The Wall како ѕид на машкото неразбирање

27.06.2017 10:04
The Wall како ѕид на машкото неразбирање

Веќе е познато дека бендот Пинк Флојд е основан 1965 година во Лондон, и тоа благодарение на харизматичниот Сид Берет кој околу себе ги собрал музичарите како Роџер Вотерс, Ричард Рајт и Ник Мејсон. Подоцна им се придружува Дејвид Гилмор, додека Сид Берет го напушта составот. Бендот ги остварил своите први успеси со настапите во клубовите Ufo, Marquee и Queen Elizabeth, водечките центри на андерграунд движењето, кое во тоа време било популарно во Англија. Настапите на Флојд биле иновативни, а нумерите забележани заради експериментите и честото воведување немузички елементи, што е и одлика на жанрот психоделичен рок на кој му припаѓал бендот во таа етапа од кариерата. Покрај музичките иновации помал дел од нивните албуми истакнувал одредена приказна и се занимавал со одредени општествени проблеми. Појавата на вакви албуми се совпаѓа со периодот на комерцијалниот подем на бендот, но и со заминувањето на Сид Берет како движечка фигура. Покрај тоа, во исто време се забележувало подоминантното влијание на Вотерс и неговите идеи. Затоа, разбирливо е што во тој дел од кариерата бендот се фокусирал на творење музика со социјална порака, зашто Вотерс инсистирал токму на такви албуми. Ако некој се запраша што е тоа што албумите на Пинк Флојд и денес ги прави популарни, па и интригантни, еден од одговорите би бил дека тоа е нивниот приказ на одредени општествеини проблеми кои се актуелни и денес. Еден од таквите социјално ангажирани албуми е The Wall. Преку приказната за протагонистот Пинкертон Флојд, тој ја изнесува темата за самоизолација, а гледано пошироко ги прикажува и долгорочните последици што Втората светска војна му ги остави на целиот свет.

Движечката сила за настанувањето на албумот The Wall ја добил басистот Роџер Вотерс за време на турнејата In the Flesh (1977), со која бендот го претставил албумот Animals. За време на оваа турнеја Вотерс бил разочаран од несериозната реакција на публиката, мислејќи дека е тука за да го воздигнува него и останатите членови на бендот како рок икони, а не за да се потруди да ја сфати пораката на албумот Animals. Тогаш дошол до идејата за настап на кој изведувачите би биле физички одвоени со ѕид од слушателите. Потоа, заедно со остатокот од бендот ја осмислил приказната за протагонистот наречен Пинкертон, или кратко, Пинк Флојд, а самиот албум The Wall е издаден 1979 година. Благодарение на богатата содржина, според неговите мотиви е снимен истоимениот филм кој го режирал Алан Паркер, додека главниот јунак го игра Боб Гелдоф. Основата на филмот е тоа што протагонистот Пинк Флојд во животот минувал низ мноштво проблеми, од кои секој станал една цигла во неговиот метафоричен ѕид. Покрај загубата на татко му, нетрпеливоста спрема власта и општествените системи, стравот од тоталитарниот терор кој ќе кулминира со фантазијата дека и самиот станал еден вид неонацистички диктатор, главниот јунак се соочува со проблемите во однос на женските личности во својот живот, на кои навистина им се посветени сите четири сегменти од албумот. И како што неговиот однос со светот е прикажан како спротивставување на желбата за отуѓеност и потребата да биде дел од тој свет, така и во контекст на односите со жените се јавува амбивалентност со која се означува поимот мизогинија. Тој феномен е актуелен и денес, кога борбата за правата на жените и нивното место во светот трае и понатаму, па затоа е интересно што од современ аспект се посматра начинот на кој е прикажана мизогинијата на протагонистот во албумот The Wall, снимен пред повеќе од триесет години.

