Самоил: Овие се Византијци!

22.06.2017 09:41
Самоил: Овие се Византијци!

Царот се возбудил толку многу што прекинал да гледа како Германија ја мава Австралија на Купот на конфедерации во Москва. На шестиот екран во огромната одаја му се јавила сликата на двајца премиери како се тртат пред неговиот паметник во Софија.

„Мислев дека сите мои се слепи или ќорави на едното око, овие мора да се од Василие“, рекол Самоил и сркнал од ромејскиот череп охридско мерло густо како сируп од рибизли.

Во тој момент, целиот испотен, со фудбалска топка во рацете, во собата влегол Радомир и уште од вратата почнал да вика:

„Стари, ги виде ли Борисов и Заев како ти се клањаат до земја, бе, Бугарите и Македонците одбрале да се помират во тебе, тоа ти е најголем подвиг во животот и во смртта, поголем отколку кога со дваесет коњаници и пет војници на магариња го освои Задар. Ниен твоите синови, се гордееме со тебе.“

Можеле Борисов и Заев да најдат и друга фигура која може да ги помири историските аспирации и комплексите на двете нации, не знам дали во светот има премиери кои изразуваат длабока почит кон некој одамна починат сатрап, но, во ред, ако двајцата мислат дека можеме да се смириме во царството на силата од пред десет века побргу и побезболно отколку во царството на уметноста, на литературата, да речеме или во некое друго поблагородно царство, нека биде така, зошто па да не.

Ние Македонците не сме Македонци затоа што не сме Бугари или, уште помалку, затоа што сме антибугари, дистанцата од Бугарите не нè одредува така како што бевме култивирани дека нè одредува, тоа треба да го разбереме и да го дадеме како наш прилог во воспоставувањето на релациите врз нови основи. Каков влог ќе внесат Бугарите во новата љубовна врска останува да видиме, но јас верувам дека од дебелите пластови заедничка историја, од личностите кои ги задолжиле и двете страни, од настаните и процесите кои оставиле траги и ваму и таму, новото време и актуелните интереси и нивната испреплетеност, ќе знаат да го исселектираат и бугарскиот влог.

Апсолутна поддршка на процесот што го отворија двајцата премиери.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Шкарт