Иднината на левицата во Европа

23.06.2017 01:46
Иднината на левицата во Европа

По зачудувачкиот исход од референдумот за Брегзит, Дејвид Камерон, Џорџ Озборн и Најџел Фараж се минато, се појави наводно талентираната Тереза Меј, наместо улогата да ја добие Борис Џонсон тој беше унапреден, мерките за штедење се на чекање, намалени се каматните стапки, нееднаквоста наеднаш стана проблем околу кој се ангажираат Ториевците, а Никола Стерџен се појавува како државничка која потенцијално би можела да го спаси Обединетото Кралство, но и британското членство во Европската унија.

Ви доаѓа да се запрашате: како ќе гласавте ако знаевте дека нештата ќе испаднат вака?

Во меѓувреме, британската Лабуристичка партија потона во валкана битка за лидерството, зашто блеристичките и парламентарците од средната струја започнаа пуч против радикално левиот лидер на партијата Џереми Корбин, кого го избра членството. Се чини веројатно дека Корбин ќе опстане, благодарение на силниот контранапад и изборниот систем кој го наследи од Ед Милибанд. Но, во овој момент самата битка ја илустрира ирелевантноста на Лабуристите – а, со тоа и на целокупната левица надвор од Шкотска – за сите прашања кои се однесуваат на моќта или политиката во Обединетото Кралство.

Граѓанската војна на британската левица има паралели ширум Европа, а радикално-левите движења повторно откриваат топла вода: нивните најжестоки непаријатели се токму нивните ривали од средната струја. Во Грција, подемот на СИРИЗА, „Коалицијата партии од радикалната левица“ настапи на штета на ПАСОК, Пан-хеленистичкиот Социјалистички Сојуз. Во Шпанија, Унидос Подемос првенствено настапи како предизвик за ПСОЕ; но, потфрли на изборите минатиот јуни. Во Португалија Bloc Izquerda растеше откако ослабе Социјалистичката партија; во моментов три леви партии се наоѓаат во непријатна коалиција благодарение на тоа што лидерот на социјалистите е син на комунист од ГОЕ. Во Германија постои Die Linke. Во Италија социјалистите исчезнаа уште одамна, но на сосема пост-комунистичката Демократска партија од средната струја ѝ се заканува истиснатото квази-лево Движење со 5 ѕвезди. Во Франција, како исклучок, Социјалистите колабираат без ничија помош, а притоа сè уште не постои радикално-лева политичка алтернатива и покрај масовниот отпор кон владините економски програми.

Подемот на радикално-левите опции само четвртина век по „крајот на историјата“ резултираше со духовна криза на средните струи. Пред неколку децении, делуваше плаузибилно кога лидерите како Тони Блер, Герхард Шредер и (малку подоцна) Јоргос Папандреу се претставуваа како модерна генерација. Тие се формираа во рамки на економската и идеолошката трансформација, во ерата на Маргарет Тачер и Роналд Реган и триумфот на Западот во Студената војна. Го одбија социјализмот од стариот ков и ја поткастрија државата на благосостојбата. Го продолжија европскиот проект, го прифатија лидерството на САД и го прифатија слободниот пазар. Истовремено пропагираа широка либерализација на општествениот живот, вклучувајќи го јакнењето на репродуктивните права, правата на хомосексуалците, расните, етничките и религиозните разновидности и слободата на движењето. Токму тоа беше она што (во голема мера) го дефинираше мејнстримот како прогресивен; на тој начин тие му додадоа лакиран слој на општественото изедначување и покрај забрзано растечката економска нееднаквост.

Меѓутоа, историјата не заврши. Новата европска генерација ги доживува слободата на движењето, социјалните придобивки и половата слобода како иреверзибилни факти; таа доаѓа од меѓународните универзитети и живее заедничка, европска култура. Таа во голема мера е религиозно толерантна, дури и во момент кога има сè повеќе конзервативни муслимански заедници ширум Европа. Предизвикот што ја дефинира се климатските промени – приоритет кој го занемарија постарите генерации. Таа генерација беше сведок на ерата на Буш, војните во Авганистан, Ирак, Либија и Сирија, а сега и на бранот бегалци од тие подрачја. Новата европска генерација не верува дека САД се природен лидер во светот. Таа ја претрпе растечката нееднаквост, ја доживеа финансиската криза и не верува дека пазарите се волшебни. Нејзиното економско искуство е обележано со стагнација, распад, прекарност, штедење и невработеност. Некогашната модерност на флексибилноста, претприемништвото и глобализацијата веќе не се сметаат за атрактивни.

