Страшната вистина за Гренфел: жртвите на пожарот ги уби штедењето на сметка на сиромашните

21.06.2017 11:26
Страшната вистина за Гренфел: Лондон врие од бес заради жртвите на пожарот кои ги уби штедењето на сметка на сиромашните

Доколку се покаже дека за лондонската пеколна кула се виновни полиетиленските плочи со кои зградата Гренфел била обложена во мај, минатата година, Британците ќе го добијат одговорот на илјадагодишното прашање со кое се занимавале светските мудреци: „Колку вреди човечкиот живот?“ Одговорот предизвикува мачнина: 2 фунти по квадратен метар. Точно за толку пари е поевтин материјалот што одлучила да го употреби фирмата избрана за реновирање на кулата. Со буџетот што бил одобрен од општината, било одлучено наместо поскап водоотпорен материјал да се употреби поевтината алтернатива. А треба да се додаде дека биле заштедени и цели 5000 фунти бидејќи во зградата воопшто не биле инсталирани противпожарни апарати.

Додека шокирани ја гледаа зградата од која речиси 24 часа излегуваше црн чад и ја слушаа изјавата на шефицата на лондонската противпожарна служба, Дани Котон, која рече дека за 30 години во нејзината кариера немала видено нешто толку страшно, првото прашање на сите Британци им беше – како е возможно да се случи пожар кој зеде 58 жртви, а нивниот број ќе се зголемува, во една од најбогатите земји во светот. Зграда да се запали како кутија кибрит, као да е направена од хартија и како да се наоѓа во еден од сиромашните сламови во некоја од земјите во развој, а не во една од најбогатите општини на нивната богата држава. Зградата се наоѓаше во Кенгсингтон, во близина на Портобело маркетот, познат и од филмот „Нотинг хил“ со Хју Грант и Џулија Робертс.

Приказната за Гренфел, кулата во која има само социјални станови е сомнителна уште од почетокот. Зградата се наоѓа во најсиромашниот дел од Кенсингтон, делот на Лондон во кој становите чинат милиони фунти. Пред да се обнови, кулата Гренфел беше архитектонски грда, како што само британските социјални згради можат да бидат грди. Нов Загреб, на пример, за нив е Олимп на убавина, урбанизам и зеленило. Но и покрај тоа, во соседството на Гренфел почнаа да се доселуваат богати и влијателни луѓе и залудни им беа убавите, нови и реновирани згради, кога на цените на недвижностите толку незгодно им влијаеја соседните социјални станови сместени во грдите згради.

Се зборува дека кулата Гренфел била облечена во пластични плочи не само заради изолација и еколошки стандарди, туку и за да изгледа поубаво. Иако не треба да се заборави дека изолацијата беше еден од мотивите, за козметиката на разубавување на зградата била потрошена речиси четвртина од буџетот за обнова тежок 10 милиони фунти. Застрашувачки е што од сумата потрошена за реновирање, која и онака е вртоглаво висока, четвртина била потрошена за разубавување, а не биле решени другите проблеми внатре во зградата за кои станарите постојано се жалеле. Тоа значи дека имаат право оние што тврдат дека зградата била разубавувана првенствено за да се смират локалните богаташи.

Самоорганизираната група станари „Grenfell Action Group“, која постои со години, во ноември 2016 година, по реновирањето на зградата, објави блог во кој предупредува дека „само некоја катастрофа“ ќе ја разоткрие разорувачката негрижа на фирмата за одржување на зградата, што ја ангажирала општината Кенсингтон. Во деновите по пожарот, се појавија стории за градежниот материјал оставен по ходниците и пред противпожарните врати, за светилките што не работеле, неисправните бојлери и незаштитените електрични инсталации, како и за тоа дека надлежните со години ги игнорирале предупредувањата за лошата состојба на зградата.

