Грдото македонско лице

26.06.2017 11:53
Грдото македонско лице

Добив забелешки од неколку сериозни луѓе дека Канческа Милевска баш и не завредува толку внимание и ангажман. Се согласувам, не завредува ни најмалку. Напротив, ниту буква на хартија. Но, поентата на овие текстови не е во таа персона – еве, нема веќе ни името да ѝ го спомнувам – туку во парадигматичноста на времето чијшто производ (и егзекутор) таа беше, и на „резултатите“, се разбира. Тоа време, таа децнија, верувам, ќе биде предмет на идни дополнителни проучувања на политиколози и историчари на културата. Таа македонска културна дегенерација, нешто налик на онаа некогашна кинеска културна револуција со елементи на германскиот нацизам од гебелсовски тип, мора уште долго да ни биде пред очи. И таа и нејзините протагонисти, колку и да посакаат да се сокријат во глувчјите дупки од каде што впрочем и излегоа на светлината на денот. Како што веќе спомнав, мислам дека ние немаме соодветен современ репер за да ги споредиме идеите (ако воопшто може да се говори за идеи во вистинската смисла на тој поим), методите и резултатите на нашево (не само) културно совремие. Можни се дури, ако некој баш посака, и историски компарации со периодот веднаш по 1945, па вклучително и со Информбирото, ако сакате, па сепак и тоа чудо траеше пократко, а во поглед на резултатите во културолошки поглед тоа би била споредба помеѓу два света – прогресивен и регресивен! Дури и времето на социјалистичкиот реализам во уметноста било поблаго, или поблагонаклонето, диктирало формули но правело и компромиси, имало пулени но не дискриминирало. И не можело да го заобиколи квалитетот туку-така.

Ние, односно тие – онаа на која што веќе нема да ѝ го спомнувам името, но и она тврдокорноно директорче – се пекмезат дека, ете, и Унковски, и Поповски и едикојси имале шанса да работат, да режираат. Добро, двапати во десет години, ама сепак. И на актуелниот министер му бутаа пред очи дека – пазете: тие – му финансирале книги. А Поповски дури и бил кај „онаа“ да ѝ бара не знам што. Какви бараби, какви бандити со криминално „алиби“ за сите злосторства што ги чинеа цела деценија контра кремот на македонската култура, во сите области. Како тоа да беа нивни пари, од дома донесени и резервирани само за нивните пајташи!

Десетгодишната катаклизмична епизода со монструозното владеење на „најпатриотската“ партија и разнебитувањето на македонскиот културен простор (разбран во најсеопфатната смисла на поимот култура!) не сведочи само за македонската необразованост, затвореност, ксенофобија, недостаток на демократски капацитети и склоност кон авторитарност и криминал. Односно, сведочи за сето тоа, плус за многу други нешта подеднакво сериозни и вредни за анализа/преиспитување, меѓу кои фашизоидноста е секако најстрашната, но и поводливоста, некомпатибилноста, клиентелизмот и коруптивноста, кукавичлакот итн. Но и културата разбрана во потесната смисла на поимот, па ограничена дури и само на творештвото како нејзин можеби најкреативен израз, односно сето она што цела една деценија го гледавме како доминантна чума во нашето опкружување, обеспокојувачки говори за некои историски македонски фрустрации коишто како притаени да го чекаа(т) погодниот миг да испливаат со сета своја жестокост. Па, ако сакате, и сето она, или повеќето од она што (не само јас) го пишував низ годиниве – онаа чудна, (за мене) необјаснива тенденција за самоизолација, ретроградност, автархичност итн. – сведочи за состојби кои порано не сме ги познавале, или пак, повторно, биле притаени за да бликнат во даден погоден миг. Како инаку да се објасни сето ова што ни се случуваше во културата и уметноста, во една модернистички ориентирана и отворена култура, жедна и желна за меѓународна афирмација, за контакти со другите култури, за импорт но и експорт, за „творечко достигнување на светот“?

Некој можеби ќе каже дека македонскиот синдром на самоуништување и овојпат го покажал своето лице. Можеби, не сум експерт за „историски лица“, ама ова и не може да биде македонско лице. Или сакаме да кажеме дека македонското лице е крминално лице, деградирачко, деструктивно, дискриминирачко? Не би се согласил со тоа зашто сме гледале и подобри верзии на македонското лице. Ова во најдобар случај може да биде некој локален сурогат, и сурат, некое квазимакедонско ѓаволско лице со стремеж не кон самоуништување, туку кон уништување на другите – оние различните, инакумислечките, слободоумните. Зашто ова грдо македонско лице, (не само) во културата инсталираше наци-фашистички методи и критериуми, воведе крајно деградирачки и дискриминирачки правила, спроведуваше ригидни, анахрони и авторитарни „политики“, се раководеше од провинцијални и простачки стандарди во културата и во творештвото. Повикувањето на „онаа“ на неколкумина платеници ала маџунковци, андоновци и останати „професори“, „многу професори“ не може и не смее да биде македонски репер. Такви маџунковци и андоновци, милчовци и трпчевци… како и секакви други слуги и молчаливи извршители на авторитарни режими историјата ги мете со железна метла. И овде воопшто немам намера да спорам за одредени нивни креативни дострели, ако има такви. Но и за тоа може да се разговара, нели? Сепак, овде првенствено говориме за човечкото лице во културата, за творци со интегритет и персоналитет, а не за партиски послушници и креативни апаратчици!

Токму тоа, а не „онаа“ беше мојата поента за ова време кое многумина ќе се обидуваат бргу да го заборават или нас ќе нè убедуваат – како она снисходливо директорче, но и многумина други – дека сè било нормално, дека институциите функционирале, дека уметниците биле задоволни итн. Најстрашно е што се обидуваат да нè убедат дека нивната мерка треба да биде и наша мерка, дека ова околу нас е вистинското лице на македонската култура, дека дури и „онаа“ која што не дека Нобелова награда не се добива „за книга“ туку за литературен опус е македонски профил на министер за култура!

Токму затоа, заради тие и такви подопашници кои не умееја или не сакаат да видат подалеку од сопствениот џеб, оваа култура мора да ја искористи шансата што повторно ја добива. Ако сака, се разбира, повторно да се врати во друштвото на современите европски култури, според сите стандарди. Тие стандарди во многу нешта нема да ни одговораат – сега и овде – но тие едновремено се и единствениот наш излез односно влез на светската културна сцена. Сите наши квазиносталгични и квазинационални теми, сите самоило-комитски дилеми и псевдоисторизации спакувани во неписмени и очајно скапи „креации“ на нашиве лумпен-творци веќе никој ни кај нас не сака да ги гледа/чита/слуша, а камоли во светот.

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Mothanna Hussein, Hadi Alaeddin, Warsheh

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото