Ана во шеќерна волна или трагедијата на државната службеничка

21.06.2017 12:00
Ана во шеќерна волна или трагедијата на државната службеничка

Во држава во која ЛГБТ луѓето секојдневно се соочуваат со отфрлање, изложени се на насилство и живеат двојни животи, секоја аутирана личност за нив е охрабрувачки фактор. Многумина забележаат дека во тој контекст, изборот на Ана Брнабиќ за премиер, би можел да влијае врз промената на односот на хомофобичниот дел од насалението кон ЛГБТ заедницата.

Во едно од соопштенијата на ЛГБТ организациите по повод изборот на Брнабиќ се наведува: „Ана Брнабиќ ќе биде една од само неколку аутирани премиер/ки во светот...што има историско значење за Србија, но и за целиот регион“. Ова тврдење е точно, но дали Србија во однос на ЛГБТ правата, може да им парира на државите чиишто премиери се луѓе од ЛГБТ заедницата?

Кога во 2009 година премиерка на Исланд стана Јохана Сигурдардотир, во земјата геј паровите можеа да стапат во брачна заедница и да посвојат деца. Лезбејките веќе имаа право на бестелесно оплодување. А што е уште поважно 87 отсто од граѓаните на Исланд ги поддржувало истополовите бракови, а 65 отсто биле за посвојување деца од страна на геј особи.

Речиси деценија пред да дојде на премиерската функција во Луксембург, аутираниот геј Ксавиер Бетел, истополовите парови можеа да ја имаат официјализаат својата врска. Лезбејките имале право на бестелесно оплодување. Хомофобичните напади стриктно се класифицираат како злосторства од омраза.

Елио ди Рупо стана премиер на Белгија во 2011 година. Оваа држава уште од 2004 година им даде право на брак на истополовите парови, а од 2006 година и право да посвојуваат деца. Генерално, Белгија се смета за една од најпрогресивните земји во поглед на почитувањето на правата на ЛГБТ заедницата.

Од јуни годинава, на групата аутирани премиери им се придружи и Лео Варадкар од Ирска. Како и во други земји, ЛГБТ заедницата во Ирска ги има сите права како и другите граѓани. Последното право на посвојување деца е постигнато во 2016 година.

Сите држави од кадешто доаѓаат спомнатите премиери имаат долга традиција на одржување на прајдови: најстариот е белгискиот (1978), потоа е ирскиот (1983), исландскиот (1988) и најмладиот меѓу нив е оној во Луксембург (1996).

Оваа статистика укажува на фактот дека високиот степен на почитување на ЛГБТ правата, нужно им претходел на именувањето на гејови и лезбејки на премиерската функција. Имплементацијата на законите, континуитет во видливоста, аутирани ЛГБТ личности во сите сфери, за поширокото општество би биле подготвителни чекори за доаѓањето на ЛГБТ личност на толку висока позиција.

Денес, човековите права често изгледаат како воено поле и тоа не е новост. Државите од прорускиот блок, Југославија и Саудиска Арабија не ја поддржаа универзалната декларација за човековите права (усвоена во декември 1948). Беа воздржани. Делумно и заради тоа Србија (и другите држави произлезени од Југославија) нема развиена култура на човекови права. Експанзијата на човековите права во западниот свет се случуваше во деведесетите години на минатиот век. Во тоа време просторот на Југославија/Србија е обележен со нивно флагрантно кршење: растење на национализмот, воени судири, влијанието на црквата врз државните работи, масовни егзекуции, силувања, сексуална експлоатација, трговија со луѓе, корупција и хиперинфлација – да спомнеме само некои од начините на кршење на човековите права.

По падот на режимот на Слободан Милошевиќ, во новосоздаденото демократско општество со темата на човековите права суштиниски се занимаваат многу мал број невладини организации. Државата никогаш нема спроведено кампања со која би ги мотивирала граѓаните да ги уживаат своите права. Токму затоа човековите права и прецепцијата на малцинаствата остануваат во сферата на заговорите, луксузот и се доживуваат како одземање на моќта на мнозинството. Повеќето граѓани остануваат индиферентни кон поимот човекови права.

Србија е неодулчна и политички и вредносно. Таа сака да соработува со ЕУ и со западот, но и со Русија и со арапскиот свет. Естрадниот жаргон ова би го дефинирал како: за секого по нешто. Така, во поглед на ЛГБТ правата – може малку забрани на Парадата, може малку геј премиерка, пред Европа се користи фразата: „во соработка со ЛГБТ организациите, државата успеа да...“, потоа може малку хомофобично насилство за рускиот пазар итн.

Токму во таков шиткачки контекст треба да се исчитува случајот Брнабиќ.

Преку ноќ, Ана Брнабиќ стана имагинарен доказ за напредокот на Србија, пример со кој Вучиќ му ги замачкува очите на Западот и на Русија ѝ удира (наводна) шлаканица, ја анулира хомофобијата во Србија, бидејќи – ало момци! – ако премиерката ни е геј, како може да ви е лошо?

Во локални рамки, случајот Брнабиќ има цел да му ја затвори устата на цивилното општество и на другите критичари на власта и да го инаугурира Вучиќ како неприкосновен помирувач на нацијата. Така, тој како врвен жонглер совршено ги балансира очекувањата на различните страни. Додека беше функционер на Српската радикална партија тој ја застапуваше политиката на користењето на хомофобијата како средство за политичка дисквалификација на опозициските лидери. Иако ја смени партијата, продолжи со слична политика.

Во 2014 година, кога јавноста е презаситена од прашањето за одржувањето на Парадата на гордоста, Вучиќ се претстави како прв лидер што го овозможи одржувањето на, дотогаш, невозможниот Прајд. Во 2014 и 2015 година претставниците на власта сакаа да ја контролираат програмата и сите најавени говорници и учесници на манифестацијата „Недела на гордоста“. Од година во година, ситуацијата стануваше се’ понапната, а почнаа да стигнуваат и првите предупредувања, бидејќи ги игнорираа, одеднаш во 2015 година, паралелно со Парадата на гордоста, беше најавена манифестацијата „Гордост Србија“.

Ова беше првиот „pinkwashing“ на Вучиќ. Главниот актер е неуспешниот експеримент на СПС – Борис Миличевиќ. Вклучувањето на Миличевиќ во Главниот одбор на оваа партија не резултираше со зголемување на нејзиниот кредибилитет во Социјалистичката Интернационала, па Ивица Дачиќ го отфрла Борис. По краткиот советнички стаж во кабинетот на Бранко Ружиќ, Миличевиќ ја губи и таа позиција, а неговата ранливост ја искористува Александар Вучиќ. Така, Миличевиќ со поддршка на Владата и со група од неколку дотогаш непознати ЛГБТ активисти во која има и припадници на гардата на Аркан, изведува контра-прајд чиишто главни обележја се српската слива, српското знаме и високо подигнатите српски три прста. Националната симболика никогаш не му била блиска на ЛГБТ движењето во Србија, што целава оваа иконографија ја прави уште почудна.

Парадата на гордоста во 2014 година помина мирно (еднствен инцидент беше судирот на полицијата со братот на Вучиќ), па таа тишина пред Парадата во 2015 година можеше да биде искористена за она што е смисла на Парадата: дебата за положбата на ЛГБТ луѓето во Србија. Меѓутоа, Милиќевиќ и неговите активисти го полнат просторот со сензационалистички приказни за огромните суми пари кои се инкасираат за Парадата од западните амбасади, за незаинтересираноста на ЛГБТ луѓето за оваа манифестација, за луксузниот живот на организаторите на Парадата и слични теми. За време на Неделата на гордоста 2016, кога како организатори добивме предупредување да бидеме добри „за да не проработи Информер“, Миличевиќ со споменатата екипа активисти ја бојкотира Парадата на гордоста и донесе жолти патики на отоврањето на Неделата на гордоста.

Иницијативата „Не да(ви)мо Београд“ беше само една од списокот на оние што ги понижуваше Миличевиќ. На тој список се најдоа и Билјана Срблјановичќ, Жени во црно, ЛДП и многу други. Она што е интересно дека токму членовите на таа група во периодот од 2014 до 2016 година, од Градот добиле неколку простори и беа вработени во државни институции од кои, нивните организации и ги добиваат средствата за нивните проекти (Канцеларија за човекови и малцински права).

Парадата се востанови и повеќе не е тема, а државата на ЛГБТ заедницата не ѝ даде повеќе права од оние што веќе ги имаше, па очекувањата на меѓународната заедница Вучиќ се обиде да ги премости со катапултирањето на Ана Брнабиќ.

Како и да изгледа, досега придонесот на Ана Брнабиќ за ЛГБТ правата е занемарлив. Иако за неа се говори како за лезбејка, Брнабиќ не направи coming out. Таа се согласи да биде аутирана од страна на Вучиќ. Таа често наведува дека нејзиното аутирање било заедничка одлука (?) а целта била да се избегнат проблемите што може да ги предизвика во јавноста, сознанието за нејзината сексуална ориентација. Таа вели дека не е активистка и дека не познава проблемите на заедницата на којашто и’ припаѓа.

Под патронатот на омнипотентниот, татковски настроениот, родољубиво – милитантниот хетеросексуален маж што ги живее вредностите кои неа како лезбејка ја потчинуваат, со прифаќањето и (индиректното) признание дека геј (всушност) не е ок, Ана Брнабиќ не направи чекор напред за ЛГБТ правата во Србија. Во заедничката одлука за нејзиното аутирање нема ништо вознемирувачко, револуционерно, провокативно, ништо што ги тресе темелите на патријахалното и затворено општество во Србија. Тука само се испишува пораката дека срцето на диктаторот е отворено за другите.

Засега еднствената поддршка што ја даде Ана Брнабиќ на ЛГБТ заедницата беше нејзиното појавување на минатогодишната Парада на гордоста. Ана дојде сама, без другите членови и членки на Владата и рече: „Ако јас денес сум овде, целата Влада е овде.“ Така, таа застана во одбрана на владата која не сакаше да застане покрај неа на Парадата на гордоста. Во таа иста влада, што не сакаше да ја поддржи на Парадата на гордоста, учествуваат луѓе кои даваа проблематични изјави за ЛГБТ заедницата: Дачиќ, Стефановиќ, Антиќ, Михајловиќ, Вулин и други. Тука е министерката за правосудство, Нела Кубуровиќ која неколку дена пред Парадата на гордоста 2016. ни укажа дека ние самите како ЛГБТ личности мора да работиме на имплементација на законите, за да ни биде подобро. Како!?

Тешко дека во наведените околности Ана Брнабиќ на премерското место ќе донесе напредок во поглед на женските права. Особено ако се има предвид дека нејзиното именување се случува паралелно со со дисквалификацијата на народната пратеничка Мариника Тепиќ, со употреба на груби сексистички аргументи. Ана често себе се именува како дел од апаратот на Александар Вучиќ. Таа му помага, стои зад неговите ветувања, сака да ги реализира, смета дека Вучќ ја менува Србија на подобро и пред се’ – таа нема свое мислење. Таквиот став е во спротивност со идејата на еманципација на жените, а од феминистичките вредности тој став е оддалечен со светлосни години.

Брнабиќ ќе остане само статистички податок како прва жена и лезбејка на премиерската функција во Србија и источна Европа. Но, дали е тоа еманципација? Единствено нормативните рамки на поимањето на човековите права не обврзуваат да бидеме задоволни.

На крајот се поставува прашањето: Дали е ова можно и дали навистина е толку лошо?

Да, можено е.

И да, лошо е.

Србија во тоа не е осамена. Феноменот наречен „pinkwashing“ е присутен како стратегија во современата светска политика. Во западниот свет благодарение на изедначувањето на правата, ЛГБТ заедницата станува препознаена како сериозно и големо гласачко тело. Затоа и најтврдокорните десничари како Марин Ле Пен не се воздржуваат да ги поддржат ЛГБТ правата, додека истовремено се подготвени да ги укинат правата на другите. Со години се водат дебати околу учеството на десничарските партии на големите европски паради: активистите прашуваат дали партиите што шират нетрпеливост кон муслиманите имаат капацитет вистински да ги поддржат ЛГБТ правата. Во рамки на ова, најчесто како приемр се користи Израел кој им ги укинува правата на Палестинците, а го претставува Тел Авив како рај за живот на ЛГБТ заеницата. Затоа големо прашање е дали ЛГБТ заедницата може и смее да се чувствува безбедно кога ја поддржуваат десничари и националисти каков што е Александар Вучиќ.

Затоа сметам дека е не само неефикасно, туку и погубно да се гледа на именувањето на Ана Брнабиќ како на исклучителен напредок во поглед на човековите права на ЛГБТ луѓето. Од тоа големо парче на шеќерна волна што ни го дава Вучиќ, устите на геј луѓето ќе станат толку лепливи што нема да можеме да ја искажеме својата болка.

19 јуни, 2017. Калгари, Канада

Слики: Sam Kirk

Извор: http://pescanik.net/