Мизогинијата во албумот The Wall

Метафоричниот ѕид на изолацијата од светот на протагонистот Пинк Флојд се состои од подеднакво метафорични цигли, кои претставуваат по еден негов животен проблем, застапен и обработен во одреден дел од албумот. Сепак, споменато е дека еден од проблемите, а тоа е мизогинијата на главниот јунак, се појавува во повеќе сегменти од албумот и дека со самото тоа е повпечатлив. Интересно е што проблемот на мизогинијата заземал мошне доминантно место во рамки на албумот The Wall како мошне политички обоено остварување кое се занимава со темата која е актуелна во времето на своето настанување, а тоа е Студената војна. Може да се постави прашањето како во толку политички ангажиран албум кој се занимава со отуѓувањето на машкиот лик – музичар, токму односот со жените и улогата на жените добил толку значајно место? Ако се земе предвид дека албумот The Wall ги следел актуелните општествени прилики, може да се заклучи дека овој албум делумно е и одек на вториот бран на феминизмот, чии придобивки во времето на неговото појавување значајно се рашириле во светот. Доколку приказната за јунакот Пинк Флојд се набљудува од овој аспект, тогаш неговиот метафоричен ѕид претставува и механизам за одбрана од збунувачката ситуација во која тој не знае како да се постави спрема женските личности во својот живот, и како единствен излез го гледа токму криењето зад својот ѕид. Преку животот на протагонистот, членовите на бендот го прикажале амбивалентниот однос кон жената, во кој потребата за присуство и улогата на жената се испреплетуваат со одбивноста кон неа и неразбирањето од страна на машкиот лик, немоќен да се соочи со тој проблем. Ваквото доживување на жената е забележливо уште во првиот дел од албумот кој се занимава со детството на Пинк, и тоа во завршната песна „Mother“, напишана во вид на дијалог помеѓу мајка и син. Преку стиховите на оваа песна е прикажано како јунакот ѝ се обраќа на мајка си со прашања поврзани со секој аспект од животот. Едно такво прашање се јавува уште во првиот стих од песната: Mother, should i build the wall, зашто градењето на ѕидот претставувало клучна животна одлука за главниот јунак. Потоа, според одговорите на мајката јасно е дека таа е претерано заштитнички ориентирана кон детето, и дека тоа, ни во подоцнежниот период од животот, нема да може да се ослободи од нејзиното влијание, да го спознае светот и себеси. Токму за тоа зборуваат стиховите: Mama’s gonna keep you right here, under her wing/ She won’t let you fly, but she might let you sing или: Oh baby, you’ll always be baby to me. Паралелно со овој дел од песната, во филмот се прикажани сцени во кои Пинк оди во креветот на мајка си и спие покрај неа барајќи заштита. Проблемот се појавува кога во него се формира чувството дека секоја женска фигура во животот треба да ја доживува како заштитничка, па подоцна ќе очекува сличен однос од својата жена. Кога веќе се споменуваат партнерките на Пинк, мајката и за нив донесувала свој суд преку иницијатива на синот, а тој гласел вака: Mama’s gonna check all of your girlfriends for you/ Mama won’t let anyone dirty get through, што значи дека управувала и со сексуалниот аспект од животот на својот син. Очекувано е толкавата контрола да има за последица некаков чин на бунт, што во филмот го прикажува сцената со момчето Пинк кој скришно од мајка си, и тоа со цигара, со двоглед гледа провокативна сцена со соседката. Песната завршува со прашањето: Mother, did it have to be so high, кое се однесува на ѕидот на Пинк и го зацврстува мислењето дека проблемот што го поттикнал на идејата за самоизолација во најголема мера бил односот со мајка си.

Една од сликите што ја придружува песната „Mother“ во филмот е онаа во која Пинк ја посматра мајка си во кревет додека покрај неа лежи насмеан труп. Нималку пријатна глетка. Имено, бидејќи веќе е споменато дека главниот јунак како момче имал навика да се стутка и да спие покрај мајка си, оваа сцена би можело да се протолкува како негово ненадејно спознание дека токму таа врска со мајка си го убива и го кочи. Бидејќи во филмот на песната „Mother“ директно се надоврзува нумерата „Empty Spaces“ посветена на односот со сопругата, дали може да се заклучи дека Пинк по ова сознание побегнал барајќи прибежиште во друга женска личност? Таа личност е неговата сопруга, од која тој, како што се гледа во филмот, исто така бара заштита. Од друга страна, прикажано е и дека јунакот на својата жена воопшто не ѝ посветува доволно внимание – ја игнорира, во една сцена внимателно ја следи телевизиската програма без да види дека таа покрај него се соблекува. Заклучок: главниот јунак бара многу од жената, но самиот не е подготвен да ѝ посвети доволно внимание. Женската фигура му е неопходна, иако тој не знае како да се однесува со неа. Токму овој аспект од приказната за Пинк би можел да се поврзе со проблемот кој е актуелен сè уште, а тоа е недоволното признавање на значењето на улогата на жените во општеството. Потребата за внимание е прикажана и во сцената каде Пинк во отсуство на сопругата се тресе во креветот стискајќи ја перницата, а во неговите мисли се испреплетуваат слики од односот со мајка си и односот со сопругата. Кога станува збор за бракот на Пинк, ниедна песна во албумот не зборува конкретно за него, што може да значи дека Пинк не го сфаќа и не го прифаќа ниту концептот за брак, ниту го прифаќа самиот факт дека тој веќе е во брак и дека мора да ја прифати својата улога во таа ситуација. Ваквиот вид одбивност и страв од сопругата се поврзува со појавата која потпаѓа под мизогинијата, а тоа е уксорофобијата. Во склад со постојаната запоставеност, сопругата на Пинк, како што прикажува филмот, најпосле ќе побара внимание и нежност од друг маж. Нумерата „Empty Spaces“ зборува токму за раздорот помеѓу сопружниците и заминувањето на сопругата. Повеќето од стиховите се низа прашања без одговор за тоа дека јунакот не знае како да го пополни јазот помеѓу себеси и својата сопруга, што повторно наведува на заклучокот дека тој не е способен да оствари урамнотежен однос со женска личност. Интересно е што на почетокот од оваа песна како позадинска порака се појавува повикот што го добил Роџер Вотерс од својата исто така неверна жена Керолајн. Затоа се смета дека дел од приказната за жената на Пинк носи негов автобиографски печат. Згора на сè, во рамки на нумерата „Empty Spaces“, повторно се јавува алузијата на ѕидот на Пинк во стиховите: How shall I fill the final places?/ How shall I complete the wall? што уште еднаш го потврдува фактот дека неговата изразена мизогинија, оставала најголем белег од сите негови проблеми и најмногу влијаела на неговата одлука да се изолира од светот.

