Му се расипал фотоапаратот, па го прекинал летувањето

22.06.2017 11:01
Му се расипал фотоапаратот, па го прекинал летувањето

Лефкада, 22 јуни 2017

„Трагедија е можеби претежок збор, знам луѓе кои изгубиле членови на семејството, но и ова не е за потценување“, вели Даниел Серафимов од Скопје, опишувајќи ја загубата на својот фотоапарат кој понекогаш му служи и како телефон.

Даниел и неговиот смартфон се споиле пред околу седум месеции и оттогаш биле неразделни. Тој секој ден откривал нешто ново за него, а кога ќе почувствувал дека врската запаѓа во монотонија, нарачувал нова маска и љубовта повторно цветала. Во петтиот месец токму преку смартфонот договорил летување со тројцата најдобри пријатели, додека седел на кафе со нив.

Во почетокот работите делувале идилично. Даниел секое утро се фотографирал пред огледало, на патот кон плажа, на плажа, пиејќи сок од портокал, во вода, на лежалка, на враќање од плажа...

На петтиот ден од летувањето, Даниел сакал да се фотографира со пријателите во вода, а дури успеал да фати и Wi-Fi сигнал од едно од кафулињата во близина, што го зголемило потребното време за објава на слика на Фејсбук од стандардните 6 на дури 14 секунди.

„Стоев во вода и тргнав да се сликам со Диме, Перо и Столе. Само што се наместивме во вистинската поза, го притиснав копчето за фотографирање - и ништо! Се обидов уште неколку пати – пак ништо. Прво помислив дека батеријата е испразнета, но видов дека имам уште 79% од батеријата. Сфатив дека смартфонот е расипан, а мојот одмор завршен“, раскажува нажалениот летувалец.

Бидејќи фотоапаратот не проработел ни откако го рестартирал неколку пати, младиот Даниел решил дефинитивно да се спакува и да се врати во Скопје.

Извор: Sprdex