Јазот помеѓу левиот центар и радикалната левица се рефлектира во различноста на политичкиот дискурс. Слоганите како „инклузивен просперитет“, „заеднички раст“ и „заедно посилни“ на британската кампања за останување во ЕУ ги погодуваат нијансите на левиот центризам; во меѓународната сфера врежана е синтагмата „хуманитарна интервенција“. Радикалната левица, пак, сака конкретна акција, одговорност и, ако е можно, мир: запирање на конфискувањето, финансирање на јавните услуги, затворање на корумпираните банкари, приземјување на дроновите и повлекување на воените трупи. Зборовите „неолиберално“ и „мерки за штедење“ се предмет на борба за радикалите. Трговските договори се една пресвртна точка; судбината на Палестина е сосема друга. Тоа се борбените линии; разликите се непомирливи, па затоа и борбата нужно се одвива околу контролата.

Во Британија, лидерството на радикалните сили, повеќе или помалку случајно го презеде скромен парламентарец од редовите на старата Нова Левица, со корени во политиката од шеесеттите. Во Грција, тоа го направи млад градежен инженер, кој одредено време скромно му асистирал на „непредвидливиот марксистички“ професор по економија. Во Шпанија, млад професор по политички науки. Во Италија, комичар. Затоа, за етаблираните политичари постои уште еден проблем: насоката на радикалната левица во никој случај не произлегува од нивните сопствени класни и социјални кругови. Значи, радикалите за нив претставуваат егзистенцијална закана.

Географските и институционалните димензии го пополнуваат јазот. Радикалната левица се појави како сериозна сила прво во Грција, потоа во Шпанија, Португалија и Италија – односно, на европскиот југ кој е обележан од кризата. Покрај тоа, нејзината база е во одредени локални власти, вклучувајќи ги Барселона, Наполи, Торино, а сега и Рим. Левиот центар, пак, се утврди во Вестминстер, Париз и Берлин каде се наоѓа во голема коалиција со конзервативците, а пред сè во Брисел. Токму од Брисел може да им се помогне на транс-националните кампањи против радикалните движења.

Колапсот на грчката економија од 2015 година за првпат на власт донесе радикално лева влада. Таа влада имаше програма, грчкиот народ знаеше каква е и Сириза, освојувајќи дури 35 проценти од гласовите на изборите, уживаше поддршка во јавноста од околу 80 проценти. Самата програма беше умерена, потполно капиталистичка, со амбиција да се променат само одредени политики кои ги наметнуваа европските институции и ММФ, а чие спроведување во Грција очигледно резултираше со дисфункционални и деструктивни резултати. Меѓутоа, Грците не успеаја да обезбедат поддршка од левите центристи кои се на власт во Италија, Германија и Франција. Европската централна банка беше ангажирана за да ја притисне грчката економија, заканувајќи се дека ќе ги сруши грчките банки – а, таа закана и лично во Атина во јануари 2015 година ја испорача Јерун Дајселблум, социјалистичкиот министер за финансии на Холандија и претседател на Еврогрупата, советот на министри за финансии од еврозоната.

Во јули 2015, грчката влада капитулираше, препуштајќи им ги во потполност уздите на националните економски политики во рацете на своите кредитори, како што е и денес – политиките за ликвидација, конфискација, банкрот и брзи приватизации, што го опфаќа и прекрасниот грчки брег кој досега беше јавно добро. (Особено понижува што кредиторите имаат право да го номинираат претседателот во приватизациската комисија.) Јасна намера на оваа политика е да се потчинат Грците и да се заплашат гласачите во другите држави членки, вклучувајќи ги оние во Шпанија и Португалија. Обидот не успеа, зашто радикалите во Јужна Европа продолжија да добиваат на значење на изборите во Португалија, Шпанија и Италија. Но, успеа да ја потисне одлучноста на Подемос и Bloc Izquierda; така што во овој момент најактивните бунтови на европскиот континент доаѓаат од десницата. Радикалниот вулкан тлее, но засега сè уште не еруптирал.

Во моментов, радикалната левица е осуетена во дејствувањето и е соочена со стратешки избор. Една опција е да се распадне ЕУ, со надеж дека во државите кои штотуку ја напуштија Унијата гласачите на изборите ќе ѝ ја дадат довербата на левицата, ослободувајќи се од тешките окови на мерките за штедење, кои им се наметнати од Брисел и Франкфурт. Оваа стратегија е позната како Лексит. Нејзината предност лежи во разочарувањето на бројните гласачи на работничката класа од европските институции, факт кој е јасно видлив во пресвртот на окрузите кои традиционално гласаат за Лабуристичката партија ширум Англија и Велс и според опцијата Брегзит на референдумот.

Но, опцијата Лексит е соочена со следниот проблем: доминантните анти-европски движења воопшто не се насочени кон лево; тие се сочинети од екстремни партии од радикалната десница – од отворено нацистичката Златна зора во Грција до британскиот УКИП и Националниот Фронт во Франција. Значи, силите на Лексит се наоѓаат во незгодно сојузништво со политичките нативисти, ксенофобите и неофашистите. Постојат причини за страв дека радикалната десница по излегувањето од Европската унија прва ќе дојде на власт и ќе ги поткопа демократските гаранции, кои делумно произлегуваат од европското право кое го чува потенцијалот за следни прогресивни победи. Овој процес веќе е во тек, дури и во Европа, на пример во Полска и Унгарија; а, претставува потенцијална закана за демократската стабилност дури и во Франција.

Алтернатива за радикалната левица е да ја преземе задачата за дефинирање на кохерентна пан-европска програма за демократски развој на самата Европска унија. Движењето за демократија во Европа до 2025 година – ДиЕМ25 – си постави конкретни цели. Некои се скромни, но непосредни, делумно инспирирани од реформските модели од седумдесеттите години, како барањето за отворени состаноци, со транскрипти и веб преноси, или барањето Европскиот парламент да има моќ за потврдување на именувањата на значајни позиции, како онаа во Европската комисија и управниот совет на Европската централна банка. Освен наведените барања, ДиЕМ25 како цел има амбициозен процес за уставно реструктурирање, кој би водел кон вистинска популарна, уставна и, да, социјалдемократска демократија на европско ниво.

Каков ќе биде исходот? Левиот центар не може да издржи; неговото време помина. Не постои лидерство, имагинација ниту иднина во наводната модерност од осумдесеттите, 30 години подоцна, во условите што ги создаде таа ера. Елементите од левиот центар се држат до своите позиции, во некои случаи многу силно, но со текот на времето ќе бидат сè послаби, како што ќе стареат и ќе се намалува бројот на нивните следбеници, сè додека не дојдат избори што ќе ги исчистат. Таква беше судбината на ПАСОК. За кратко време таква ќе биде и судбината на француските социјалисти и парламентарните фракции на британската Лабуристичка партија. Кога станува збор за СПД во Германија, ПСОЕ во Шпанија, ПД во Италија и ПС во Португалија – ќе покаже времето. Можно е нестабилните коалиции со порадикално леви партии, како во Португалија и на неколку други места, да продолжат уште некое време.

Значи, иднината на левицата – со претпоставка дека левицата има иднина – лежи во тоа што денес го нарекуваме радикална левица. Но, за кој нејзин дел зборуваме: Фракцијата што заговара Лексит до денес не оствари значајна поддршка во кое било европско избирачко тело. Народното единство (Laïkí Enótita / Popular Unity), фракција на грчката левица и единствената партија која отворено заговараше Лексит, на изборите во септември 2015 не успеа да го премине прагот од 3 проценти и да влезе во парламентот. Во Обединетото Кралство, Корбин беше на страната за останување во ЕУ (иако, во минатото ѝ припаѓаше на традицијата на евроскептицизмот), а колку што ми е познато, лабуристичките заговорници на Лексит сосема се потиснати во позадина после референдумот.

Дали про-европската радикална левица, дејствувајќи на европско ниво, има некаква шанса? Разумно е да се запрашаме дали таа може да се натпреварува со емотивната сила на националистичката десница. Можеби не може. А, можеби левицата во целина, горко разединета, едноставно ќе продолжи да биде глас на немоќна опозиција.

Меѓутоа, за оние кои се држат до некакви подобри визии за Европа, опциите се малубројни. Добро е да се присетиме на зборовите на Вилим Орански: „Нема надеж пред обидот, ни успех во одолевањето.“

Џејмс Галбрајт е автор на книгата Welcome to the Poisoned Chalice: The Destruction of Greece and the Future of Europe. Соработувал поранешниот грчки министер за финансии Јанис Варуфакис во 2015 година и продолжува заедно да работи со него на проектот ДиЕМ25 (Движење за демократија во Европа до 2025 година).

Извор: http://slobodnifilozofski.com

ОкоБоли главаВицФото