Вашето „рационално Јас“ целосно не го познава својот емоционален „двојник“

24.06.2017 15:33
Вашето „рационално Јас“ целосно не го познава својот емоционален „двојник“

Како би реагирале доколку се најдете во подрачје зафатено со поплави: Дали би биле меѓу оние кои одбиваат да се евакуираат, или би постапиле рационално и благовремено би го напуштиле домот кому се заканува водена стихија?

Веројатноста погрешно да одговорите на прашањево е многу поголема од што претпоставувате. Имено, „студеното“ рационално јас лошо предвидува како би се однесувало и какви одлуки би донело „топлото“ емоционално јас. Важи и обратното; занемарувајќи го или потценувајќи го влијанието на афектот* врз однесувањето и мислењето – поаѓајќи од (погрешната) претпоставка за стабилноста на преференциите и бихејвиоралните инклинации – топлото емоционално јас е многу слаб прогнозер на аутпутот на својот разумен „двојник“. 

Влијаејќи речиси врз сите аспекти на човековата психологија – перцепцијата, учењето, помнењето, насочувањето внимание, изборот на целите, заклучувањето и одлучувањето – емоциите имаат моќ да нѐ трансформираат како личности. Во различни емоционални состојби, во зависност од интензитетот на афектот, неретко реагираме неочекувано, несвојствено на себеси – безмалку „како да сме некој друг“.

Имајќи ја предвид атипичноста на нашето однесување во емоционално заситен контекст, не изненадува што со студена глава лошо ги предвидуваме чекорите на своето топло јас. Обратно; имајќи предвид дека не сме свесни за трансформирачките моќи на афектот, не изненадува тоа што, кога сме преплавени со емоции, не согледуваме дека во студен мод би постапувале многу поразлично.

Замислете го следново сценарио: Тројца туристи тргнуваат на излет. Планираат да препешачат ридеста патека, долга околу седум километри. Меѓутоа, во еден момент сфаќаат дека заталкале. Да биде работата полоша, бидејќи не предвиделе подолго задржување, понеле минимални количества храна и пијалоци.

(1) Што ги погодило повеќе: недостигот на храна или недостигот на вода?
(2) За што се каат повеќе: зашто спакувале малку храна или зашто понеле повеќе вода?
(3) Доколку сте на нивно место, дали потешко би ви паднал недостигот на храна или недостигот на вода?
(4) Доколку сте на нивно место, дали повеќе ќе жалите што сте спакувале малку храна или што не сте понеле повеќе вода?

Хипотетичкото сценарио е дел од студијата¹ што двајца американски психолози, Лиф ван Бовен (Leaf van Boven) и Џорџ Ловенстајн (George Loewenstein) пред неколку години ја изведоа со студентите на Универзитетот Карнеги Мелон, корисници на фитнес салата која работи во рамки на универзитетскиот кампус. На наведените четири прашања одговарале само посетителите кои претходно потврдиле дека планираат интензивен кардио.

Истражувачите пред сѐ ги интересирало дали и како чувството на жед ќе влијае врз перцепцијата на испитаниците и разбирањето на опишаната ситуација. Поаѓајќи од претпоставката дека напорниот кардио ја предизвикува и засилува жедта, на една половина од испитаниците во истражувањето прашањата им се поставени пред, а на втората половина – по тренингот.

Резултатите од експериментот ја потврдиле интуицијата на Бовен и Ловенстајн. Независно дали зборувале од перспектива на хипотетички туристи или во сопствено име – замислувајќи се себеси во опишаната ситуација – жедните испитаници значително почесто од субјектите кои на прашањата одговориле пред кардиото - значи додека сѐ уште не изгубиле значителни количества течности - ја апострофирале жедта, односно немањето резерви вода, како најголем проблем на заталканите излетници.

Влијанието на моменталната емоционално/мотивациска состојба на когниција било особено впечатливо во финалната етапа од студијата. Имено, откако одговориле на четирите прашања, испитаниците биле замолени да проценат на скала од 1 до 10 колку замислените туристи биле гладни и жедни, и колку им било жешко. Субјектите од групата „по кардио вежбите“ - значи, пожедните и позагреани од оние кои сѐ уште не го започнале тренингот -ја оценувале жедта на актерите на приказната и нивното субјективно доживување на надворешната температура со двојно повисоки вредности.

*
Иако за психолозите одамна не е тајна дека емоциите претставуваат важен инпут во процесот на одлучување, дури од неодамна посериозно му се посветуваат на проблемот на меѓусебната нетранспарентност на студеното и топлото јас – феномен кој во литературата е познат како топло-студен емпатиски јаз.

Ефектите на топло-студениот емпатиски јаз понекогаш се чинат анегдотски; на пример, ако отидете гладни кога пазарувате, ќе потрошите повеќе пари отколку шопингот да сте го одложиле после ручекот. Меѓутоа, бидејќи меѓу истражувачите се зголемува интересот за оваа појава, се нижат увиди за поврзаноста на топло-студениот емпатиски јаз со некои од најинтригантните аспекти на човековото однесување – на пример, со зависноста од дроги; со влијанието што го има врз нашите одлуки за животно важни прашања - на пример, дали ќе прифатиме одреден тип терапија; со трагата што останува врз нашите создадени ставови за важни општествени прашања – да речеме: третманот на затворениците, смртната казна и абортусот.

*

Зошто луѓето стануваат зависници? Како свеста за штетноста на дрогите и кризите кои го придружуваат одвикувањето не ги одвраќа од експериментирање со недозволени супстанци?

Истражувачите за ова прашање зборуваат како за парадокс на зависноста. Имено, и пред првпат да земат адиктивна супстанца, идните зависници, повеќето од нив, многу добро знаат на какви ризици се изложуваат и какви проблеми се очекуваат.

Различните теориски пристапи кон проблемот на зависност продуцирале цела низа дистинктивни одговори на овој парадокс. Заедничко им е тоа што не го разрешуваат целосно. Во поново време истражувачите кои на прашањето на адикција приоѓаат од перспектива на топло-студениот емпатиски јаз² почнуваат да скицираат мошне оригинален придонес кон темата: Никој, дури ни поединците со лично искуство на затворен круг зависност-одвикнување-зависност, не е во состојба да го разбере и укалкулира влијанието на копнежот по дрога врз своето однесување и когниција³. Следниот експеримент е повеќе од илустративен за ваквото тврдење:

На хероинските зависници со терапија со бупренорфин, синтетичка замена за хероин слична на метадон, им е понудено да изберат една од две можности: При наредното јавување на контрола, за пет дена, може да добијат или екстра доза на бупренорфин или еквивалентна парична награда.

Клучната експериментална манипулација е следново: на половина од пациентите понудата им е изнесена непосредно пред да ја добијат редовната доза на лекот, значи во моментот кога ги „крши“ потребата за хероин (или неговата супституција); на половина истата понуда им е презентирана непосредно по редовната терапија, значи во моментот кога оваа потреба им е задоволена.

Рационално гледано, моменталната емоционална состојба не би требало да има влијание врз одлуката која се однесува на иднината. Теоријата на топло-студениот емпатиски јаз го сугерира токму спротивното. Конкретно, може да се очекува дека одлуката на пациентите од групата „пред редовната терапија“ ќе го рефлектира нивниот моментален копнеж по хероин. Последично, тоа ќе биде услов да ја земат предвид физичката нелагода и да го вреднуваат бупренорфинот повеќе отколку пациентите од групата „по редовната терапија“.

Експериментот ги потврди предвидувањата на авторот на студијата⁴. На пациентите во „криза“ дозата медикаменти им вредела во просек 60 долари, додека субјектите „по терапијата“ биле подготвени да ја заменат за речиси двојно помал просечен износ од 35 долари.

*

Студијата во чии рамки е изведен експериментот со бупренорфин сугерира крајно контраинтуитивен заклучок: Доколку моментно не поминуваат низ апстиненцијална криза зависниците не се во состојба адекватно да го проценат интензитетот на потребата за дрога и нејзиното влијание врз однесувањето и размислувањето. Тинејџерот кому му се укажала шанса да проба дрога – уште помалку. Толку за парадоксот на зависноста.

Ова подеднакво важи и за цигарите и многу пораспространетата никотинска зависност.5 Monitoring the Future, лонгитудинална студија која пред десетина години ја направија истражувачите од Универзитетот во Мичиген и експертите од Националниот институт за здравје на САД, покажа дека повремените пушачи систематски ја потценуваат веројатноста на своето преминување во категоријата Постојани. Во моментот на анкетирањето дури 15 проценти од „рекреативците“ верувале во можноста дека ќе пушат и пет години подоцна. Пет години подоцна, кога истата анкета била повторена на истиот примерок, се покажало дека тоа е случај со цели 45 проценти од испитаниците.

*

Ако ги исклучиме цигарите и алкохолот, зависноста не спаѓа во (здравствени) проблеми кои погаѓаат голем број луѓе. Меѓутоа, топло-студениот емпатиски јаз ја контаминира безмалку секоја медицинска одлука што ја носиме.6

Да го земеме на пример, ракот на проста. Иако, за жал, оваа дијагноза сѐ почесто се среќава кај млади луѓе, генерално болеста ги погодува мажите на зрела возраст, кога нивното средно очекување на траење на животот не преминува една деценија. Имајќи го предвид уште и фактот дека станува збор за тип на канцер кој најчесто е строго локализиран и бавно се развива, би можело да се каже дека е инванзивен, за повозрасниот пациент исцрпувачкиот хируршки метод на лекување на ракот на простата нема оправдување од аспект на морталитетот на заболените. Хемо и радиотерапијата, а во многу случаи и непреземањето какви било мерки - со редовен мониторинг, се разбира - се наметнуваат како порационален избор. И покрај тоа, огромен број пациенти се решаваат за хируршко отстранување на нападнатото ткиво од канцер.

Одлуката за начинот на лекување пациентот најчесто ја носи непосредно откако лекарот ќе му соопшти дека резултатот од биопсијата е позитивен – дека има рак – што значи, во состојба на зголемен стрес и акутен страв. Занемарувајќи го фактот дека е во топол мод, истовремено преценувајќи ги стравот и грижата кои очекува дека ќе го придружуваат евентуалното „надгледувано чекање“, одлучува да се изложи на хируршка интервенција која практично нема да му го продолжи животот.

Значи, моменталната емоционална состојба значајно ги моделира одлуките чиишто последици се долгорочни. Според резултатите од студијата⁷ на тимот канадски психолози и психијатри, објавени 1999 година во списанието Lancet, топло-студениот емпатиски јаз спаѓа во факторите кои не смеат да се занемарат при евалуација на барањето на пациентот да им се одобри еутаназија.

Канадските истражувачи следеле група од 196 пациенти заболени од рак, во терминална фаза на болеста, хоспитализирани во режим на палијативна нега. За потребите на студијата во која доброволно учествувале, пациентите двапати дневно оценувале неколку параметри на својата општа психофизичка состојба: болка, мачнина, апетит, квалитет на сон, депресивност, анксиозност и – волја за живот.

Во контекст на асистираната смрт посебно е важен последниот чинител – желбата на пациентот да живее. На изненадување на истражувачите, се покажало дека таа значајно флуктуира, и тоа на дневна база. Кога трпи силни болки и не може да спие, пациентот ја губи волјата за живот. Во тие моменти би бил подготвен да потпише „налог“ за убиство од милосрдие. Веќе четири часа подоцна, откако аналгетиците и седативите го направиле своето, на пациентот му се враќа еланот.

*

Ефектот на топло-студен емпатиски јаз не е лимитиран на класичните органски заболувања. На пример, депресијата со себе носи „губење перспектива“ која делумно може да се објасни со овој феномен.

Лицата на кои им е дијагностицирана клиничка депресија живеат заробени во (депресивната) сегашност, која во целост ги апсорбира минатото и иднината. Понекогаш и буквално, тие не можат да се сетат на времето кога се чувствувале подобро ниту се во состојба да ја замислат иднината во која ќе се чувствуваат добро.

Поинаквата и многу поретка ментална дисфункција, биполарно нарушување (колоквијално: манична депресија), дополнително го оснажува ваквото забележување. Кога ќе излезат од депресивната фаза, зафатени со еуфорија, пациентите со дијагноза на биполарно нарушување „забораваат“ како изгледа да се биде „долу“ и имаат впечаток дека мрачното расположение никогаш нема да им се врати.

Топло-студениот емпатиски јаз можеби го крие и одговорот на прашањето зошто биполарците се толку недисциплинирани во поглед на редовното земање пропишана терапија. Според резултатите на неодамнешната студија⁸, една половина од пациентите со дијагноза на биполарно нарушување не се придржува до пропишаниот тераписки режим, кој најчесто подразбира секојдневна употреба на медикаменти од групата стабилизатори на расположението (на пример, литиум).

*

Феноменот на топло-топол студен емпатиски јаз, набљудуван во медицински контекст, раѓа многу голема дилема: Кој е во подобра позиција да донесе исправна одлука – пациентот, кој во моментот трпи болки и чии одлуки се обоени со тоа (минливо) емоционално доживување, или лекарот, кој е во студен мод и не е во состојба јасно да ја перцепира емоционалната состојба на својот пациент? Во поширок, општествен контекст, импликации на овој феномен се уште поинтригантни.

Во средината на минатата деценија медиумите објавија шокантни фотографии од Гвантанамо и Абу Граиб, затвори во кои војската на САД ги држи осомничените за тероризам. Потресното сведоштво за нехуманиот третман на затворениците набрзо беше проследено со објавување извештаи од прирачникот на ЦИА за техниките и иследувањето за оваа специфична група затвореници – „непријатели на западната демократија“. Тоа ќе биде повод американската јавност, долж традиционалната (идеолошка) поделба на конзервативци и прогресивци, остро да им се спротивстави на методите кои војската ги користи настојувајќи од затворените во Гвантанамо и Абу Граиб да исцеди информации корисни за „борба против тероризмот“.

Дали симулацијата на давење (waterboarding) – е тортура, што беше едногласно стојалиште на либералите, или е само една од легитимните техники на испитување, како што тврдеа конзервативците?

Иако над затворениците на Куба и во околината на Багдад секојдневно биле применувани разни дехуманизирани постапки – изложување на екстремни температури, сетилна депривација, скратување на сон, сексуално понижување итн. – симулацијата на давење добила посебно истакнато место во расправите за границата на хуманото постапување со лицата лишени од слобода и изложени на тортура. Ерик Мулер (Erich „Mancow“ Muller), популарен и помеѓу конзервативците многу влијателен радио водител, одлучил да стави крај на дебатата која со години ја окупирала американската јавна сцена и да докаже дека левичарите се „плачковци“, а вотербордингот, иако непријатно искуство, е далеку од тортура.

Во мај 2009 година, во присуство на претставници на американската војска, Мулер во своето радиско студио во живо се подложил на оваа постапка. Седум секунди! Толку издржал пред да побара прекин на мачењето и постапката ја именувал со вистинското име: „Ова е многу полошо од што замислував! Ова дефинитивно е тортура!“

*

Во речиси сите правни системи затворениците се законски заштитени од физичка тортура – постапки кои нанесуваат физичка болка над замислената граница на издржливоста. Значи, правната дефиниција на тортурата почива врз премисата дека законодавецот е во состојба релативно прецизно да ја процени болката која некој ќе ја искуси доколку над него се спроведе одреден вид казнување. Што ако таквите проценки, како што сугерираат истражувањата на топло-студениот емпатиски јаз, се системски погрешни? Што ако ефектите на казните спроведени над затворениците во реалноста се секогаш полоши од што антиципираме?

Мноштво казни и постапки спрема приведените и затворените – изолација во самица, попречување на сон, сетилна депривација и сл. – стојат на границата на хумано постапување и тортура. Лоран Нордгрен (Loran Nordgren), психолог и професор по менаџмент и организација на Универзитетот Нортистерн, изминативе години направил низа студии9 во кои со своите соработници се обидел да утврди и да го измери влијанието на топло-студениот емпатиски јаз врз ставовите што ги формираме за нив.10 Тие дошле до две значајни согледувања:

(1) Нашите проценки за интензитетот на болка што го доживува некој друг, кога ги донесуваме со студена глава, редовно го потценуваат туѓото страдање.
(2) Изложеноста на слична ситуација нѐ наведува да ги корегираме првобитните проценки и резултира со поточна слика на туѓата емоционална состојба.

За да утврдиме дали и колку личното доживување на социјална болка¹¹ кое се јавува како последица на отфрлање од околината, влијае врз ставовите на испитаникот за изолација со сместување во самица, Нордгрен и соработниците осмислиле едноставна компјутерска игра; учесниците едни на други си подаваат топка, настојувајќи таа што подолго да не ја допре земјата.

Клучната експериментална манипулација се состоела во тоа што играчите-мети многу ретко добивале топка од останатите соиграчи, при што сето тоа било наместено на начин на кој „прескокнувањето“ кај нив ќе остави впечаток на намерно игнорирање.

По играта испитаниците одговарале на прашалник, кој содржел и прашања за (не)прифатливоста на институтот самица. Доживувањето социјална болка, покажале резултатите од анкетата, силно го моделирало ставот по ова прашање. Имено, додека 63 проценти од исклучените испитаници упатувањето затвореници во самица го оцениле како вид тортура, тоа бил случај дури со секој трет субјект од контролната група.

Во другите две студии, каде ставовите за казнување по пат на депривација на сон и изложување на ниски температури биле мерени меѓу студенти со постојано вработување, кои предавањата ги слушаат навечер, односно врз примерот на лесно облечени студенти кои десет минути стојат надвор на ниска надворешна температура, исто така е покажано дека доживувањето на одредена емоционална состојба луѓето ги наведува болката на другите, во слични афектирани состојби, да ја перцепираат како поголема од што тоа би бил случај доколку проценката ја изнесувале во студен мод.

Ваквите резултати се во целост на линија со она што психолозите го знаат за топло-студениот емпатиски јаз. Меѓутоа, Нордгрен и соработниците дошле и до еден изненадувачки наод. Личното искуство на одредена емоционална состојба придонесува за премостување на емпатискиот јаз единствено доколку е проживеано непосредно пред соживувањето во туѓата афективна состојба. Со текот на времето, барем кога станува збор за болката, физичка или социјална, емпатискиот потенцијал на личното искуство не само што слабее, туку дава и спротивен ефект.

Веројатно мислејќи, „Го поминав тоа; не може да биде толку страшно“, испитаникот изложен на студ или на социјална ексклузија, по извесно време престанува да сочувствува со другите кои се наоѓаат во слична ситуација и почнува да ја потценува непријатноста на нивното искуство. Можеби токму таков е случајот со психолозите кои учествуваа во осмислувањето на техниките од прирачникот на ЦИА. Запрашани зошто својата експертиза ја ставиле во служба на тортурата, тие најчесто одговарале дека и самите биле подложени на такви методи и дека своето искуство не би можеле да го подведат под свирепо мачење.

Цртежи: Paul Rumsey

*Психолозите терминот афект го употребуваат со нешто поинакво значење од колоквијалното. Како поим што покрива, тој ги опфаќа емоциите (на пример, лутина или страв), мотивациските состојби (како што се глад, жед, физичка болка и непријатност) и расположенија (таканаречени трајни афективни состојби како депресија и анксиозност).

Извор: https://mindreadingsblog.wordpress.com/

ФУСНОТИ И РЕФЕРЕНЦИ

1. Van Boven, L., & Loewenstein, G. (2003 г.). Social projection of transient drive states. Personality and Social Psychology Bulletin, 29(9), 1159-68. (пдф)
2. Loewenstein, G. (1999). A visceral account of addiction. In Elster, J., & Skog, O.J. (Eds.), Getting hooked: Rationality and addiction (стр. 235-64). Cambridge, GB: Cambridge University Press. (пдф)
3. Giordano, L.A., Bickel, W.K., Loewenstein, G., Jacobs, E.A., Marsch, L., & Badger, G.J. (2002 г.). Mild opioid deprivation increases the degree that opioid-dependent outpatients discount delayed heroin and money. Psychopharmacology, 163(2):174-82. (пдф)
4. Badger, G.J, Bickel, W.K., Giordano, L.A., Jackobs, E.A., Loewenstein, G., & Marsch, L. (2007 г.). Altered states: The impact of immediate craving on the valuation on current and future opioids. Jorunal of Health Economics, 26(5), 865-76. (пдф)
5. Slovic, P. (2001 г.). Cigarette smokers: Rational actors or ratinal fools? In Slovic, P. (Ed.), Smoking: Risk, perception and policy (стр. 97-124). Thousand Oaks, CA: Sage. (пдф)
6. Loewenstein, G. (2005 г.). Hot-cold empathy gaps and medical decision making. Health Psychology, 24(4), S49-56. (пдф)
7. Chochinov, H.M., Tataryn, D., Clinch, J.J., & Dudgeon, D. (1999 г.). Will to live in the terminally ill. Lancet, 354(9181), 816-9.
8. Scott, J., & Pope, M. (2002 г.). Nonadherence with mood stabilizers: Prevelance and predictors. Journal of Clinical Psychiatry, 63(5), 384-90.
9. Nordgren, L.F., McDonnell, M.H., & Loewenstein, G. (2011 г.). What constitutes torture?: Psychological impediments to an objective evaluation of enhanced interrogation tactics. Psychological Science, 22(5), 689-94.
10. McDonnell, M.H., Nordgren, L.F., & Loewenstein, G. (2011 г.). Torture in the eyes of the beholder: The psychological difficulty of defining torture in law and policy. Vanderbilt Journal of Transnational Law. 44(1): 87-122. (пдф)
11. Nordgren, L.F., Banas, K., & MacDonald, G. (2011 г.). Empathy gaps for social pain: Why people underestimate the pain of social suffering. Journal of Personality and Social Psychology, 100(1), 120-8. (пдф)

ОкоБоли главаВицФото