Добрососедски односи со Бугарија се приоритет на Македонија

24.06.2017 17:16
Добрососедски односи со Бугарија се приоритет на Македонија

Во Македонија познавам многу луѓе кои покрај македонскиот имаат и српски, косовски, турски, германски, швајцарски, американски, австралиски и пасоши на други држави. Тие не ви бодат очи. Зошто сте толку алергични на бугарските пасоши? Да не им ставал некој пиштол на глава на луѓето да земаат бугарски пасоши?! Главното прашање е како дозволивме од држава во која нашиот стандард беше многу повисок од оној на граѓаните на Бугарија, сега да заостануваме толку многу зад Бугарија, а тоа е само наша вина.

Ќе сме славеле заедно одредени празници... И во што е проблемот заедно премиерите на две држави да се поклонат пред споменици во Бугарија и Македонија? Каде бевте кога на Зебрњак доаѓаа Николиќ и Дачиќ? И владата на Бучковски беше блиску до договор за заедничка прослава на одредени празници со Бугарија, кога го имавме најголемиот залет кон ЕУ и НАТО, па дојде Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ и сè расипаа. Сакате статус кво? Да останеме надвор од ЕУ и НАТО? Па ако останеме надвор од евроатлантските перспективи дури тогаш во следната деценија најмалку уште половина милион луѓе ќе земат пасоши на други држави. За одржување на статус кво Груевски беше мајстор, ние го сменивме затоа што сега нам ни треба мајстор за суштински промени. Кои штети ги трпи Бугарија ако Македонија остане неразвиена? Бугарија не губи ништо, како што ништо не губеше во овие 11 години. Македонија е државата што е губитник во таква ситуација.

Бугарија има и позитивна улога за Македонија од нејзината независност до денес. Нашиот источен сосед е првата земја што ја призна независноста на Македонија од Југославија. Кога беа затворени границите на север и југ, поради санкции, Бугарија и Албанија постапија најпријателски кон Македонија. Додека Милошевиќ со Мицотакис зборуваа за поделба на Македонија, Бугарија лобираше што повеќе земји да нѐ признаат. Претседателот на Бугарија, Жељу Желев, успеа да го убеди рускиот претседател, тогаш тоа е Борис Елцин, Русија да ја признае Македонија под уставното име, иако политиката на таа голема држава беше спротивна на заложбите на тогашниот бугарски претседател, а беше во корист на Грција. Секој кој разбира малку политика знае колкав е подвигот да се смени став за надворешна политика на голема држава каква што е Русија.

Мене не ме чуди што најголемиот отпор доаѓа од ВМРО-ДПМНЕ. Се наредија вчера по телевизии, портали и на социјалните мрежи. Внимавајте, од партијата која направи буквално сè да ја изолира Македонија и да ги опљачка нејзините граѓани во милијарди евра. Јас за нив имам две прашања и ги повикувам јавно да ги одговорат: во која влада на друга држава беше Груевски советник пред да го заземе лидерското столче во ВМРО-ДПМНЕ? Поради кој скандал Љубчо Георгиевски, за време на владата кога е тој премиер, го менува Сашо Мијалков? Одговорот на овие две прашања го знае помал дел од јавноста, затоа кога ќе одговорат, ќе се разјасни кај поголемиот дел од јавноста зошто паника во редовите на ова и ваквото ВМРО-ДПМНЕ.

Затоа, оставете ги политичарите да најдат начин да ги остават настрана фрустрациите од историјата и да ни изградат подобра сегашност и иднина.

Извор: Фејсбук профилот на авторот