Леонора Карингтон, нелагодност во надреализмот

26.06.2017 13:15
Леонора Карингтон, нелагодност во надреализмот

Сите раскази на Леонора Карингтон во издание на Dorothy Project (2017)

 

За да се разбере мачоистичката, егоцентричната природа на надреализмот и женските уметници од тоа време, не треба да се бара подалеку од Леонора Карингтон, жестоко имагинативната и задоцнето признаена писателка и уметница. Родена во 1917 година, во богато семејство во Ланкашир, Англија, Карингтон влезе во надреалистичките кругови откако се вљубила во почитуваниот уметник Макс Ернст, кој беше 26 години постар од неа. Заедно тие живееле идилично во едно француско село, занимавајќи се со уметност и приредувајќи вечерни забави кадешто Карингтон на гостите им служела омлет со кадрици од нејзината коса. Нивната романса се прекинува со Втората светска војна, кога Ернст е испратен во концентрационен логор. Карингтон набрзо потоа заминува во Мадрид, каде што претрпела нервен слом и била однесена во азил за ментално болни.

Карингтон би можела да биде совршен профил за femme enfant: млада - во раните дваесетти години, убава, ексцентрична и подложна на напади на лудило. Како што објаснува Чедвик, за femme enfant: „елементот на нестабилност што често се граничи со лудило... е дел од имиџот на жената-дете исто колку и нејзината наивност“. Бретон, кој го напиша романот „Надја“ што се базира на неговата романса со една жена која полуде, бил воодушевен од епизодата Карингтон - тој верувал дека лудилото на жената ѝ дава визионерска моќ и предизвикува многу емоции, таа станува уште поголем мит во очите на мажот. Како што пишува Чедвик, Бретон сметал дека лудата жена „е тема за научно и поетско истражување“ и дека лудилото ја претвора во „пасивна, немоќна, и на милост и немилост на несвесното“.

Фотографија на Леонора Карингтон (лево) и нејзин автопортрет (десно), во книгата „Жените уметници и надреалистичкото движење“ на Витни Чедвик

Но, Карингтон жестоко ја отфрлила етикетата „жена-дете“. Во 1983 година, таа изјави: „немав време да бидам нечија муза... Бев премногу зафатена со бунт против моето семејство и учењето да станам уметник“. Додека била заробена во азилот за ментално болни, таа или страдала од голема болка од инјекциите со кардиозал што предизвикаат напади, или халуцинацрала гола и врзана за креветот, додека лежела во сопствениот измет. Нема ништо за славење во нејзината состојба. „Тоа беше како да сте мртви“, ќе рече таа подоцна.

На предлог на Бретон, Леонора Карингтон пишува за времето поминато во азилот, три години откако била пуштена од таму во 1944 година. Во тоа време, таа веќе живеела во Мексико Сити, каде што се преселила откако се омажила за мексикански дипломат за да избега од семејството што сакало да ја контролира. Таа ќе остане во Мексико Сити сè до нејзината смрт во 2011 година, водејќи автономен уметнички живот и станувајќи феминистка во секој поглед. Во таа смисла во „Down Below“ не се работи за надреалната магија на лудилото, тоа е изненадувачки луцидна книга која, од една страна, ја демистифицира менталната болест, а од друга, открива како таа епизода ѝ донела јасна мисла и моќ на умот. И навистина, оваа тенка, но тешка книга, што е повторно издадена од „New York Review Books“ оневозможи Карингтон да се третира како пасивен примерок од некој друг свет, бидејќи таа самата го разложува сопственото искуство.

Како некој што навистина ја познава визуелната уметност на Карингтон, почнав да се сомневам во надреалистичките интерпретации на „Down Below“, а моите сомневања само се потврдија кога дознав повеќе за нејзиниот живот и прочитав повеќе нејзини ракописи. Покрај нејзината прва книга, „New York Review Books“ издаде колекција од нејзините илустрирани раскази за деца, „Млекото на соништата“, а „Dorothy Project“ ја објави антологијата на нејзините раскази, од периодот меѓу 30-тите и 70-тите години. Во целост, нејзиното дело кое не е многу познато, го покажува длабоко и доживотно уметничко трагање и ја артикулира нејзината визија за светот, што дефинитивно не е надреалистичка.

Книгата „Down Below“ на Леонора Карингтон, во издание на NYRB Classics

Лесно е да се згреши и нејзините слики на животни и човечките хибриди сместени во фантастични пејсажи да се помешаат со надреалистичката уметност. Нејзините слики не биле изложени на потсмев, бидејќи биле слободни, ирационални асоцијации слични на оние на нејзините машки врсници. Поточно, нејзината уметност е одраз на сериозен и вистински афинитет кон животните, бидејќи таа свесно се потпирала на келтските легенди на кои ја учеле нејзината ирска мајка и дадилката. Уште како млада, Карингтон ги апсорбирала приказните за животните кои имале телепатски особини, особено коњот, кој и во сликите и во расказите се појавува како еден вид нејзино алтер-его. Во познатиот автопортрет од 1937-38 година, таа се прикажува себеси со коса како грива, покрај лулка во вид на коњче, додека во далечината трча вистински коњ. Исто така, таа е и во друштво на хиена, животно што се појавува во расказот „Дебитантка“ (1937-38), каде една млада девојка се спасува од општествените обврски, убивајќи ја слугинката и одземајќи ѝ го лицето за да го носи како маска.

„Мислам дека животните имаат сè - можеби малку повеќе од нас, но верувам дека човечките суштества се животни“, вели Карингтон во интервјуто со Ханс Улрих Олбрист. Во нејзините раскази за деца, убавото, сурово момче го наоѓа еднаквиот на себе во еден насмеан крокодил, а имагинативна младина има крилја за уши, за да може да лета. Илустрациите се како скици за сликите на Карингтон што ве тераат да размислувате за ликовите - мршојад заглавен во желатин или шестоного чудовиште – што се среќаваат во нејзините до детали разработени пејзажи.

Дел од книгата „Млекото на соништата“

Нејзините раскази откриваат еден осамен свет каде што луѓето се сурови, го „камшикуваат“ зеленчукот и имаат „смртоносен мирис“. Единственото друштво се животните - како што кажува еден лик: „Имам малку пријатели и среќен сум што имам пријател коњ“. Стилот на пишување на Карингтон е работа на факт, тој е смирен и покрај описите на апсурдни и честопати насилни настани. Таа се прикрива со чудни, евоцирачки детали, без да им обрнува многу внимание; „белите раце на господинот гестикулираа како обезглавен труп на слон“ или „долгата коса на жената секогаш беше полна со ноќни животни“. Она што го гледаме како фантазија, Карингтон го доживува како реалност. „Иако нема да ми верувате, мојата приказна е убава“, пишува таа во воведот на еден расказ.

Така и „Down below“ има сопствената логика, при што работите на Карингтон, како ноќните креми и турпиите за нокти имаат космичка моќ, а таа со едно завртување станува автомобил, сонце или месечина, непријатната медицинска сестра, пак, се перцепира како правосмукалка. Карингтон ги рационализира своите искуства во азилот, користејќи го нејзиното келтско воспитување и фасцинацијата со алхемиската трансформација. Опишувајќи ги почетните фази на нејзиниот нервен слом, таа пишува: „Сѐ уште бев ограничена на мојот сопствен сончев систем и не бев свесна за системите на другите луѓе“. Но, на крајот таа ќе стане болно и акутно свесна за нив. „Одеднаш станав свесна дека сум смртна, дека може да бидам повредена и уништена. Порано не мислев така“, изјави таа неколку години подоцна.

Дел од книгата „Млекото на соништата“

Во своите мемоари и раскази, како и во нејзината визуелна уметност, Карингтон се стреми да ги разбере „системите“ на луѓето; да ѕирне во нив и да ги визуелизира сите нивни убави или грди особини, често преку инкарнации на животни како во бајките. Злите ликови имаат коса „како црни змии“ или „се смеат како птици“, а добрите имаат кожа што сјае како ѕвездите. Во филмот на Памела Робертсон Пирс за жените надреалистички уметници, „Надарена убавина“ (2000), Карингтон советува: „Мора да ја слушаме душата... и да препознаеме кога се работи за душата... Секоја душа има демон.“

Ми се чини дека и нејзината литература и визуелната уметност ја остваруваат токму оваа вежба - еден вид проучување на човечката душа.

Карингтон не ја интересираше талкањето на умот, таа сакаше да истражува уште подлабоко и постојано да прашува. Сметаше дека тоа е дарбата на уметникот, кој таа го опиша како еден вид волшебник, но својата магија таа не ја искористила да маѓепса некој маж, туку да биде независна. „Душата е многу важна“, вели Карингтон во „Надарената убавина“.

„Мора да ја поседувате сопствената душа колку што е можно повеќе. ... Не препорачувам да му ја предадете на некој полузадоволувачки маж.“

Чудовиште со црна роденденска торта (од „Млекото на соништата“)

 

Извор: Hyperallergic

ОкоБоли главаВицФото