Тато, завршивме факултет!

22.06.2017 12:27
Тато, завршивме факултет!

Денес завршив факултет. Академија за применети уметности во Белград запишав во 1987 година. Цел еден живот, точно 30 годни подоцна, со полагање на последниот испит по Психологија, на кој добив 10, усепав конечно да го завршам. Во историјата влегувам, најверојатно, како единствениот кој прво добил награда за животно дело, а дури потоа дипломирал во истата област. Меѓутоа, оваа животна приказна не е нималку едноставна за да се опише во неколку зборови. Имено, моите родители, Лилјана и Момчило, ме добиле многу млади, на дваесет години. Мама претходно запишала економија, тато екологија. Двајцата ги напуштиле факултетите кога сум се родил. Стариот почнал да работи на бензинска пумпа, а старата како секретарка во општинската конференција на младината. Стариот пробал двапати да заврши градежен факултет кој вонредно го запишал во Суботица, но тоа не му пошло од рака. Стариот мој е посебен случај. Кога имал 14 години, татко му Славимир, по кој сум го добил името, тешко се разболел и со месеци полека умирал прикован во постела. Во тој период татко ми завршувал осмо одделение и сонувал за упис во Средното архитектонско училиште. Отишол на приемен испит. Кога се вратил дома, на таткото кој умирал можел само да му каже дека не е примен, дека е прв под линијата. Таа траума не го напуштила до денешен ден, кога има 70 години. Меѓутоа, кога јас се запишував на Академијата, стариот инсистираше да оди со мене и да биде тука, цело време. Кога дојде денот да се објават резултатите, не ми даде да пријдам ни блиску до огласната табла. Сè на што се сеќавам се неговите раце и главата која од гужвата скокајќи се приближуваше со громогласното: „Стојановиќ, примен си!!!!“ Јас не бев нималку свесен за тежината на неговите зборови и значењето на ситуацијата за него, зашто приакзната за неговото средно архитектонско училиште ми ја раскажа дури предминатата година на годишнината од смртта на мајка ми. Таа никогаш не заврши факултет, татко ми исто така, а ни мојот помал брат Неша.

Студирав уредно и посветено четири години, а кога требаше да се комплетира четврта година, почнаа ескалациите на судирот во Босна, а јас, благодарение на фактот дека имам вујко во Гетеборг, отидов таму и се запишав без проблем на славната HDK - Висока школа за дизајн кај професорот Х.Ц. Ериксон. Меѓутоа, по неколку месеци студирање, воведоа санкции против Југославија, а мене, за жал, ми беа оневозможени понатамошните студии. Не можам ни да ви го објаснам разочарувањето во тој миг. Целиот систем по кој со години многу успешно се искачував, се сруши како да е од чепкалки. Моето решение беше да бидам што поуспешен во работата, која благодарение на упорноста и огромниот труд успеав да ја добијам во агенцијата Saatchi & Saatchi во Белград. Стотиците награди кои ги добив оттогаш беа моја потсвесна камуфлажа за незавршените формални студии. Во 2003 година, додека живеев во Словенија, се запишав на Универзитетот за уметност во Љубљана, во обид да ги завршам студиите. Добив индекс, но не отидов на ниту едно предавање. Тогаш штотуку ја основав својата фирма и работата сосема ме обзеде. По враќањето повторно се запишав на Академијата во Белград, тогаш мојата Олја беше бремена со Наѓа. Мислев дека, кога веќе идната мајка завршила факултет, не е баш ОК идниот татко да не заврши. Меѓутоа, мајка ми Лилјана се разболе и умре две недели пред да се роди Наѓа. Немаше шанси да се соберам и да го довршам факултетот. Се запишав повторно во 2012 кога мислев дека сум доволно силен и дека можам. Не бев. Но, кога ќерка ми заврши прво одделение и кога ја видов нејзината книшка во која учителата изразито ја пофали, повеќе не можев да бидам татко на таа и таква Наѓа ако не завршам факултет. Се запишав, смогнав сили да ги дадам сите преостанати десет испити, кои ги положив речиси со сите десетки. Сериозно се потрудив, немаше нималку шега во сето тоа... учев, пишував семинарски, се преслушував на глас во моето студио, сам... студентите со кои заедно ги полагав сите испити ме гледаа зачудено, не верувајќи дека истиот оној дизајнер од телевизија нервозно го стиска индексот исто како и тие. Ова искуство дефинитивно ми го промени погледот на самиот себе, ги продлабочи постоечките и отвори сосема нови подрачја на свеста и способностите. Луѓе, се победив самиот себе, заради себе. Тато, завршивме факултет!!!

Извор: Фејсбук профилот на авторот