем малку говореа и чинеа – зашто поимот правење е несоодветен за нивните „дела“ – овие десет години па треба да им даваме и дополнителни шанси да се „дообјаснат“? Па нека е и во една минута, а не цел час?

И во таа насока што ново може(ше) да ни каже токму Канческа Милевска? Или кој и да е од нејзината „најпатриотска“ партија? Зарем малку говори погледот врз центарот на Скопје, врз она чудовишно здание што сакаат да го нарекуваат Влада на РМ, врз состојбите во институциите? Канческа вели: „Оставаме големи резултати“. Па луѓе божји, таа не знае ни што значи зборот резултат! Таа во животот не видела резултат, а камоли да оствари некаков, во културата особено. Таа персона не поднесе извештај за работата на Министерството за (не)култура цели десет години. Никој (сè уште) не знае кому колку пари се давани токму за тие илјадници проекти зашто дури и нив им беше срам да ги покажат тие „резултати“. Таа персона не знае што всушност треба да работи Министерството за култура, па затоа ги броеше – дури и инсистираше на нив – „проектите“ на институциите и ги посочуваше како нејзини односно на Министерството! И си го ставаа логото на сите печатени материјали. Тие тврдокорно мислеа дека парите што ги делат на нивните гаулајтери за нивните „проекти“ навистина се нивни, а не наши, дека ним им припаѓаат по сила на закон и дека можат со нив да прават што сакаат и како сакаат. Тие еднакво тврдокорно мислеа и дека само нивните слуги и гавази се достојни да ги трошат тие пари, а сè друго е невредно и не заслужува дури ни да биде земено предвид како можна варијанта во македонската култура. Таа и таквите во пет минути изрекуваат барем дваесет и пет глупости, од типот на „проекти кои што се видливи, реално мерливи“. Па точно тоа: ем се видливи, ем се мерливи – според глупоста, според идиотштината, според потрошените за будалаштини пари итн. И што по ѓаволите очекувате таква персона да каже за културата? Нешто паметно? Па таа вели дека постигнале резултати – ееееј, резултати – дури и во заштитата на културното наследство, во музеите итн. Веројатно мисли и на Музејот на Македонија, па на празнењето (да не речам пљачкосувањето) на неговото депо, можеби мисли и на Плаошник, на Курбиново што пропаѓа итн.? И зарем не слушате дека таа е „лично горда од сè што направивме во културата“?! Та зарем, после сè, нормален човек кажува такво нешто? И каков разговор воопшто може да следи после тоа?

Можеби, да се надеваме, дека ваквите „разговори“ со вакви персони понатаму ќе се водат само во Специјалното јавно обвинителство и другите обвинителства и органи што се бават со финансиски малверзации, со организиран криминал и слични нешта. Зашто тоа се местата каде што вакви персони треба да се појавуваат, таму да држат „предавања“, да објаснуваат за нивните „успеси“ и „резултати“. Таму, мислам, и подобро ќе ги разберат зашто таму (ќе) ги имаат и сите факти, и докази, и информации и сè што треба за успешен дијалог со нив. Нам ни оставаат предоволно материјализирани „стручни“ докази за нивната ступидност и неукост, за нивниот националистички примитивизам и простотилак за кој ќе учат идните генерации!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Везови: Severija Incirauskaite-Kriauneviciene

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото