На брзата помош не ѝ се гледаат регистарските таблички!

27.06.2017 10:18
На брзата помош не ѝ се гледаат регистарските таблички!

„Секој потег што се стреми да го урне воспоставениот, доминантен, симболички, политички и културен систем, треба да го гледаме како наша врата во иднината и гаранција за опстанокот. Ние мораме да бидеме нација што секогаш гради ново, секогаш се труди да биде на копјето на промените и постојано да се редефинира себеси, гледајќи единствено и само во иднината.“ Ова е Васко Лазаревски.

Феноменален статус на неговиот фејсбук-профил. Краток увод во филозофијата во која модерна Македонија ќе мора да го бара своето ново саморазбирање. Понеже, старото е исцрпено. Потрошено е. Како шизофреност што нè однесе во перманентен судир со целиот свет. И со самите себе. На повеќе начини, но пред сè така што ни помогна македонизмот да го ослободиме од сите други својства освен од својството да работи против себе.

Коперниканскиот пресврт што го прави Заев во односите со Софија јас го гледам низ призмата на оваа филозофија на создавањето, на слободата да се бараат нови решенија, на нови нивоа, во нови форми што ќе дојдат на местото на формите на одбраната, на фрустрациите, на бесплодните морализаторства и сл. во македонизмот како жив, компетитивен феномен, а не феномен што постои само во својот страв и од стравот за себе. Еве неколку аспекти што ја дефинираат таа потрошеност, всушност, смртоносната позиција во која се заплетка Македонија.


Смртоносен политички мит

Социјалистичката епопеја на конституцијата и изградбата даде епохални резултати, но со сите тие волшебни дострели, не успеа да ја консолидира нацијата, нејзината структура и култура, нејзиниот институционален поредок на нивото кое ќе гарантира одржлив опстанок и развој во слободниот свет. Врз основа на приказната за самата себе. Лагите во таа приказна кои имаа смисла во времето на конституцијата, во услови на демократијата се појавија како сурови вистини и ја доведоа државата и нацијата пред крах. Се разбира дека мислам на вмро и на сите митолошки тралалајки сврзани со овој клучен идентификациски мит. Илинденската епопеја влезе низ отворените врати на демократијата во форма на вмро-дпмне и покажа дека од тој мит може да се создаде и реализира само смртоносен политички концепт што ќе ја изопшти Македонија од цивилизираниот свет во драматичното искуство на груевизмот. Славните јунаци навистина станаа од гробовите и направија ’ршум.

Фактот дека така интензивно се занимаваме со темата за идентитетот не ги покажува омразата и претензиите на нашите соседи, макар што и такви работи не недостасуваат, туку проблематичноста на самиот идентитет, особено на неговата историска димензија, на неговата политичка кондиција и на неговата интерпретациска ширина.

Тоа е така зашто во прашање е најмладиот идентитет, најнов на политичката карта, што соседите го земаат како основа за да гледаат на него како на конструкт односно политички проект што ги загрозува или може да ги загрози нивните интереси.

Изборот на темата за идентитетот за основен медиум преку кој ќе се одвиваат и развиваат пласманите на државата во новите услови на независност, демократија и слобода се покажа катастрофален и во поглед на внатрешното хармонизирање и кондиционирање и во поглед на надворешните релации. Албанците внатре и соседите и светот надвор беа обликувани во непријателски формации и во таквото својство како стандардни репери на македонското постоење.

Во политички и геополитички амбиент во кој македонистичката позиција слабееше, а нивната растеше: Албанците станаа конститутивен елемент без кој државата не може да се замисли; Бугарија одамна не е територија на која продававме чорапогашници и фаќавме убави жени, туку членка на НАТО и ЕУ, историски, политички и геополитички, културно, консолидирана земја; Албанија не е веќе последна европска дупка, туку членка на НАТО; го имаме Косово како нов и многу важен геополитички фактор... А ние Македонците останавме без Југославија, а го добивме вмро-дпмне! Дупла штета!