Во кобната ноќ не се огласил алармот за пожар. Многумина што преживеаја својата среќа им ја должат на своите соседи Муслимани, кои деновиве го одбележуваат Рамазан, односно постат во текот на деновите и остануваат будни до доцна во ноќта, кога може да јадат. Околу 1 часот по полноќ , кога сфатиле што се случува, тропале по вратите на своите соседи за да ги разбудат. Она што се случило подоцна е исто вредно за критика. На луѓето што се јавувале во итната служба, се претпоставува (сè уште нема официјални изјави) дека операторите, не знаејќи дека гори целата зграда, им кажувале да постапат според упатствата што стојат во повеќето британски згради и во кои пишува: „во случај на пожар во вашата зграда, ако не сте непосредно загрозени, останете во својот стан“.

Пожарникарите и пожарните служби и натаму тврдат дека таквата политика функционира, бидејќи луѓето што избезумено одат по ходниците го оневозможуваат движењето на итните служби и дека, што овде е клучно, пожарите што избиваат во стан, обично се шират до соседниот стан и во становите што се еден или два спрата во околина. Пожарот не се шири во целата зграда. Зошто пожарот во Гренфел се прошири со толкава брзина е прашањето кое ќе се обиде да го разјасни независна комисија што ја најави британската премиерка Тереза Меј.

А премиерката е приказна сама за себе. Залудно сега нејзнините советници кажуваат дека не сакала со своето доаѓање кај преживеаните и волонтерите што им помагаа од првиот ден, да внесува збрка и „да го тргне фокусот од нивните напори“. На Тереза Меј ѝ се случува чист пиар - овски кошмар, многу полош од неодамнешното губење на парламентарното мнозинство заради кое планира да коалицира со ултраконзервативната северноирска унионистичка партија ДУП, за да се одржи на власт.

Британската премиерка во моментов е апсолутен непријател број еден за сите што имаат каква било врска со трагедијата во Гренфел. За разлика од нејзиниот политички противник Џереми Корбин, кој уште првиот ден беше меѓу луѓето, ги прегрнуваше избезумените и исчадени преживеани и ветуваше истрага и промена на правилата доколку дојде на власт, Меј, чијашто популарност по изборите и по пожарот брзо опаѓа, од пристојна оддалеченост разговараше со протвпожарните служби и со по некој пожарникар. Првиот обид за сопствена хуманизација и одењето да се состане со лутите локални жители заврши со нејзино, буквално бегство од салата во која се одржуваше состанокот, под заштита на полицијата.

Како за беља, истиот ден кралицата Елизабета Втора со внукот Вилијам кој живее во општината Кенсингтон, ги посети преживеаните во една спортска сала. И сосема мирно излезе од таму, без кордон полиција и без паника. Својата лекција кралицата ја научи пред 20 години, кога почина принцезата Дијана и кога беше остро критикувана што со денови не се појави во јавноста.

Но, Тереза Меј го нема луксузот на кралската долговечност и недопирливост. Во обидот да се извлече од овој дебакл Меј направи сè што требаше да се направи: вети истрага и вонреден фонд за помош на настраданите, изрази жалење заради инцидентот. Но, сето тоа е залудно кога и понатаму изгледа здрвено, неискрено и одбива да одговори на кое било прашање на кое нема претходно подготвен одговор. Меј е на црната листа затоа што е и шефица на конзервативна влада. А конзервативците во изминатите неколку години се одговорни за отпуштање на речиси 10 илјади пожарникари.

Конзервативците го намалија буџетот за „Legal Aid“, здружение кое им помага на сиромашните во правните случаи и кое ќе им помогне на станарите на Гренфел да ги тужат општинските власти за негрижа за зградата. За време на владеењето на конзервативците стана достапен извештајот за пожарот во 2009 година во една зграда во јужен Лондон, кога загинаа 6 луѓе, а кој препорачува промени во градежната регулатива и предупредува дека постои опасност од пожари во зградите како Гренфел кои се стари и во владеење на општините. И конечно, конзервативците минатата години го одбија амандманот на законот според кој сопствениците (фирми и поединци) на становите мора да обезбедат услови „соодветни за човечки живот“.

Да, добро добро прочитавте. Тие одбија во законот да се стави реченица во која пишува дека становите мора да бидат соодветни за човечки живот, а која, лабуристите се обидоа да ја протуркаат во законот. Конзервативците тврдеа дека постоечките регулативи се доволни и дека новиот амндман само ќе ги зголеми трошоците на сопствениците на станови, што пак „би ги обесхрабрило идните инвестиции и би ги зголемило цените на становите под наем“.

