Мапирање на македонскиот национализам (3)

16.07.2010 12:51
Мапирање на македонскиот национализам 3

За ВМ(О)РО генерално се гради слика  како и за секоја револуционерна организација која се борела против најразлични хегемони во борбата за слобода. Меѓутоа, не треба да се заборави дека револуционерните акции на Организацијата биле анти-државни само кога станувало збор за конфронтирање со Отоманскиот и подоцна српскиот, односно југословенскиот режим.

ВМ(О)РО никогаш не се конфронтирало со Бугарија (во голема мера затоа што било бугарска инсталација). Дури и делувало како дел од бугарската армија или се борело на страната на Бугарија во Втората Балканска и Првата светска војна. Притоа ВМ(О)РОвците не биле нималку наивни, и имаат направено недела, за кои “не се учи” во Македонија. А за свирепоста и крволочноста на ВМ(О)РО не се учи, затоа што тоа не се поклопува со митот за ослободителна организација “врежана во кодот на Македонецот” - затоа што “Македонецот” е мирен и никогаш никому ништо лошо не направил.

Парадигматски случај за свирепоста на бугаромакедонските “ослободители” е задушувањето на Топличкото востание 1917. Имено, во февруари 1917 година, во јужна Србија, во Прокупље, на територијата околу реката Топлица, по неколкумесечни тензии избило востание на месното население против бугарската и австро-унгарската окупација. Бугарските војски веднаш реагирале, а вистинскиот пресврт го донела 11 македонска дивизија во составот на Бугарската армија, предводена од тогаш полковникот Александар Протогеров, во чиј состав имало повеќе ВМ(О)РОвски чети.

Според австриските податоци, на крајот од “интервенцијата”, имало околу 20.000 жртви, од кои 2500-3000 биле востаници, а останатиот дел – цивили. Најголемиот број од луѓето биле убивани со ладно оружје (бајонети), имало силувања, меѓу кои и силувања на деца, некои од луѓето биле живи горени и живи закопувани. Бројката од околу 17.000 цивили е показател за масакр двојно поголем од на пример оној во Сребреница – а воопшто, целата епизода со Топличкото востание сведочи за “дејството” на ВМ(О)РО и за улогата на неговите лидери – воени злосторници.

Александар Протогеров, тужен и уапсен за воени злосторства, по своето бегство, заедно со Тодор Александров барал само-определба за “Обединета Македонија” со писмо до Версајската Мировна Конференција. И Тодор Александров, офицер во Бугарската армија во Првата светска војна, во тој период на своите раце имал крв на невини луѓе, но и на голем број луѓе од “Организацијата” со кои имал несогласувања. Понатаму, официјалната верзија е дека веројатно Протогеров го нарачал убиството на Александров, а потоа Иван Михајлов за одмазда за “Старио” Александров, го нарачува убиството на Протогеров (и уште еден куп други политички активни личности). Како и да е, митот за континуитетот (едно ВМРО) и за хуманата мисија (“ослободување и обеднување”) вели дека овие тројца се херои на Македонија.

Сепак, кога ќе се земе в предвид и “ослободителната дејност” на другите првенци на ВМ(О)РО (а и нивните меѓусебни атентати), тогаш можеби треба да размислиме, дали е исправно да се гради Музеј на ВМРО, или можеби Музеј на жртвите на ВМРО. Самата “Организација” од своето формирање била катализатор на толку многу насилство, и произвела толку многу убиства, што едноставно не смее да остане незабележано.

РАМКА 1: “Национализам на далечина”

Она што е карактеристично за Македонија и политиката по клучните “национални” прашања е големото влијание на политичката емиграција и воопшто, македонската дијаспора, како и влијанието на “задграничните” дејствија. Секако, тоа не е ексклузивен случај (особено на Балканот, најголемиот број од “поетите на нациите” биле дијаспорци). Впрочем, она што Бенедикт Андерсон го нарекува “национализам на дистанца” е еден од главните импулси во развивањето на еден националистички дискурс. Тука дијаспорските интелектуалци и дејци имаат дискурзивна предност – тие не се присутни на територијата кон која нивниот национализам е усмерен; и развиваат идеализирана слика која што многу повеќе ги инспирира во борбата за нивната кауза (особено оние кои заминале од политички причини).

А кои всушност се конкретните манифестации на дијаспорскиот национализам во Македонскиот контекст?

За Димитрија Чуповски, кој во последно време е прилично актуелен, занимливо е да се спомне што својот живот го минал во Русија, припаѓајќи во категоријата “дијаспорски” национални дејци. Во иста категорија спаѓа и Крсте Петков-Мисирков (најголемиот Македонец на 20 век), како и браќата Миладиновци, Рајко Жинзифов и други интелектуалци кои денес македонската историографија ги смета за втемелувачи на македонската национална свест и култура кон крајот на 19ти и почетокот на 20ти век.

Но не се само Чуповски, Мисирков и другите “раномакедонски” интелектуалци сведоштво за македонскиот “национализам на далечина”. Првиот претседател на “Организацијата”, Христо Татарчев, најголемиот дел од животот го поминал во западна Европа. Понатаму, фокална точка на “Организацијата” претставува Софија. Комунистичката ВМРО (Обединета) е формирана во Виена. Прилично влијателни во 20 век биле и дијаспорските политички организации како Македонската Патриотска Организација, и надоаѓачкиот број организации по Втората Светска Војна.

Впрочем, од редовите на една дијаспорска организација (Движењето за ослободување и обединување на Македонија) е произлезена и денешната владејачка партија, ВМРО-ДПМНЕ. Познати се епските приказни како партијата била дизајнирана во Берлинската кафеана “Ново Скопје”. Акциите на дијаспорските организации (особено асоцијациите на децата бегалци од грчка Македонија) во 1980тите исто така беа важни за политичките случувања во Македонија – нивните протести придонесоа до промената на уставниот поредок на Македонија – вметнувањето на одребдите за грижа за малцинствата во Грција и Бугарија, на сметка на конститутивниот карактер на етничките Албанци и Турци од Македонија, кој беше симнат.

Дијаспората има голема улога и во отварањето на некои национални прашања и по независноста на Македонија. Антропологот Лоринг Данфорт ќе заклучи дека спорот за името и историското наследство меѓу Македонија и Грција се родил токму во Австралија, при пресметките помеѓу соодветните дијаспорски организации, по откритијата во Вергина и обидите за присвојување на “новите антички” симболи. Хју Поултон ќе посочи дека токму македонската дијаспора од Австралија ја промовирала спорната Sвезда (кај нас позната како Сонце) од Вергина во национален симбол. Денес пак, неизбежен политички актер е транснационалниот Светски Македонски Конгрес, кој функционира како мост помеѓу Македонија и дијаспората. На СМК многумина гледаат со цинизам, но вреди да се потсетиме дека токму таа организација одигра клучна улога во 2004, иницирајќи го референдумот за Законот за територијалната поделба на Република Македонија од кој се изроди горливо политичко прашање.

Денес, особено со напредокот на технологијата и пробивот на широкопјасниот интернет, за дијаспората е многу полесно да биде поврзана со “татковината”. На интернет форумите и социјалните мрежи, или пак во дискусиите на новинските сајтови, практично не постои територијална препрека за поврзување на Македонците од било кој дел на светот. Но, она што е многу впечатливо е што најчесто “Петко од Мелбурн” е далеку порадикален од “Станко од Скопје” (се разбира, со значителни исклучоци – како што ни Македонците во Македонија не се хомогена категорија, така и дијаспората). Причината за тоа е едноставна – дијаспорските националисти проблемите ги доживуваат исклучиво на симболичко и емотивно ниво, додека пак за локалците Македонија значи многу повеќе – во прв план, секојдневно живеење.

(Крај)

Извор: Глобус

Фотографии: Иван Илиев

Останатите делови од овој текст можете да ги читате на следниве линкови:

Мапирање на македонскиот национализам

Мапирање на македонскиот национализам 2

Надај боже

Надај боже „Македончето“ да пркне стануе неконстуктивен чинител во Новиот предок кој се пече во овие чудни иделошки фурни кој сега се спремаат да излезат од „илегала“ и од маската на „Независни Интелектулаци“ „Мислители со своја глава“ и „Неплатени Џаболебари“

 Не, тоа знаеш како ти е:

 Не, тоа знаеш како ти е: секој може да си има национална држава, али не и ние. Во свет во кој реалноста е dog eat dog национализам, нашиве самопрогласени мозоци (шупливи им се иначе), проповедаат да легнеме и да умреме, т.е. да ги симнеме гаќите за соседните наци-фалуси (кои и вака запнале да ни ги смкнат). А зошто? Што е гревот на македонскиот национализам? Епа, оти во некоја битка, некој (војник на десетилјадниот турски аскер) загинал. Го убил некој од опкружените востаници. А ја па све мислев војните биле партии шах во кои луѓето се мавале со сладоледи и кроасани...
 
Ама тоа ти е. Ја еве не го ни прочитав Вуна. Знам што кажува. Човекот е очигледно опседнат од ветерницата „македонски национализам“, и си го фура филмот (донкихотски). Тоа може да се гледа и како тролање, ама нека го. Секој си има некакво хоби.

Точно!

Точно!

Така е, бе, Анонимен. Нема ти

Така е, бе, Анонимен. Нема ти што да читаш за да коментираш. Се си знаеш, се си разбираш, се си пишуваш. Само немој да ги мешаш моите гаќи со твоите. Не е хигијенски.

 Уфф скраја да е, моите гаки

 Уфф скраја да е, моите гаки со твоите!

Наведната глава, сабја не ја

Наведната глава, сабја не ја сече.
Напупено газе куршум не го буши.
Свиткана кичма не се крши.
На келава глава секаква капа и стои.
На сита овца секој може Вуна да и шиша.
Вистина е се...

 Национализмот е архаизам. Яс

 Национализмот е архаизам.
Яс сум бугарин од македонско потекло.
Сакам мир и братска любов на Балканот.
Да сте живи и здрави!

 Точно, архаизам е. Ак сеа

 Точно, архаизам е. Ак сеа докажи ни, и не биди бугарин, туку Земјанин...

Bravo, odlicen tekst!

Bravo, odlicen tekst!

Слични содржини

Општество / Став / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Став / Теорија / Историја
Никола Гелевски
Општество / Став / Историја
Книжевност / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото