Обмислено од „лудаци“

23.06.2017 10:18
Обмислено од „лудаци“

Една од големите тајни на малите мајстори во кујната на ВМРО-ДПМНЕ ќе остане значењето на специјалитетот што секојдневно ѝ го сервираат на јавноста: конструктивна опозиција. Ретко кој, на пример, може да каже што значи вчерашната изјава на лидерот Никола Груевски во Брисел: „Подготвени сме да дадеме поддршка во Собранието за сѐ што е од корист за граѓаните и за Македонија. И, нормално, како опозиција ќе го критикуваме тоа што ќе сметаме дека не е најдобро составено и обмислено“. Зашто, истовремено или веднаш по изјавата, партијата ги впрегна сите сили и средства што ѝ стојат (сè уште) на располагање – аналитичари, медиуми, сеирџии – за да го саботира и, евентуално, да го спречи обидот на власта да ја прекине исконструираната, бесмислена, подземна војна со Бугарија и со соседната држава конечно да воспостави нормални, пријателски односи достојни на новото време.

Бидејќи тој е само последен од многуте такви примери, никој, па ни тие во Брисел, не очекува премногу конструктивност од сегашната опозиција. Не само поради тоа што никогаш нема да се заборави на кои и на какви „граѓани“ им даде поддршка во Собранието, туку од проста причина што се докажа дека ништо од тоа што било „составено и обмислено“ од Груевски и од неговите најблиски соработници или што го сметале за такво додека биле власт не било од корист ни за граѓаните ни за Македонија.

Извор: Слободен печат
Слика: Александар Дојранлиев

ОкоБоли главаВицФото