Ториевците на Тереза Меј се на власт во општината Кенсингтон и Челзи и нивните функционери со години беа глуви за предупредувањата на станарите од Гренфел за лошата состојба на нивната зграда. Истите тие функционери, истиот ден кога се случи пожарот објавија дека ќе бидат згрижени сите што останале без станови, но одбија да гарантираат дека ќе бидат сместени во истата или во соседната општина, но на крајот, сепак мораа тоа да го ветат.

Кенсингтон и Челзи е општина со највисоки цени на становите во Британија. Истовремено е меѓу десетте британски општини со најголем број празни домови. Цели улици, квартови и плоштади на овој шминкерски лондонски кварт, ноќе се сосема темни бидејќи прескапите станови се во сопственост на богаташи од целиот свет кои не живеат во Лондон, а станот го користат за неколку недели шопинг или како инвестиција. Корбин повика новите бездомници од Гренфел да се сместат во тие празни станови, како што било за време на Втората светска војна. Но, тоа не се случило никогаш повеќе.
Истата таа општина и нејзините функционери на неверојатен начин паѓаа на човечкиот и организациски испит и секој нареден ден по пожарот. Преживеаните беа испраќани да спијат во хотели кои им даваа само појадок, па некои буквално гладуваа бидејќи немаа ни пари, ни документи, ни облека; во хотелите никој не ги дочека; не беше организирана никаква систематска психолошка помош; со часови никој од општнските функционери не се појавуваше на опожарените локации; помошта ја организираа волонтери, а општината не понуди никаква координација...приговорите се редат со денови.

Како да не станува збор за илјадници луѓе што требаше да се сместат, да се утешат и да им се помогне и по таа навистина ужасна ноќ. И затоа никој не се зачуди кога тагувањето се претвори во бес, бесот во протест, а протестите во окупација на општинската зграда. Истовремено, солидарноста на обичните граѓани блесна онака како само таа може. Собирањето храна, облека и пари, понудите за сместување, за бесплатни правни услуги, психолошка помош, но и најобичната човечка топлина и прегратка – тоа е нешто што им служи на чест на Британците. Сепак, тие не можат да го надоместат недостигот на координација и информации што ги натера очајните роднини и пријатели самите да трчаат по лондонските болници и да ги бараат исчезнатите, да лепат постери по маалото и очајнички да бараат одговори по социјалните мрежи...

А приказните на преживеаните се навистина ужасни. Една мајка во чадот и хаосот, носејќи го тригодишното дете, го изгубила петгодишното што го држела за рака. Друга жена го фрлила своето бебе од петиот кат во рацете на непознат маж. Омилениот вујко последен пат е виден како мавта со бела крпа од 20. спрат, млад италијански архитект кој во Лондон, заедно со девојката, барал подобра иднина, кога избил пожарот за последен пат разговарал со својот татко...Форензичарите велат дека огнот во Гренфел бил толку жежок што може да се спореди со кремирање. Тоа значи дека некои од исчезнатите никогаш нема да бидат идентификувани.

Во мојот речиси дваесетгодишен живот во Британија не се сеќавам дека Лондон некогаш вака се тресел од бес. Бес што ги преминува религиозните, расните, националните, па дури и онаа најцврстата граница во Британија – класната. Слушајќи ги луѓето во подземната железница, пријателите, непознатите по дуќаните и гледајќи наоколу, си помислувам дека коренот на тој бес, всушност не е трагедијата што го снајде Гренфел.

Презрените на светот, во примерот на таа несреќна пеколна кула, ги гледаат сите карактеристики на денешниот високоразвиен либерален капитализам: корпорациската алчност, државните мерки на штедење кои ги погаѓаат само оние на дното на скалилото, небулозниот outsourcing, енормното влијание на приватниот сектор врз јавниот сектор кој се темели исклучиво на профитот и власта на кариеристичките политичари. И не веруваат дека животот на побогатите соседи на Гренфел исто вреди само две фунти по квадратен метар.

Дали тоа ќе биде доволно за некој посериозен напредок во главите на овие земски робови ... тоа е веќе друго прашање.

Извор: Trusty.hr

ОкоБоли главаВицФото