Нашиот балон паѓа

Идентитетот го претворивме во оружје со кое ќе се самоубиеме. Си ги отсековме вените со жилетите на името, нацијата и јазикот и пуштивме супстанцата да истекува од нас. Пропуштивме да забележиме, а пропуштивме зашто така ни сугерираше нашата култура, дека идентитетот надвор од модерните пласмани во политиката, економијата, културата или спортот - е фолклорна категорија, не категорија на историскиот субјективитет.

Со други зборови, фатија да истекуваат сите рокови во кои Македонија и Македонците, посебно, имаат шанса да влезат во нов филм за себе и на тоа ново поле на расудувањето и на саморазбирањето да најдат спас за себе и перспективи за својата кауза. Нашиот балон паѓа и мора да се ослободува од баластот, половина или цел Самоил, па што, разбирање за бугарските позиции во кои тие не ја признаваат комплетноста на македонската посебност, со прилично многу и издржани и меѓународно верификувани аргументи, не е слабост, туку достоинство за македонската страна, кој може да ги спори заедничките аспекти на историјата, процесите и личностите и настаните што ги допираат и двете страни, што има лошо во тоа да се шутнат во аут одвратните и страшно манипулативни тези за посебната етногенеза на македонската нација (Трајко Вељановски).

Бугарија е за унитарна, целовита, стабилна Македонија, интегрирана во НАТО и во Европската Унија, тоа е клучниот став на Борисов, кој е релевантен за модерна Македонија, а не дали договорот ќе биде експлицитно потпишан на македонски јазик. Капиталните инфраструктурни проекти што ќе нè поврзат меѓусебно и со Европа - тоа е битно, а не дали Бугарија ќе го признае македонското национално малцинство. Нема да го признае и што со тоа!

Почеток на преговорите со ЕУ или макар положување основи за почеток за време на бугарското претседателство, тоа е битно, а не што бил по националност свети Климент или Гоце Делчев.

Ако има возило со кое можеме да стигнеме до спасоносните геополитички клиники во Брисел, глупаво е да гледаме какви регистарски таблички има. И без притисок од Бугарија треба да направиме ревизија на учебниците зашто се полни со глупости, особено свесно размножени за време на злосторничката власт на вмро-дпмне; цивилизираниот однос кон историските споменици е цивилизациска обврска, а не слабост, и така натаму. Дури и кај крупните теми има основи за ревизија.


Пливање наспроти матицата

Фактот дека Македонија не постоела како слободна земја до 1945 година го доведува во проблеми ставот дека Бугарија ја окупирала Македонија на почетокот на Втората светска војна.

Можеби можеме да говориме за бугарско присуство во Македонија, без да ги доведуваме во прашање неспорните факти дека тука дошле користејќи ги перформансите на нацифашистичката платформа за новиот светски поредок. И злоделата што тука ги направиле. Боже мој, такво било времето. Се разбира, како политички и државен режим. Не како нација и не како држава во општа смисла, што исто така е, односно треба да биде важна дистинкција.

Ретроактивните историски пласмани и оценки врз база на подоцна одржавотворната македонска национална идеја, доведуваат до судир меѓу тековната историска стварност во минатото и потребите за историска легитимација на во меѓувреме формираниот субјект, Република Македонија. Во тој дел односно во нереалните аспекти на македонската самопретстава се јавуваат политички проблеми што со малку добра волја можат да се решат и, еве, се надевам дека во овој пробив што го прават Заев и Борисов ќе се решат.

Заев ја сфати критичноста на македонската позиција и затоа реши да плива контра матицата. Му честитам на храброста и спремноста да го понесе ризикот. Да ја промислува стварноста на поинаков начин. Да гледа во иднината решавајќи ги историските противречности, а не укопувајќи се во нив. Шоковите што ги предизвика кај историчарите и посебно кај таканаречените патриоти, не се работи што треба да го вознемируваат, туку да го охрабруваат да оди на слични исчекори и во односите со Грција.

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат