Жолтица и крварење

16.07.2010 12:32
Жолтица и крварење

Не победува оној што вреди туку вреди оној што победува.

Корнелиус Касторијадис


Постојат неколку вистинити фудбалски приказни кои неодоливо ме асоцираат на беспаќата на актуелната македонска политика. Прераскажувајќи ги тие приказни ќе се обидам да го одбележам завршувањето на овогодинешниот Мундијал, но и да укажам на некои врски меѓу фудбалот и политиката. Низ приказните ќе ме води една реченица на Албер Ками кој како млад, пред да се разболи од туберколоза, во Алжир бил талентиран голман. Вака вели Ками: „Сè што научив за моралот, за страста и храброста, научив од фудбалот“.

***
Зошто, на пример, Македонија е раскопана земја, во потрага по сопствениот идентитет?! Зашто некогаш некој (клет Грк, можеби) среде нашата почва ни закопал жаба со зашиена уста, токму како што се случило една ретко дождлива ноќ, при крајот на 1937 година, на теренот на фудбалскиот клуб Васко де Гама: еден навивач на противнички клуб закопал жаба со зашиена уста и искажал клетва: „Господ да даде Васко да не биде шампион дванаесет години! Ако има Господ, ова нека се исполни!“ Навивачот бил бесен зашто неговиот слабо рангиран клуб од Васко бил исторпедиран со 12:0. Со години навивачите и раководителите на Васко де Гама трагале по жабата, на теренот и надвор од него, но не можеле да ја пронајдат. Теренот го сториле кртичник, обидувајќи се да ја ископаат прокопсаната жаба. И со години Васко навистина не успевал да освои трофеј, и покрај тоа што ги имал најдобрите играчи во Бразил. Малерот го скршиле дури 1945 година (претходниот трофеј го освоиле 1934-та) освојувајќи го купот на Рио де Жанеиро. „Господ ни даде мал попуст“, изјавил претседателот на клубот радостен што после 11 години клубот доживеал успех.

***
А зошто Црвенковски, Георгиевски, Груевски итн., цело време губат еден та ист натпревар, против Грција? Затоа што сугестивниот пророк уште во 1994 година вака им рекол: „Внимавајте на пегите и чувајте се од жолтица и од крварење“. Автентичната приказна ја раскажа Фреди Ринкон, црниот горостас од фудбалската репрезентација на Колумбија, кој беше едно од најголемите разочарувања на Мундијалот во 1994 година. Ринкон тоа првенство го одигра како зомби, како некој да му ја исцицал сета крв. Неколку години подоцна тој објасни дека пред првенството бил смртно исплашен од еден пророк од Тумако, област на колумбискиот брег од каде што потекнува и Ринкон. Пророкот тогаш - слично како октоподот Пол деновиве - ги предвидел точните резултати, а на Ринкон му навестил дека ќе му ја скршат ногата ако не биде многу претпазлив. „Внимавај на пегите“, рекол пророкот, мислејќи на топката, „и чувај се од жолтица и од крварење“, додал, алудирајќи на жолтите и црвените картони.

***
Третата приказна е поврзана со шутирањето пенал, т.е. со постигнувањето „разумен компромис“ за веќе архајскиот проблем со името. „Или шутираш или се курчиш“ е старата фудбалска мудрост; овде секогаш сме се фаќале за ситниот вез, а не за шутирањето. Поради тоа и сме екстремно неефикасно и непродуктивно општество. Ние сеуште веруваме дека причината за нашите лоши реализации е зашто некој (клет Грк, можеби) упорно ни плука во топката. Такви проблеми немал Џузепе Меаца, еден од најголемите италијански фудбалери на сите времиња. Прочуено е неговото изведување пенал на Светското првенство 1938 година. Натпреварот е полуфиналето меѓу Италија и Бразил. Меаца бил голем мангуп, нискичок и плаховит. Пеналите ги изведувал со посебна елеганција: би ја подигнал главата и така би го привикувал голманот, како матадор кој се подготвува да го зададе завршниот удар. Пеналот што го шутирал Меаца бил клучниот момент на полуфиналето: напаѓачот земал залет, но токму кога сакал да шутира, му паднал шорцот! Публиката била вџашена, а судијата збунет. Но, Меаца не застанал туку со едната рака го придржал шорцот а топката ја испратил зад голманот на Бразил, Валтер, кој се смеел наместо да брани. Тој гол ја одведе Италија во финалето на тоа Светско првенство.

***
А зошто народот молчи пред самоубиствените политики на овдешниот премиер кој ем сè уште си го мести паднатиот шорц ем едновремено е заболен од сипаници (пеги), жолтица и крварење? Народот молчи зашто е незадоволен од судиските одлуки. Исто како народот на Лима, пред 46 години. Еве ја приказната за најкрвавата трагедија во историјата на фудбалот, која се случила 1964 во главниот град на Перу. Кога судијата во последните моменти на натпреварот Перу-Аргентина поништил еден гол на Перуанците, трибините зовреле од бес и оттаму почнале да летаат портокали, конзерви пиво и други проектили. Тогаш полицијата припукала и употребила солзавец, што довело до вистинско стампедо. Полицијата тргнала во јуриш и ја пригмечила масата навивачи до излезната врата, која била затворена. Имало над 300 мртви луѓе. Ноќта низ Лима протестирале илјадници луѓе. Но, протестирале против судијата, а не против полицијата.

Извор: Глобус, 13.07.10.

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото