Дискусија „Размислување надвор од рамката: независната културна сцена и културните работници“

26.06.2017 08:39
Дискусија „Размислување надвор од рамката: независната културна сцена и културните работници“

Последната дискусија во рамки на дискурзивно-едукативната програма „Совршениот уметник“, насловена „Размислување надвор од рамката: независната културна сцена и културните работници“ беше одржана во саботата во Мобилната/монтажна галерија во Паркот на франкофонијата. На дискусијата, модерирана од Ивана Васева, учествуваа Наталија Алтхаузер, актерка, режисерка и продуцентка од Германија и Бујар Лума, театарски режисер и извршен директор на невладината организација „Центар за балканска соработка – Лоја“ од Тетово. Фокусот на дебатата беше кон стимулација на творештвото кај младите автори на независната уметничка сцена во Македонија и незаинтересираноста на институциите во последните неколку години.

„Ако на почетокот немаш финансиска поддршка и простор направи го сам. Секогаш е предизвик наоѓањето финансии за независната сцена. Како пример, ансамблот во кој работам, Театарот на неморалните во Фрајбург е основан во 2001 во една продавница за велосипеди и работи на принципот секој член да режира свој проект. Независната филмска заедница Блеквуд филмс, пак, е основана во 2005 од еден шеснаесетгодишник. Работат вкупно 20 луѓе и досега имаат снимено и продуцирано 25 филмови, a концептот на работа вклучува заедничко учење и развивање различни вештини во повеќе полиња од филмската уметност. Мислам дека проблемот во Македонија и земјите од овој регион е што младите немаат знаење како да направат нешто сами, пред сè поради образовниот систем. Но јас ги охрабрувам да бидат упорни бидејќи секогаш ќе има еден кој ќе даде позитивен одговор за некој проект. И секако соработка на интернационално ниво“, вели Алтхаузер.

Бујар Лума смета дека треба само да се видат примери од функционалните модели во образовниот систем. „Проблемот е што кај нас факултетите не ги развиваат вештините, односно студентите не знаат како и каде да го имплементираат знаењето. Лоја беше формирана со цел децентрализирање на културата и да видат младите што значи независна сцена, не само театар, туку и визуелни уметности, филм, разни обуки и тренинзи. Соработуваме со шест универзитети во Македонија и мислам дека принципот на идентификација и регрутирање на младите од институциите преку непосредни контакти не е толку сложен како влегувањето во самите институции“, вели Лума.

Иако гледа оптимизам и желба за промена, смета дека треба да се биде реален и не премногу еуфоричен. „Сега гледам простор за поддршка на сите чинители кои се дел од независната сцена. Исто така, треба да престане феноменот на самовиктимизација. Легитимно е да се буниш дека нема поддршка, но треба и сам да направиш нешто.

По дискусијата беа прикажани филмови од шестото издание на фестивалот на краткометражен филм „Вач аут“ во Тетово.

Програмата „Совршениот уметник“ е курирана од Ивана Васева и иницирана како една од програмските целини на организацијата ФРУ – Факултет за работи што не се учат од Битола/Скопје, a во партнерство со Фондација Фридрих Еберт – Канцеларија Скопјe и Центарот за современи уметности – Скопје.