Театарска претстава на Кунстверкштат според делата на Данил Хармс

26.06.2017 11:13
Театарска претстава на Кунстверкштат според делата на Данил Хармс

На 29 јуни, четврток, во Кино Култура во 20 часот ќе биде изведена претставата „Илустрации за тоа како новата идеја го запрепастува човекот кој не е подготвен за неа“, во изведба на групата Кунстверкштат.

Претставата е работена според текстовите на Данил Хармс кои вклучуваат историски материјали како бележниците на Хармс, полициските досиеја, сведоштва на оние кои го познавале, но и врз основа на неговата книжевност – кратки приказни и песни. Во мај 2017 претставата ја освои гран при наградата „Васил К. Ќортошев“ за најдобра претстава на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија – Кочани.

„Кога толпата е во недостиг на жртва, тешко дека ќе се прилагоди на таа состојба. Па веднаш, првиот кој малку ќе заштрчи од другите, ќе биде топло прегрнат од рацете на мачителите. Таа игра никогаш не завршува, пак и пак, едната жртва ќе попушти, а веднаш по неа доаѓ друга. Секогаш, секаде. Кругот не престанува да врти. Утре, а којзнае, можеби и денес, јас или ти, не е битно зошто, ќе бидеме следните. И колку пати сакаш прашај ‘зошто?’ одговорот кој ќе го добиеш, никогаш нема да биде логичен“, стои во најавата за претставата.

Режијата е на Наталија Теодосиева и Јаков Спасов, костимографијата на Инес Гоља, а во претставата играат: Ангел Таневски, Ивона Кузмановска, Јана Бангиева, Христина Мирчевска, Петар Антевски, Срна Дуковска, Филип Христовски и Петар Мукоски.

Инаку, Кунстверкштат е група на млади ентузијасти и љубители на театарот, друштво без граници на креативност, посветеност и младинска критична мисла. Групата започна со работа во февруари 2014 како интерактивна работилница за перформанс и досега има настапувано на повеќе настани како „Кој се плаши од молкот лош?“, конференцијата за друштвени медиуми и активизам „Engage”, Skopje Creative Hub, окупацијата на УКИМ „Автономна зона“...

Во 2015 година претставата „Ненаучена лекција“ групата ја одигра во пет градови во Македонија: Скопје, Велес, Неготино, Струга и Тетово. Во периодот февруари-мај 2016 членовите на групата се приклучија кон проектот „Во чевлите на бегалците“, како дел од перформансот „Нивниот пат“.

Влезот за претставата во Кино Култура е бесплатен.