Промоција на публикацијата „Од дијаспора до различности“

26.06.2017 12:14
Промоција на публикацијата „Од дијаспора до различности“

 

Промоција на публикацијата „Од дијаспора до различности“ и разговор на тема „Значењето на поимот дијаспора во контекст на современата култура и уметност“

 

28 јуни 2017 година, Кино Култура, 19.30 часот

 

Здружението на граѓани Есперанца – Светски културен центар, во соработка со Ремонт, независна уметничка асоцијација од Белград, Kunst Ost од Грац, и културната мрежа Oracle, ве поканува на промоцијата на публикацијата „Од дијаспора до различности“ и разговорот на тема „Значењето на поимот дијаспора во контекст на современата култура и уметност“.

Проектот „Од дијаспора до различности“ е реализиран во периодот од 2015 до 2017 година во Скопје, Белград, Загреб, Грац, Казабланка и Мастрихт во различни формати како изложби, работилници, конференции, дискусии и презентации. Основната идеја на проектот е преиспитување на значењето на поимот дијаспора на подрачјето на Западен Балкан, првенствено во полето на современата култура, во контекст на промена на амбиентот и начинот на живот, сè поголемата мобилност, глобализација и културен номадизам.

Публикацијата содржи преглед на активностите на проектот низ описи и документација на работилниците, изложбите, но и на авторските текстови на повеќето теоретичари, практичари со своите различни пристапи на оваа тема.

Учесници на проектот застапени во публикацијата се: Тања Остоиќ, Драган Протиќ (Шкарт), Урсула Кислинг, Анастас Вангели, Нада Прља, Лилјана Деру Симиќ, Марко Лулиќ, Владимир Пиштало, Игор Петковиќ, Ирина Карамарковиќ, Јохана Маркаде Мот, Милан Мијалковиќ, Моника Мокре, Александра Лазар, Лидија Димковска, Елизабета Шелева, Мелентие Пандиловски, Јане Чаловски, Сабина Гузиќ, Ивајло Дичев, Ирена Бекиќ, Дуга Мавринац, Ариан Лека, Драгослав Дедовиќ, Марко Стаменковиќ, Младен Бундало, диСТРУКТУРА, Андријана Гвозденовиќ, Ивана Ивковиќ, Jamesdin, Верица Ковачевска, Хана Милетиќ, Мирко Николиќ, Рајко Радовановиќ, Вахида Рамујкиќ, Нермин Дураковиќ, Нели Ружиќ, Мирјана Боба Стојадиновиќ, Јанка Вукмир и Мирослав Кариќ.

На разговорот во Кино Култура ќе учествуваат учесници и партнери на проектот, автори на текстот и уредниците на публикацијата, меѓу кои: Дарка Радосављевиќ (Ремонт), Елизабета Шелева (професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност), Мирјана Пеитлер-Селаков (Kunst Ost), Нада Прља (независна уметница и ко-основачка на Агенцијата за сериозни интереси), Роберт Алаѓозовски (Министер за култура), Мирослав Кариќ (Ремонт) и Јане Чаловски (независен уметни и ко-основач на Press To Exit). Придружете ни се во разговорот и дискусијата за следните прашања: Што значи денес поимот дијаспора? Како и дали се менуваат поетиките и личните ставови кога ќе се пресретнат со различни култури и искуства? Кои се предизвиците поврзани со оваа тема?

Како да се балансира помеѓу таму и овде? Додадете уште по некое прашање, вашето мислење и искуство се драгоцени.

Проектот „Од дијаспора го различност“ го поддржаа: Balkan Arts and Culture Fund (BAC), BAC е поддржан од Владата на Швајцарија преку Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), European Cultural Foundation (ECF), Civil society Civika Mobilitas, Регионалната платформа за култура Кооператива, Министерството за култура и информирање на Република Србија и Das Land Steiermark - Wirtschaft, Europa und Kultur.