Заминувањето на сопругата многу го скршило главниот јунак, а најлошо е што тој и понатаму не сфаќа каде греши во односот со жените. Повреден и збунет, бара женска личност која ќе му биде лесна попатна забава, како што и кажуваат стиховите на песната „Young Lust“: I am just a new boy, stranger in this town/ Where are all the good times, who’s gonna show this stranger around?/ Oh, I need a dirty woman, oh, I need a dirty girl. Кога ќе пронајде таква жена, зашто тој сепак е ѕвезда, јунакот повторно не е задоволен. Во односот со својата девојка делува апатично и незаинтересирано. Пинк повторно размислува за својата поранешна жена и за тоа како се ладел нивниот однос. Во него се насобира разочарување кое ќе се изрази преку разбеснето уништување на хотелската соба во присуство на исплашената девојка, а ќе кулминира со фрлање на телевизорот низ прозорецот, кога девојката ќе ја искористи можноста и ќе побегне. Фактот дека оваа песна означува пресврт во приказната каде протагонистот донесува конечна одлука да изгради ѕид за потполна изолација, укажува дека неговата неможност со жените да оствари и да одржи однос на приврзаност, впрочем претставувала клучен проблем, оној кој најмногу влијаел за да се дистанцира од светот. Ако се набљудува понатамошниот развој на приказната, во периодот кога Пинк веќе е затворен во својот ѕид, повторно се јавува копнежот за некоја личност кон која би чувствувал блискост. Во нумерата „Hey You“, главниот јунак упатува повици до некој од другата страна, барајќи избавување од самотијата, Hey you, out there in the cold, getting lonely, getting old, can you feel me? Иако, песната завршува со реченицата: Together we stand, divided we fall и сфаќањето дека човекот не може да биде сам во животот, главниот јунак е свесен дека заради одредена причина не е способен да се ослободи од својата несигурност и мизогинијата и со некого да одржи стабилен однос: But it was only a fantasy/ The wall was too high, as you can see/ No matter how he tries, he cannot break free/ And the worms ate into his brain.

Во песната „The Trial“ каде приказната кулминира и доаѓа до расплет, повторно најзастапени ќе бидат женските ликови, мајката и сопругата. Мајката се појавува како заштитничка фигура зборувајќи: I’ve never wanted him to get into any trouble. Со тоа секако се јавува и посесивната приврзаност на мајката со синот: Why’d he ever have to leave me? Worm, your honour, let me take him home. Спротивно на мајката, поранешната сопруга нема толку помирлив став за Пинк. Еве поголем дел од нејзиното обвинување: You should have talked to me more often, Than you did, but no! You had to go, Your own way, have you broken any Homes up lately? Впрочем, во оваа строфа се гледаат проблемите во односот на главниот јунак со сопругата кои лежат во неговиот премногу истакнат индивидуализам и во тоа што не бил подготвен да вложи доволно труд во бракот, а на сопругата да ѝ го посвети очекуваното внимание. Сепак, дали е во прашање чист индивидуализам? Или од сето споменато може да се заклучи дека главниот проблем што го навел Пинк да се отуѓи од општеството бил во неговото неразбирање на жените, па со самото тоа и неможноста да изгради таков однос? Покрај тоа, недоволната блискост со сопругата може да се поврзе и со, за жал и понатаму важечкиот, општествено-прифатлив концепт за однесувањето на мажите, кој му наложува своите чувства и проблемите да ги чува во себе и ниту случајно да не ги споделува со женската личност крај себе. Иако, протагонистот поминувал низ сериозни проблеми како што е губењето на машка фигура која би му била пример, потоа несфатеноста која го следела како поет и музичар, бунтот спрема системите и најпосле триповите дека станал неонацистички диктатор, на крајот ќе се покаже дека тие не се најважните, Имено, сите овие проблеми одат во позадина, кога ќе се земе предвид дека најзастапени и највпечатливи се токму приказите на односот со женските личности, како и грешките што ги правел Пинк во тие односи. Дали она кон што тежнеел главниот јунак, наместо самоостварување на уметникот, впрочем било остварување на стабилна и трајна заедница со женска личност, која тој не можел да ја заснова токму заради својата мизогинија?

Извор: http://kulturkokoska.rs