Справување со спомениците на Злото

23.06.2017 15:13
Справување со спомениците на Злото

Замислете дека сте жртва на злобна шега на судбината: киднапиранисте од група перверзни криминалци и потоа изложени на серија незамисливи тортури. Злосторниците – од само ним познати психопатски мотиви – прават врз вас серија менгелеовски хируршки зафати, во кои ви го менуваат личниот опис: на место на носот ви ставаат грутка црвена гнетава маса, устата ви ја шират од уво до уво во гримаса на одвратна насмевка, веѓите ви ги пресадуваат високо насред челото, а целиот скалп ви го вадат и го заменуваат со огнено портокалов џбун! Кога – по чудо – се ослободувате од ова заробеништво во кое ви е осакатено телото и уништено достоинството, дознавате дека скапата серија перверзни хируршки изживувања била платена со ваши пари! На крај, се соочувате со својот лик во огледало: од таму ве гледа чудовиште од кловн што изгледа како да е креиран да го игра главниот негативен лик од холивудската филмска сага за Бетмен.

Ве интересира ли, почитувани читатели, што ви се случува понатаму, во овој замислен хорор? Првин, вие веќе не сте оној што сте биле – не одговарате на сликата од лична карта, а впрочем, не се препознавате ниту самиот, та не ве препознаваат ни најблиските. Кога конечно ги убедувате дека сте жртва на најперверзно насилство и врискате во солзи да ви се помогне и веднаш да ви се врати идентитетот - вашето родено лице и, конечно, да се спроведе правдата и да се казнат починителите, вашата околина реагира сомнително чудно и конфузно. Едни ви велат дека и не изгледате толку лошо; други дека можеби сте чудовиште, но дека со време ќе се навикнете на тоа; а трети – дека е нерационално да се фрлаат пари за толку скапи пластични операции само за да си го вратите поранешниот изглед. Згора, сите што ќе ве видат од страна, ве гледаат или со сожалување или со подбив, зашто ним им е јасно дека се работи за ментално пореметена личност, штом дозволила да биде доведена во толку гротескна и понижувачка состојба.

Ако успеавте да се замислите во оваа кошмарна ситуација, и доколку почувствувавте макар трошка од очајот што би ве обземал доколку се работи за сурова реалност а не за фикција, е тогаш ќе бидете во состојба – множејќи ја таа трошка со милијарда – да ја сетите болката што ќе ја истрпеше македонската Култура – да беше жива душа! – по криминалното изживување со нејзиното лице и суштина, што злосторничкиот режим на ВМРО и го направи со таканаречениот „проект Скопје 2014“! Така што, перверзно е да се зборува за естетиката, или за архитектурата, или за градежната вредност на овој најголем злостор врз македонската култура, државност и достоинство, зашто центарот на престолнината е „место на злосторот“, а, длабоко ранетата македонска културна посебност е жртвата на овој грозоморен злостор! Во такви околности единствената пригодна, хумана и цивилизирана тема за која може да се зборува, е само начинот и средствата на справувањето со повредите здобиени во несреќниот настан, односно реконструктивните зафати за враќање на злосторнички оштетениот лик и идентитет во нивната претходна, првобитна состојба.

Сите нормални општества во слични ситуации реагираат на еден единствен начин: секогаш кога жртва на злосторот се уништени градски јадра со кои се идентификува нацијата, општеството не прашува за цена кога треба да ја реституира претходната состојба! Најпознат е случајот на центарот на Варшава, што Хитлеровата солдатеска го срамни со земја, како освета за востанието што полските патриоти го кренаа летото 1944 во градот. Целото полско општество повторно си го изгради историскиот центар на престолнината, како гест на заздравување на нацијата од актите на Злото и како симбол на своето идентитетско траење, реконструирајќи го предвоениот изглед на градот од сочуваните поштенски картички, фотографии, цртежи на студентите по архитектура и дури од сликите на градот што венецијанскиот сликар Бернардо Белото ги насликал во масло во средината на 18-иот век.

Нашата катастрофа со „Скопје 2014“ е уште покомплексна од полската, зашто наместо обединување во несреќата, предизвика ментална и идентитетска конфузија што ја подели и кретенизира нацијата! Ние како уште да не сфативме дека најважната работа во справувањето со разорните штети од „Скопје 2014“ е дека спомениците и зданијата што го грдат лицето на престолнината не се акти на градење, туку криминални акти на рушење и крадење! Тие го срушија нашиот уставен поредок, нашиот идентитет и достоинство, и нашата меѓународна положба и углед! Спомениците и зданијата од „Скопје2014“ не се ништо друго туку акти на фашизоидно државно насилство и вандализам! Единственото што тие го симболизираат и чиј спомен активно го слават е Злото и фашистичкото политичко лудило од кои се породени!

Така што, во справувањето со спомениците на Злото новата реформска власт не смее да ја повтори грешката што го овозможи нивното раѓање: тие се змиски пород на политичкиот волунтаризам и автократија, што ги инструментализираа институциите на државата и го исфрлија целото професионално знаење на Републиката од сферата на одлучување. Справувањето со последиците од повеќегодишното дивеење на оваа автократска вмровска психопатија, затоа, мора да им се препушти на департизираните ресорни министерства, односно на стручните и научните институции и реномирани експерти од областите на правото, урбанизмот, архитектурата и уметноста. Враќањето на правдата и културниот идентитет на престолнината не треба да бидат предмет на политички арбитрирања или јавни лаички дебати, туку обврска на нацијата што ќе ја извршат оние што поседуваат стручно знаење за тоа!

Фотографиите се од филмот „Очи без лице“( Les yeux sans visage, 1960)
Извор: Слободен печат

Слични содржини

Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Општество / Јавни простори / Став
Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото