Етикетата „соросоид“ се користи за слабеење на либералната демократија

22.06.2017 09:21
Етикетата „соросоид“ се користи за слабеење на либералната демократија

На 31 јануари, сред ноќ, владата во Романија усвои законски измени со кои се декриминализираа некои форми на корупција и судир на интереси. Ова во основа значеше дека ако некој министер, пратеник, или локален избраник украде помалку од 200 илјади леи (околу 43.000 евра), тие нема да бидат казнети според Кривичниот закон.

Ова предизвика огромен револт кај граѓаните, кои преку непрекинатите протести се изборија за повлекување на законските измени, а министерот за правда да си даде оставка. Сепак, власта продолжува по старо, но со поинаква стратегија, вели Михаи Политеану, извршен директор на Иницијатива Романија и еден од најистакнатите активисти за време на протестите. Тој беше еден од говорниците на годинешното издание на ENGAGE – Конференцијата за друштвен активизам.

„Првата ноќ од протестите беше најемоционална. Имаше гласини дека вечерта ќе го усвојат декретот. Околу 9 часот навечер, дваесетина луѓе протестиравме пред зградата на владата, но бидејќи изгледаше како ништо да не се случува, си заминавме дома. Веќе во 11 часот измените беа објавени во медиумите и тоа предизвика лутина на социјалните мрежи. Имаше повици низ цел Фејсбук да се излезе на улица. Јас одлучив да одам пред владината зграда, но бев убеден дека ќе бидеме само десетина будали кои ќе протестираат против крајот на антикорупцијата во Романија. Но, сосема погрешив. Таа ноќ повеќе од 15.000 луѓе ги соблекоа своите пижами и излегоа на температура под нулата за да се борат за владеење на правото и демократската иднина на Романија. На најголемиот протест во Букурешт имаше повеќе од 5 милиони луѓе кои протестираа пред Владата“, се потсетува Политеану.

Тој вели дека во борбата против антикорупцијата многу помогнало тоа што се дел од Европската Унија, со чија помош, смета Политеану, Романија ја води една од најмоќните и успешните кампањи за борби против корупција во Европа.

„Илјадници политичари и државни службеници во Романија (премиери, министри, пратеници, претседатели на окружни совети, градоначалници, полицајци, судии…) се обвинети и осудени за корупција, или прекршоци поврзани со корупција. Романската Агенција за антикорупција стана успешен модел во регионот, причина за завист и восхит меѓу државите на Балканот и Источна Европа, а е еден вид популарна рок-ѕвезда во Романија. Спротивно на тоа, постои страв од Агенцијата и омраза кон неа, од страна на олигарси и политичари, кои безброј пати се обидоа да ја ослабнат и поткопаат борбата против корупцијата“, вели Политеану.

Протестите поминаа, но гневот кај граѓаните останува, забележува тој. На прашањето каква е актуелната ситуација во Романија, тој вели:

„Бизнис, како и обично. Политичарите сè уште се обидуваат да го декриминализираат криминалот за да избегнат гонење или пресуда, додека провладините медиуми се обидуваат, како и секогаш, да ги дискредитираат антикорупциските поддржувачи, судии и обвинители. Но, овој пат, тие ја променија својата стратегија. Наместо да се обидуваат да задаваат смртоносни удари на борбата против корупцијата, тие полека, чекор по чекор, ги менуваат кривичните закони во парламентот, со симулирање на долги јавни консултации. Се разбира, обичен граѓанин не може да биде полицаец за сите одлуки на Собранието и неговите дебати што траат со месеци. Не може да протестираат на улиците секогаш кога парламентарната комисија, а потоа и друга, и друга, и така натаму, носат срамни одлуки за попречување на борбата против корупцијата.“

За него организираните напади кон граѓанското општество не се нова појава туку напротив, вели дека авторитарни тенденции се честа појава во регионот, каде држави како Молдавија, Унгарија, Полска, Србија, Хрватска и Бугарија имаат речиси исти проблеми.

„Што се однесува на Романија, имало и сè уште има обиди да се ограничат активностите и моќта на НВО-секторот, но неуспешно. Сепак, постои континуиран медиумски притисок врз оние кои работат во невладините организации. Политички потчинетите медиумски институции развија долги и брутални кампањи за да ги дискредитираат. Лагите и лажните вести се чести алатки за ова“, појасни Политеану.

Тој е многу добро запознаен и со етикетата „соросоид“, бидејќи е често користена и од властите во Романија.

„Виктор Орбан е ‘корисен идиот’ на автократската Русија. Како и многу други политички лидери во овој дел од Европа, за жал. Поимот ‘соросоид’ и неговите безбројни деривати, теории на заговори, имагинирани домашни и меѓународни непријатели на нашата земја, вирална анти ЛГБТ-пропаганда се дел од идеолошкиот руски арсенал во насока на слабеење на либералните демократии во овој дел од Европа, и пошироко. Ова се исто така многу корисни идеолошки алатки за авторитарните политички лидери во нашите земји да ја избришат или дискредитираат политичката и граѓанската опозиција, бидејќи лесно е да ги обвинувате другите за сопствената корупција и некомпетентност“, заклучи тој.

Политеану смета дека овие протести им покажаа на граѓаните дека тие ја имаат моќта да да се борат против злоупотребата на властите, дека тие може да ги обликуваат политиките на државата и да одлучуваат за иднината на земјата. Сепак, тој смета дека отпорот не е доволен.

„Луѓето мора да бидат вклучени во нивните заедници, да бидат вклучени во политиките и донесувањето на одлуки на локално ниво и да бараат одговорност од политичарите. А, за да се постигне ова, граѓаните мора да се организираат, да формираат невладини организации, или неформални граѓански групи. Се разбира, никој не бара од нив да бидат херои и да бидат вклучени цело работно време, но за да има ефикасност и долгорочни резултати, потребни се некои форми на организирање. ЕУ и НАТО не се магични решенија. Тие се одбрано друштво на слободата и демократијата, рамка за нивна заштита, но почитувањето на слободата и демократијата е должност на секој граѓанин и на заедницата“, нагласува Политеану.

Иако за Романците сè уште е фрустрирачки тоа што живеат во најсиромашната држава во Европа, нивната ситуацијата полека се подобрува во однос на економијата, институциите, безбедноста, владеењето на правото, слободата и благосостојбата, смета тој.

Извор: Радио МОФ

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото